Македонија брка бод во Загреб
6 септември 2012Членовите на македонската фудбалска репрезентација претпладнево допатуваа во Загреб каде утревечер од 20 часот и 15 минути против домаќинот Хрватска ќе го одиграат првиот натпревар од новиот квалификациски циклус за Светското првенство. Атмосферата меѓу репрезентативците е добра и сите се надеваат на позитивен исход од нивниот дуел со хрватската селекција.
Капитенот Горан Пандев за хрватските медиуми ја повтори вчерашната изјава дадена на пресот во Скопје дека Хрватска има многу квалитетен состав и дека е фаворит на утрешниот дуел, но дека тој и неговите соиграчи ќе дадат максимум за остварување на позитивен резултат, а тоа е се освен пораз.
Оптимистички изјави за новинарите кои беа на аеродромот во Загреб даде и македонскиот селектор Чедомир Јаневски.
„Очекувам да одиграме добро и на крајот да освоиме барем бод против фаворизираниот противник, рече Јаневски. Запрашан дали се плаши од Хрватска, македонскиот селектор со одговор дека во моментов се плаши само од Сирија, алудирајќи на тамошната безбедносна состојба.
Македонија во досегашните две гостувања во Хрватска загуби двапати, но двата пораза беа минимални (2:1 и 3:2) и со гол примен во завршниот дел од натпреварите.