1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

В недела пристигнуваат вакцините АстраЗенека

ДТЗ
26 март 2021

В недела пристигнуваат 24 илјади вакцини на АстраЗенека. Премиерот Зоран Заев вели дека вакцините се безбедни и повика граѓаните да се вакцинираат.

Weltspiegel | 26.03.2021 | Coronavirus Deutschland | Tableau
Фотографија: Kai Pfaffenbach/REUTERS

Вакцините се безбедни, што поскоро се вакцинираме, толку побрзо ќе ја победиме пандемијата. Ваква порака испрати денеска од Делчево премиерот Зоран Заев, потврдувајќи ја веста дека в недела во С. Македонија ќе пристигнат 24 илјади вакцини на АстраЗенека преку механизмот Ковакс. Заев очекува граѓаните масовно да ги прифатат вакцините.  

„Тоа е првиот чекор кон имунизацијата“, вели премиерот, откако земјата остана речиси последна во регионот, која се уште ја нема започнато масовната имунизација на населението. Досега се вакцинираа здравствените работници, коишто се во првите редови во борбата со Ковид-19.

Според Заев, доцнењето со процесот на вакцинација има и предност, бидејќи на тој начин се виделе предностите и слабостите и може да се констатира кои вакцини се безбедни. „Има една предност што сме земја со задоцнување со вакцините. Земјите членки на ЕУ почнаа пред нас и можевме да согледаме предности и слабости, а од тоа може да извлечеме единствена констатација дека вакцините се здрави, треба да ги користиме сите. Колку час поскоро се вакцинираме сите, толку поскоро ќе ја победиме пандемијата“, вели премиерот.

Први на список за вакцинирање, покрај здравствените работници, се повозрасните луѓе, хронично болните, попишувачите, полицијата, војската и други граѓани. Очекувањата се дека деновиве ќе пристигнат и други количини вакцини по други механизми. Дел од граѓаните, сепак, поитаа да најдат решени во соседството. Се закажуваат термини во Република Србија, каде за викендов веќе се закажани стотици вакцинации на македонски државјани.

Веста за пристигнувањето на 24 илјади дози вакцини против Ковид-19 од производителот Астра Зенека, синоќа ја соопшти министерот за здравство, Венко Филипче. Заев вели дека информацијата ја имале уште пред три дена, но дури синоќа била потврдена.

Стартот на имунизацијата не значи и дека не треба да ги почитуваме мерките.„Да внимаваме, да ги почитуваме мерките, да не се олабавиме. Иако вакцинацијата ќе почне, ние ќе мораме уште долг период, многу месеци пред нас, да ги почитуваме мерките, да држиме дистанца“, вели премиерот.

Која вакцина да се избере?

Граѓаните се во недоумица – дали е ризично да се вакцинираат и која вакцина да се избере. Дилемата особено се врти околу вакцината на АстраЗенека, за која изминатиов период беа врзани бројни случувања во Европа. Дел од земјите го стопираа вакцинирањето, по тврдењата дека предизвикува згрутчување на крвта. Дел потоа, сепак одлучија да ја повлечат одлуката и да го продолжат процесот на вакцинација, бидејќи бројот на несакани симптоми кои се јавуваат кај вакцинираните, се смета дека е незначителен во однос на вкупната популација којашто ја примила вакцината.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

15:47

This browser does not support the video element.

Заев порачува дека вакцините се безбедни, што се покажало од искуствата од досега спроведената имунизација во другите земји.

И доктор Горан Кунгуловски деновиве порача дека ебезбедно вакцинирањето со АстраЗенека. „Дали да се вакцинираме со вакцината на АстраЗенека? Да. Вакцината е базирана на аденовирусен вектор од шимпанзо којшто го носи генот што кодира за спајк протеинот на Сарс-КоВ-2 и со тоа го намамува имуниот систем да формира одговор. Овој имун одговор понатаму треба да штити од тешки форми на Ковид-19. Вакцината тоа го прави со ефикасност меѓу 70-80%“, укажува тој.  „Вакцинирајте се со првата вакцина што ќе стане достапна“, порача тој на социјалните мрежи

Слична порака неодамна упати и професорот доктор Драган Даниловски. Според него, заразата е неизбежна поради распостранетоста на вирусот, па вакцинацијата за ранливите групи е клучна. „Изборот е или вирус, или вакцина, трето нема“, вели професор Даниловски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми