1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ве сака

Милчо Јованоски22 март 2012

Усната реклама е најдобра, вели туристичкиот водич Љупчо Јузмески од Охрид.Тој е еден од четворицата „Најдобри промотори на Македонија“ за 2011-та, избрани во рамки на проектот „Македонија ве сака“.

Фотографија: DW

Две и пол децении Љупчо Јузмески е активен  во туризмот. Долго бил рецепционер во култниот авто-камп Градиште и хотелот Метропол, последниве неколку години исклучиво е туристички водич. Ужива додека зборува за Охрид и останатите убавини на Македонија. „Сакам туристите да запомнат по нешто од пребогатата историја, култура и уметност“, вели Јузмески:

„Се‘ уште се чувствувам возбудено. Оваа награда ми е многу значајна бидејќи од два милиони луѓе во категоријата туризам, извоз и претприемништво сум избран токму јас. Добитник сум на главна награда, а тоа не е мала работа.“

Јузмески е горд што преку наградата е рамо до рамо со пијанистот Симон Трпчевски и машката кошаркарска реперезентација на Македонија и вели дека Македонија е таа што ги поврзува. Зад него се стотици туристички тури не само низ Охрид и регионот, туку и многу кружни низ Македонија. Тие му се најубавите, бидејќи тогаш имал доволно време да им раскаже се‘ на љубопитните гости. Јузмески е коорганизатор на еден фолклорен фестивал и незаборавна му е случката во Античкиот театар во Охрид, која можеби е пресудна и при изборот:

Фотографија: DW

Странците ги пејат песните со 7/8 ритам

„Големината на ’Разиграно оро’ е рекордна на Балканот. Лани донесовме околу три и пол илјади фолклористи од различни страни на светот, преку шеснаесет земји со над 56 фолклорни друштва. На чинот на отворањето на фестивалот во Античкиот театар ја докажавме нашата амбиција дека Македонија ја разбираме како поле за културен натпревар на народите. Наместо ние да им презентираме програма, три и пол илјади туристи од публика ни‘ ги пееја ’Јовано, Јованке’, ’Билјана платно белеше’, ’Јано мори’. Тоа е успех на промоција на Македонија во странство, кога тие се потрудиле да ги научат нашата македонски песна во 7/8 такт.“

На прашањето - што најмногу сакаат да видат странците во Охрид, Јузмески одговара:

„Различни туристи сакаат различни места во Македонија. Сепак, Охрид е неодминлив. Стариот дел од градот, езерото. Ако анализираме најпосетени се: манастирот Свети Наум, светото место Плаошник, Музејот на вода, Античкиот театар и Света Богородица – Перивлепта од тринаесетти век.“

Биљанини извориФотографија: DW

Во ерата на социјални мрежи и телевизии усната реклама сепак - најдобра

Современите номади, според Јузмески, во Македонија доаѓаат со солидни предзнаења. Но од реклама на нејзините убавини и потенцијали никогаш не е доста и признава: 

„Најубавата реклама е усната. Задоволството, кога човек ќе го прикаже на некој друг близок човек, веќе го стимулира да добие желба и тој да ја посети Македонија“.

Јузмески веќе прави распоред за своите нови ангажмани како туристички водич. Од државата и локалната власт бара што поскоро да формираат туристичка полиција и да се ангажираат повеќе туристички инспектори, особено во викендите, и предлага:

„Сите треба малку попрофесионално да се ангажираме во своите дејности. Почнувајќи од приватни соби до големи хотели. До владата порачувам побрзо да дојде на агенда автопатот Охрид-Скопје. Локалната власт да го зачува старото градско јадро и да им помогне на граѓаните во имотно-правните работи за да ги реконструираат старите куќи кои се распаѓаат.“

Наградата за најдобар промотор на Македонија е дел од проектот „Macedonia loves you “ на Станислав Пигон, голем вљубеник во Македонија од Полска, кој годинава се одржа по втор пат. Таа е признание за луѓето коишто Македонија ја носат во срцето и ја препорачуваат на другите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми