1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија влезе во година на најголемо граѓанско искушение!

Катерина Блажевска1 јануари 2015

По претходната политички зaгубена година, аналитичарите во 2015-та очекуваат силен граѓански активизам кој ќе се спротивстaви на политичкото самоволие, на ширењето омраза и на дезинтеграцијата на македонското општество.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Во услови на руска зима, некаде без електрична енергија и на свеќи, некаде со раскошни огномети, граѓаните на Македонија ја дочекаа Новата 2015 година. Сите заедно очекуваат дефектите на енергетскиот или на општествениот систем повеќе да не бидат дел од секојдневието во 2015 година. Каква година останува зад граѓаните и на каква се надеваат?

Според анкетата „Крајот на годината“ која ги истражува перспективите и очекувањата и убедувањата на 64.002 лица од 65 земји во светот, која во Македонија ја спроведе БРИМА, членка на WIN-Gallup International, опаѓа оптимизмот од очекувањата во новата година. Лани 37 проценти од испитаниците очекувале дека 2014-та ќе биде подобра од претходната, а сега 33 проценти го очекуваат тоа за 2015 година. Бројот на песимисти кои очекуваат 2015-та да биде полоша од 2014-та се зголемил за 2 отсто: од 26 лани на 28 проценти годинава. И лани и годинава ист процент испитаници (33 отсто) сметаат дека и 2015-та ќе биде исполнета со економски тешкотии. Оптимистичките очекувања во споредба со лани опаднале од 26 на 21 процент. И покрај тоа, 54 отсто од анкетираните изјавиле дека во 2014-та година се чувствувале среќни или многу среќни, 34 отсто не биле ни среќни ни несреќни, а 11 проценти рекле дека биле несреќни или многу несреќни.

Проблеми и предизвици

Дали е пред нас година на суштински реформи и пресврт или уште една година на илузии?

Премиерот Никола Груевски, кој 2014-та ја оцени како година на предизвици, проблеми но и успеси, за 2015-та најави одлуки за инвестиции од најмалку 25 нови компании, продолжување со напорите за членство во ЕУ и НАТО, изградба на капитални инфраструктурни објекти, инвестиции во здравството, реформи во образованието... Лидерот на опозицијата, пак, констатира дека менувањето на животните календари, не значи и суштинско менување на одредени текови и состојби.

„Тоа ни дава до знаење дека треба да бидеме свесни за нашите можности и влијанија во поглед на менливоста. Ако сакаме нештата да се менуваат на добро, треба прво самите да се менуваме на добро. Во ова време-невреме таквата промена на добро, треба за сите нас да претставува насушна потреба“, рече Зоран Заев во новогодишното обраќање.

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, посакувајќи им здравје, успеси и благосостојба на граѓаните, порача: „Да им се радуваме на малите нешта што ја чинат големината на животот“.

Но, крајот на 2014-та, тој навести дека граѓаните годинава нема да се радуваат на мали нешта, туку ќе инсистираат на големи промени. Такви промени очекуваат и невладините организации. „Цивил – Центар за слобода“ оценува дека зад Македонија остана тешка година, помината во знакот на кршењето на човековите права, дискриминација, изборна измама, структурно насилство, етнички тензии и медиумска контрола.

„Сепак, сите ние посведочивме и на раѓањето на надежта. Крајот на 2014 година ќе биде запаметен по будењето на студентската популација во земјата. Студентите и прогресивните граѓани излегоа на улиците. Наспроти сите медиумски манипулации и стигматизација, пркосејќи им на притисоците и заканите, сите тие го означија почетокот на демократската пролет“, оцени невладината „Цивил“.

Во 2014 година студентите излегоа на улиците...Фотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Повисока свест

Минатата година ќе биде запаметена како политички турбулентна: пролетта измина во знакот на кампања и двојни избори – претседателски и парламентарни. Следеше опозициско непризнавање на изборите, оценка за изборен фалсификат и враќање на опозициските пратенички мандати, а годината заврши со неуспешен дијалог меѓу власта и опозицијата за надминување на парламентарната криза. По таа, политички изгубена година, аналитичарите очекуваат „интересна“ 2015-та. Професорот по филозофија, Ферид Мухиќ, се надева дека ќе расте свеста за достоинството и за правата на луѓето.

„Добро e што во Македонија е зголемена свеста за субверзивните активности на ширење омраза и дезинтеграција на македонското општество, за самоволието на власта, како што нарасна и почитувањето на сопственото достоинство, интегритетот, а зајакна и чувството за неопходноста на интензивна и постојана борба за правата на граѓаните. Лошо беше што притисоците не се смалија, ширењето омраза и дезинтеграција не попушти, самоволието на власта се засили“, оценува Мухиќ.

Тој вели дека ќе биде добро ако во светот се зголемат правдата, соработката, слободата, еднаквоста, ако има повеќе љубов...

Меѓу граѓаните опаѓа оптимизмот во поглед на иднинатаФотографија: DWS. Toevski

„Светот тоне во незапамтена диктатура, бидејќи и демократијата не дозволува различни мислења. Кај нас, добро е што ќе продолжи да расте свеста за неправедните притисоци од меѓународната заедница врз Македонија, како и за самоволието на власта, а со тоа ќе се изостри и усетот за достоинството и за правата на луѓето. Лошо е што притисоците, со висока веројатност ќе се зголемат, а исто така ќе се интензивира и ирационалната омраза и внатрешната интер и интраетничка и религиска конфронатација. Светот е во фаза на зголемена репулсија-одбивност, одалечување, омраза, и ќе треба уште барем деценија да помине во фазата на атракција - привлекување, доближување, љубов, а Република Македонија не е остров!“, предупредува Мухиќ.

Но, поради стагнирањето во интеграциските процеси, поради нерешениот спор за името, но и поради лошите состојби, пред се‘, во судството, медиумите и владењето на правото, Македонија се‘ повеќе станува „остров“ во регионот, меѓу соседи кои ја претекнаа на интеграцискиот пат. Напредокот на надворешен план е зависен од учинокот на внатрешен, а без дијалог и соработка меѓу власта и опозицијата тоа и годинава ќе биде тешко остварливо.

Линија на разграничување

Она што во 2015-та многу извесно ќе го апсорбира вниманието на јавноста, е ланската најава на лидерот на опозицијата дека ќе обелодени сознанија и докази (т.н. „бомба“), кои ќе го нарушат декларираниот политички и морален кредибилитет на власта. Граѓаните се во исчекување - што повеќе ќе и даде „тон“ на годината: „бомбата“ или се‘ позасилениот граѓанскиот активизам? Македонската агенда стана празен „тефтер“ во кој е бесмислено да ја прибележите евентуалната „средба“ со иднината, дури и во овие новогодишни дозволени желби, вели новинарката Оливера Трајковска. Таа очекува 2015-та да биде година на најголемо граѓанско искушение.

„Навикнати на црно-белиот филм ние и сивото почнавме да го доживуваме како боја, од зрно песок градиме кули од надеж, а можно е разликата 2014/2015 да биде само разлика во изборните колекции, едната пролет-лето, следната есен-зима! Има ли знаци крај патот за таква разврска? Се разбира - плотуните на СДСМ, зовриениот казан во ДУИ и потенцијалот на новата граѓанска акција брзо ќе ја исцртаат линијата на разграничување. Што е на репертоарот кај ВМРО-ДПМНЕ ќе видиме многу брзо - апсења, строгост, притисок или компромис и дијалог. Грешките што нарцисоидната власт ги направи есенва, ќе ја определат цената на нејзиното опстојување! Очекувам 2015 година да биде нашето најголемо граѓанско искушение, блиска средба со ѓаволот, гнасен пад на моралните кулиси, пресметка без скрупули, војна ДПМНЕ - СДСМ. Се надевам граѓаните од таа врева, ќе успеат да ги чујат и препознаат гласовите со друга фреквенција што имаат потенцијал да не вратат во 'пристојност', да не бидеме 'слободна ловина' на мангупите кои ни ги кројат животите! Ако загубиме, оваа 2015 ќе биде навистина 'незадолжителна задолжница' (позајмено од Ставревски)“, констатира Трајковска.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми