Како С. Македонија се „најде“ на крилата на некупените Ф-16?
20 август 2021Продолжува неизвесноста за решавање на отворените прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, со оглед на најавите дека и вториот мандат за состав на нова бугарска влада ќе биде вратен, што значи дека Скопје и во наредниот период нема да има соговорник во Софија кој може да носи одлуки. Претседателот Румен Радев денеска ќе го предаде вториот мандат на втората по големина парламентарна група во 46. Национално собрание – Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ). Од ГЕРБ веќе изјавија дека веднаш ќе го вратат мандатот, а партискиот лидер Бојко Борисов најави дека ќе претстават состав на владата, само за граѓаните да можат да направат споредба.
Тој вчера изјави дека „не знае каде е земјата во моментов“.
„Однадвор изгледа одвратно. Од лидер на Балканот, во моментов сме испокарани со речиси сите соседи – со Северна Македонија и Албанија кои ги запревме, на Турција не ѝ испративме помош за пожарите, а сега Турција ќе игра се поважна улога по настаните во Авганистан“, изјави Борисов за бугарски медиуми.
Повеќе: ИТН и БСП ги потврдиле бугарските позиции кон Скопје
Но, од страна на ГЕРБ, деновиве Северна Македонија беше ставена и во уште еден контекст.
„Тежок неуспех во надворешната политика. Сега сфаќам дека се обиделе нешто тајно за замачкаат во односите со зад океанот, штом нарачуваат авиони во услови на оваа тешка економска криза“, изјави Борисов, откако стана јасно дека привремената влада продолжува со подготовката за набавка на уште 8 борбени авиони Ф-16 од САД. Иако таа набавка е наведена во инвестицискиот проект за модернизирање на авијацијата усвоен од Народното собрание во 2018 година, а изборот на Ф-16 е направен од последната влада на Борисов, парламентарна група на ГЕРБ ја стави Северна Македонија во декларација претставена пред пратениците, токму во контекст на таа набавка и со сомнеж за мотивите.
„А можеби има други преземени обврски, кои за разлика од оние кон сојузниците за Северна Македонија, имаат свое продолжение?“, гласи шестото прашање во декларацијата на ГЕРБ.
Некои бугарски медиуми прашуваат кој е вистинскиот став на ГЕРБ, со оглед дека Борисов во јуни обвини дека претседателот и привременета влада „го делат народот и за темата Северна Македонија“.
„Радев ја подели државата во сè (...) Сега го разделија народот и за темата ‘Северна Македонија' (...) Замислете си дека вие сте Македонци. И соседите, најблиските луѓе, ви велат: ‘Нема да одите во Европската Унија. Нема да одите таму'. Дали ќе нѐ сакаат?“, праша Борисов во јуни (предизборно), откако претходно токму неговата влада ги блокираше преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Според дел од аналитичарите, сега и новите „свртувања“ може да се дел од предизборен пакет, со оглед дека земјата се движи кон трети избори.
Изговор или реален проблем?
Според европатеникот Андреј Ковачев, властите во Скопје непотребно бараат изговор за непочнувањето преговори со ЕУ во фактот што сѐ уште не е избрана влада во Бугарија. Причината за тоа ја лоцира во неисполнетите обврски од Договорот за добрососедство, посочувајќи дека Северна Македонија имала доволно време за тоа уште од 2017 година, кога тој е потишан. Убеден е дека огромното мнозинство македонски граѓани имаат добри чувства за Бугарија, но тоа не е прифатено да се манифестира јавно.
Повеќе: Пратениците ја изгласаа Резолуцијата за црвените линии во преговорите со Бугарија
„Антибугаризмот на југословенската елита во Скопје пречи за членството на Северна Македонија во ЕУ, а не Бугарија“, изјави Ковачев.
„Нема напредок дури ниту за петте точки за кои беше разговарано со при последната посета на премиерот Зоран Заев на Бугарија во јуни. Покрај тоа, македонскиот парламент ги усвои нивните таканаречени 'црвени линии' (...) PCM вложува многу напор и пари во спротивна насока. Тие се обидоа да ги блокираат сите бугарски инвестиции и влезот на бугарските медиуми“, изјави бугарскиот европратеник.
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи деновиве информираше дека пред неколку недели имало состанок помеѓу експертските тимови на РС Македонија и на Бугарија, на кој разговарале за сите детали од последните разговори во Софија на премиерот Зоран Заев.
„Очекуваме таа комуникација да продолжи, меѓутоа очигледно е дека е потребна политичка влада за да може да се направат суштински исчекори. Но мојот став е дотогаш да не се создаде 'гап' во комуникацијата, бидејќи тогаш потешко ќе може да се создаде атмосфера за продолжување на разговорите“, изјави Османи, додавајќи оти треба да се продолжи со мерките за градење доверба.
Трет мандат или трети избори
Сѐ уште е неизвесно кога Бугарија ќе добие политичка влада. Претседателот Радев сега не е должен да го даде третиот мандат на третата по големина парламентарна група. Партијата „Има таков народ“ (ИТН), која не успеа да состави влада, објави дека нема да поддржи трет мандат, без оглед на која партија ќе ѝ биде доверен. Но, ни партиите кои би можеле да го добијат третиот мандат - ДБ, ИБГНИ или БСП, без поддршка од ИТН го немаат нужното мнозинство за избор на кабинет, што води кон неизбежни трети избори.
Повеќе:Бугарија и по овие избори во политичка пат позиција?
Запрашан што очекува од евентуални нови избори, Борисов изјави дека нема дилема.
„Категорична победа на ГЕРБ. Луѓето се осознаа, видоа дека тие (опонентите, н.з.) не само што си поигруваат со државата, туку ги ставаат под ризик луѓето“, изјави лидерот на ГЕРБ.
Но, нема дециден одговор дали по трети избори ГЕРБ сама може да состави влада.
„Мислам дека по овие избори сите партии треба да си ја сменат реториката, ние мора да се усогласиме со народот. Кога не си успеал еднаш, кога не си успеал вторпат, третпат, не знам што повеќе сакаат. Народот категорично им кажа - ниедна партија не може сама. ГЕРБ може да го поддржи секој што ќе состави програма од 10 важни точки или 15 или 7. Ако партиите не сакаат, народот на крајот со камења ќе ги избрка“, прогнозира Борисов.