1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пардју: Заврши времето на малтретирање на С. Македонија

Александар Детев
11 јануари 2021

Поранешниот американски амбасадор на САД во Бугарија и еден од ко-авторите на Охридскиот договор во Македонија, Џејмс Пардју во интервју за ДВ вели дека Софија нема право да го малтретира Скопје со историски барања

Bulgarien James Pardew
Бугарските националисти сакаат да ја применат истата стратегија како Грција кон Северна Македонија, вели Џејмс ПердјуФотографија: privat

ДВ: Како поранешен амбасадор на САД во Бугарија и еден од иницијаторите на Охридскиот договор, вие добро го познавате Балканот. Дали ја следите моменталната тензија меѓу Софија и Скопје? Која е вашата проценка и која е официјалната позиција на Стејт департментот?

Пардју: Ги следам настаните на Балканот. И се чувствувам близок и со Бугарија и со Северна Македонија. Мислам дека е грешка бугарската влада да го блокира процесот што ќе доведе до пристапување на Северна Македонија во Европската унија. Напротив: Бугарија мора да биде бранител на членството на Северна Македонија во ЕУ, а не противник. Бидејќи влезот на Северна Македонија во ЕУ е дел од долгорочниот национален интерес на Бугарија.

Сигурен сум дека Стејт Департментот поддржува брзо решавање на проблемите меѓу Бугарија и Северна Македонија, иако темата главно се однесува на Европската унија и нејзините членки.

ДВ: Како би можел да изгледа излезот од ситуацијата? Дали е можно двете земји наскоро да постигнат договор?

Пардју: Долгорочен национален интерес на Бугарија е да има добри и партнерски односи со соседите во услови на заеднички демократски вредности. Членството во ЕУ го охрабрува ова. Бугарија и многу луѓе во Северна Македонија имаат заедничка историја и култура, но Бугарија е понапредната нација и има предност со членството во ЕУ во остварувањето на своите цели. Двете земји се природни сојузници и можат да работат заедно за просперитетна иднина, доколку им го свртат грбот на некои од помалку важните прашања.

Пардју: не очекувајте помош од САД во спорот за името

13:58

This browser does not support the video element.

Националистите во Бугарија гледаа како Грција го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз Северна Македонија. И тие одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за малтретирање на Северна Македонија заврши.

Прашањата за историјата и јазикот не се доволно значајни за да ги оправдаат непријателските односи меѓу двете земји. На крајот на краиштата, Северна Македонија е суверена земја. И ниту една држава не треба да има право да принудува друга нација да ја менува својата историја. Историчарите и експертите нека ги расчистуваат контроверзните точки со текот на времето. Во меѓувреме, Софија треба да ја поддржи, а не да ја блокира кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ. Сè друго е кусогледо.

Целото интервју на бугарски јазик прочитајте го на следниот линк.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми