1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холштајн е оптимист за преговорите со ЕУ

ДТЗ
15 февруари 2021

Се водат разговори на високо ниво помеѓу германската Влада и сите вклучени страни, во тесна соработка со португалското претседателство, вели германската амбасадорка Анке Холштајн

Deutsche Botschafterin in Nord-Mazedonien Anke Holstein
Фотографија: Dt. Botschaft Nordmazedonien

Германија останува посветена на отворање на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Се водат разговори на високо ниво помеѓу германската Влада и сите вклучени страни, во тесна соработка со португалското претседателство. Ова го соопшти денеска германската амбасадорка во С. Македонија, Анке Холштајн. Таа е оптимист дека ќе успеат ваквите активности.
„Почнувањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија, во секторот на проширувањето, беше една од најважни цели во претседавањето на Германија. Остануваме и понатаму на прашањето. Остануваат разговорите кои се водат на високо ниво помеѓу германската Влада и сите вклучени страни. Работиме секако тесно со португалското претседателство. Ги охрабруваме Северна Македонија и Бугарија во иднина заеднички да работат на широко позитивно поставување на агенда, која ќе покаже дека соработуваат, а тоа ќе биде најдобриот начин да се направи чекор напред кон одржување на првата конференција“, изјави Холштајн.

-повеќе на темата: Холштајн: Нема план „Б“ за С.Македонија - следи отворање на преговорите со ЕУ

Таа нагласи дека одржувањето на првата меѓувладина конференција е повеќе од заслужено и дека е убедена оти соработката меѓу Скопје и Софија ќе резултира со согласност од сите 27 земји од ЕУ. „Оваа соработка ќе биде најдобриот начин да се направи чекор напред и да дојдеме до согласност на сите 27 земји членки за да можеме да ја одржиме првата конференција за пристапување. Јас сум убедена дека тоа ќе успее. Како дипломат сум оптимист по природа, но исто така сум убедена дека ќе успее. Сите знаеме дека отворањето на првата конференција е многу повеќе од заслужено и е крајно време да се случи“, рече германската амбасадорка по потпишувањето на Договор за грант од германската КВФ банка наменет за обновливи извори на енергија.

Захариева: Мора да се надминат несогласувањата

Дека мора да се надминат несогласувањата на релација Софија - Скопје, смета и шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева. Таа  интервју за „24 часа“ вели дека мора да се надминат недоразбирањата со С. Македонија и дека не е во ред во 21 век да се победува на избори со кампањи против соседни земји.

Дека мора да се надминат несогласувањата на релација Софија - Скопје, смета и шефицата на бугарската дипломатија Екатерина ЗахариеваФотографија: DW/S. Rozanes

„Немаме друг избор. Мораме да го пребродиме тоа. Ние секогаш ги поддржувавме, дури и во најтешките моменти, и сега ќе продолжиме да правиме така. Не сакав толку многу да се водат преговорите пред медиумите, што доведе до тешка реторика, затоа што тогаш е тешко да се откажеш од изговорените зборови. Јас разбирам дека честопати зборуваме за сопствената публика, но не е во ред во 21 век да се победи на избори со кампања против која било од вашите соседни земји. Ова не може да продолжи вака“, вели Захариева.

-повеќе на темата: Словачка и Чешка: Нема да дозволиме ЕУ да ни биде судија за историјата

Според неа, во основата на проблемот е „воспитувањето генерации со омраза кон Бугарија и Бугарите“. Смета дека со Северна Македонија има нешто што не е доречено и завршено во последниве години. На прашање дали Србија и Бугарија водат студена војна на територијата на С. Македонија, Захариева одговара одречно, ама вели дека не е тајна дека Белград има силно влијание во Скопје.
„Бугарија не води војна сигурно. Ниту со С. Македонија, ниту со Србија, ниту со кој било друг дел од светот. Но, не е тајна дека силното влијание на Белград во Скопје секако има тенденција кон српскиот јазик, српскиот бизнис и институции. Овој тренд не запре во последните 30 години, што е разбирливо. Но, целта на Бугарија не е да ги расипе нивните пријателски односи. Нека бидат пријатели. Ние само сакаме да имаат пријателски однос и со нас“, вели Захариева. 

Заев најави средби идната недела 

По изјавата на Захариева, премиерот Зоран Заев за идната недела најави и средба на шефицата на бугарската дипломатија и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тие ќе треба да го договорат терминот за меѓувладина конференција на Северна Македонија и Бугарија, на која треба да се усвои акцискиот план.

Заев за идната недела најави средба на шефицата на бугарската дипломатија и министерот за надворешни работи Бујар ОсманиФотографија: Government of North Macedonia

„Очекувам на таа средба да се дефинира терминот за втората меѓувладина конференција, првата се одржа 2019 година, а потоа да бидат усвоени на влада и да влеземе во ефикасно, брзо имплементирање на сите овие определби, затоа што се добри за македонскиот народ, за бугарскиот народ, за Северна Македонија и за Бугарија и ќе бидат од помош во создавањето на севкупниот амбиент за решавањето на другите отворени прашања коишто верувам дека можеме да ги решиме час поскоро“, изјави Заев.
Тој ѝ одговори и на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која рече дека нереформирана Македонија во ЕУ ќе им служи на руските интереси, како и дека во земјава се добиваат избори со антибугарска реторика.

-повеќе на темата: Медиуми и факултети ќе ги отвораат железните врати меѓу Скопје и Софија

„Во духот на конструктивноста, секогаш комуницираме со внимателен и достоинствен дипломатски наратив и секогаш го браниме достоинството на нашиот народ. Само со пријателски наратив, со подадена рака, со политики кои и за време на кампањи и избори биле за градење на пријателство со сите соседи и со Бугарија, добивавме избори. И еве, потврдивме добивање избори на 15 јули 2020, и тоа кажува какви сме ние. Очекувам соседите да бидат пријатели, од нас можат да очекуваат само пријателство, подадена рака, немаме ниту лоши мисли ниту лоши намери кон никој од соседите, така и кон пријателска Бугарија“, рече Заев на потпишувањето на Договорот за грант од „Програмата за обновливи извори“ за поттикнување на енергетската транзиција, помеѓу Електрани на Македонија и Германската банка за развој банка „КфВ“. Потпишувањето на договорот значи користење на неповратни средства од германската влада во износ од 2,4 милиони евра, кои и ставаат на располагање на земјата дополнителни 80,5 милиони евра како евтини кредити за изградба на енергетски објекти.
„Неповратните средства од 2,4 милиони евра ќе се искористат за изработка на технички студии, документи кои се неопходни за инвестиции во обновливи извори на енергија. Дополнителните 80,5 милиони евра евтини кредити ќе може да се користат за изградба на енергетски објекти“, рече Заев.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми