1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со „македонски Бугарин“ до државјанство по скратена постапка

22 февруари 2021

Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола во претстојниот попис виде шанса за забрзување на постапката за бугарско државјанство. Барањето е испратено до официјална Софија.

Bulgarien Bulgarischer Pass
Фотографија: BGNES

Секој граѓанин на Северна Македонија кој со фотокопија од пополнетиот формулар на пописот ќе докаже дека се осмелил да се регистрира како „македонски Бугарин“, да добие бугарско државјанство по скратена постапка.

Големо внимание во Бугарија предизвика ваквото барање, кое Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола го испратил до бугарскиот државен врв - претседателот Румен Радев, премиерот Бојко Борисов и вицепремиерите и министри за надворешни работи и за одбрана, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов.

Писмото, кое е објавено и на Фејсбук-страницата на Културниот центар, според бугарски медиуми, веќе било примено на посочените политички адреси.

„Се чека ред“

Во писмото се вели дека во последните години повеќе од 100.000 македонски Бугари добиле бугарско државјанство, а уште десетици илјади се пријавиле за истото.

„Тука, во Битола, пред бугарскиот конзулат редици луѓе чекаат. Секој од овие Македонци потоа ќе оди лично во Бугарија за да го прогласи својот бугарски идентитет и да достави документи. И покрај масовната кампања против овие луѓе во Македонија, тие не се помалку патриоти на својата земја. Тие ја сакаат Македонија дури и повеќе од другите. Тие не се 'фашисти', 'Татари' или кое било малцинство, туку голема заедница на Македонци кои го зачувале својот бугарски идентитет. Нашата јавна сатанизација нè принудува тука да се оправдаме дека бараме бугарски пасоши затоа што сакаме да патуваме во Европа. Ова секако не е точно, затоа што дури и со македонски пасош патувате без виза за Европа, а во исто време повеќето македонски Бугари немаат намера да ја напуштат својата татковина Македонија“, се вели во писмото.

Во писмото на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола се вели дека во последните години повеќе од 100.000 македонски Бугари добиле бугарско државјанство, а уште десетици илјади се пријавиле за истотоФотографија: BGNES

Притоа укажуваат дека на македонските Бугари на претстојниот попис ќе им биде тешко да ги надминат стравовите засадени во 1944 година, и затоа даваат предлог. 

„Стереотипите против нас сè уште се во учебниците по историја и овие стереотипи го нарушуваат нашето право на слободно изразување. Така имаме апсурдна ситуација: десетици илјади доаѓаат во Софија за бугарско државјанство. Со своите потписи се декларираат како 'Бугари по потекло', а овде на пописот не се осмелуваат да се запишат како македонски Бугари (...) Бараме радикално поедноставување на постапките за добивање бугарско државјанство, што ќе не' заштити од притисокот на бугарофобијата. Зарем ова не е точно значењето на бугарското државјанство - да ги заштити нашите права?! Апелираме секој граѓанин на Северна Македонија кој со фотокопија од пополнетиот формулар за време на пописот ќе докаже дека се осмелил да се регистрира како 'македонски Бугарин' да добие по желба бугарско државјанство по скратена постапка. На овој начин, би избегнале да бараме сертификати за потекло, кои раѓаат шпекулации за корупција и кои можат да им ја откријат на локалните служби нашата намера да добиеме бугарско државјанство. Така, бугарската држава ќе ги заштити македонските Бугари кои се изјавиле на пописот“, се вели во писмото.

На крајот се изразува верување дека барањето ќе биде разбрано затоа што е во интерес на луѓето од двете страни на границата, која е разделена од тешка историја.

Повеќе:

До портите на Европа и околу нив

Медиуми и факултети ќе ги отвораат железните врати меѓу Скопје и Софија

За бугарски пасош Македонците плаќале по 1.000 евра!

Брзата писта

Според досегашната практика, во Бугарија по скратена постапка се издаваат пасоши на лица кои можат да го докажат своето бугарско потекло. Тој сертификат го издава прво Државната агенција за Бугари во странство, а потоа поминува низ комисија во Министерството за правда, пред да стигне до претседателската институција.

Вториот начин е преку краткорочни инвестиции. Заради него Бугарија е засегната од кривична процедура од Европската комисија, која досега неколкупати предупредувала дека таа шема претставува закана за перење пари и затајување данок.

Според досегашната практика, во Бугарија по скратена постапка се издаваат пасоши на лица кои можат да го докажат своето бугарско потеклоФотографија: BGNES

По скандалот со продажбата на бугарски пасоши пред 2 години, кога бил приведен поранешниот шеф на Државната агенција за Бугари во странство, Петар Харалампиев, контролите откриле дека најчесто се правеле краткорочни инвестиции во државни хартии од вредност, кои се продавале веднаш по добивањето на државјанство.

Според бугарските медиуми, во моментов, измената на Законот за бугарско државјанство чека во парламентот. И покрај предупредувањата од Европската комисија дадени меѓу две читања на законот, пратениците на владејачката ГЕРБ сепак предложиле да остане давањето државјанство заради инвестиции, но ако тие инвестиции создаваат вистински работни места, како и да се удвои инвестицијата од 1 милион лева, но за такви да не се сметаат државните хартии од вредност. Брза писта до т.н. златни пасоши во Бугарија се дозволувала и за посебни заслуги - најчесто за спортисти, но и за лица кои работат во областа на културата или науката.

Графа „Бугари“

Сугестија до бугарските власти дека треба да бараат пребројување на Бугарите во Северна Македонија, преку интервју за „Радио Фокус" деновиве даде Бојко Ноев, поранешен министер за одбрана во две влади и поранешен амбасадор на Бугарија во НАТО.

„Клучно прашање во контекст на правата на Бугарите во Македонија: претстои попис. Поставила ли Бугарија некакви прашања во врска со тоа пребројување? Прашалниците, според законот, ќе бидат на седум јазици: на македонски, таканаречен, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански. Нема бугарски. Што значи тоа? Дека македонскиот всушност е бугарски, или дека е дискриминиран голем дел од населението, од народот на Република Северна Македонија? Јас го мислам второто. За разлика од некои бугарски политичари, јас не сметам дека сите Македонци се Бугари. По прашањето за идентитетот сум категоричен дека има македонски идентитет кој е создаден во последните десетлетија, дека има луѓе кои говорат на јазик што тие сакаат да си го нарекуваат македонски – и во тоа нема никаков проблем. Јас сум категорично против, кога на Бугарите во Република Северна Македонија им се забранува да се изјаснат како Бугари, па се репресирани тие и нивните деца. Бугарија треба категорично да и' го постави прашањето на Република Северна Македонија: Ние сакаме Бугарите во Македонија да бидат пребројани. И не само да бидат пребројани, туку да не бидат дискриминирани, ако има графа за другите, сакаме да има и графа ‘Бугари'", порача Ноев.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми