1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија - вечниот кандидат за ЕУ

Обработка: А.Трајковска (ФАЦ/НЦЦ)29 април 2014

Во своите анализи на изборите во Македонија весниците „ФАЦ“ и „НЦЦ“ укажуваат на стагнацијата во земјата и апелираат да продолжи евроинтеграцијата, оти е неопходна.

Фотографија: MIA

Во текстот под наслов „Вечниот кандидат за пристап“ весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ оценува:

„Во Македонија имаше избори и сега има спор. (...) Најважната опозициона партија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (...) не сака да го признае резултатот, бидејќи целиот изборен процес бил необјективен и во корист на владата. Факт е дека наводниот јавен медиумски сервис во Скопје известуваше еднострано за кампањата, ги игнорираше обвинувањата за корупција на владата и ја претставуваше опозицијата во лошо светло или ја игнорираше. Старо-новиот шеф на државата, поддржуван од владата, Ѓорге Иванов на државната телевизија, која всушност е партиска телевизија, доби седум пати повеќе простор за емитување на изборни спотови отколку опозицијата.

Несакајќи поддржуван од една неспособна и безидејна опозиција, премиерот на Македонија Груевски се однесува како балкански Ердоган. Тој и неговата владејачка партија (...) ВМРО-ДПМНЕ ја поткопаа поделбата на власта, ги контролираат директно или индиректно речиси сите релевантни медиуми и ги ставаат противниците под притисок со даночни рации. Благодарејќи и на вакви методи партијата во неделата освои 42 проценти од гласовите и останува најјака политичка сила. Сепак, поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски имаше право, кога рече дека опозицијата со нивните обвинувања сакала само да го тргне вниманието од сопствената неспособност. (...) Факт е дека за мнозинството Македонци немаше убедлива причина да ги изберат посткомунистите од СДСМ, оти кога тие во 90-тите беа на власт, не правеа речиси ништо подобро отколку сегашната влада.

Но, имаше и едно време кога Македонија во балканската школа на тешко воспитни мали држави беше ученик за пример. Во април 2001 година Македонија беше првата држава од регионот што го потпиша Договорот за асоцијација и стабилизација со ЕУ - шест месеци пред Хрватска и седум месеци пред Србија. Од 2005 година Македонија дури е и официјално кандидат за пристап во ЕУ. Додека Хрватска од минатото лето припаѓа кон ЕУ и Србија ги почна преговорите за членство, Македонија во меѓувреме сѐ повеќе се оддалечува од европските стандарди.

Земјата е вечен ‘кандидат за пристап‘, кој скоро десет години чека конечно да почнат преговорите, како што повеќе пати препорачуваше Комисијата на ЕУ. Меѓутоа Грција го попречува тоа. Сеедно кој е власт во Атина, сите влади го блокираат приемот на Македонија во НАТО и ЕУ, сѐ додека земјата не се откаже од името. Македонија, според Атина, не смеела да се вика Македонија, оти тоа било грчки назив, кој Скопје го узурпирал“, пишува „ФАЦ“, укажувајќи дека Грција повеќе пати го прекршила меѓусебниот договор од 1995 година, според кој Македонија може да биде примена во меѓународните организации во најмала рака под името „Поранешна југословенска Република Македонија“, како и дека ја игнорира пресудата на судот во Хаг од 2011 година.

„Во Македонија оваа долгогодишна стагнација доведе до тоа, државата својата некогашна водечка позиција на листата во регионот да ја замени за место за испаѓање. Фасадите се демократски, но зад нив се работи автократски. Македонија е предзнак за тоа што му се заканува на Западниот Балкан, ако изостане перспективата за проширувањето. Сепак, земјата не стои пред етничка граѓанска војна како во 2001“, заклучува „ФАЦ“.

Осврнувајќи се на изборната победа на владејачката партија на премиерот Никола Груевски и победата на кандидатот за претседател на оваа партија и актуелен претседател Ѓорге Иванов, весникот „Ноје цирхер цајтунг“ пишува:

„Победата на владата не го изненадува никого. Најмалку ги изненадува поразените социјалдемократи, кои по затворањето на избирачките места, изборите ги означија како манипулирани. Владата, според претседателот на партијата Зоран Заев, направила изборна измама. Бојкот на парламентот од страна на социјалдемократите лебди во воздух. Набљудувачите на изборите укажаа на нерегуларности, кои во никој случај суштински не влијаеле на резултатот. Набљудувачката мисија на ОБСЕ не го критикува изборниот ден, туку кампањата. Биле впрегнати државните институции, за со притисок да се максимираат гласовите за владејачката партија. Медиумите во голем дел известувале позитивно за владата.

Оваа критика укажува на вистинската мизерија на македонската демократија. За осум години Груевски оптимираше систем, во кој државата се користи како средство во служба на владејачката партија. Изборите се додуша слободни, но не и фер. Политичкиот натпревар се регулира во корист на власта. Традиционалниот клиентелизам се комбинира со модерно новинарско водење кампања и ја победува опозицијата и покрај невработеноста и сиромаштијата. Но, најголемиот сојузник на Груевски е грчката политика на блокада, која и“ го затвора патот на земјата кон ЕУ-интеграцијата“, пишува „НЦЦ“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми