1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија во очекување на новата влада

ЖА/миа19 јуни 2014

Македонскиот парламент денеска треба да ја избере новата влада. Мандатарот, актуелниот премиер Никола Груевски, до пратениците ја достави програмата и предлог-новиот состав на својот кабинет.

Фотографија: AP

Собранието на Република Македонија денеска ќе избира нова Влада. Мандатарот Никола Груевски пред десетина дена ја достави програмата и составот на новата Влада до Собранието, откако неговата партија ВМРО-ДПМНЕ постигна договор за коалицирање со Демократската унија за интеграции. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја продолжуваат коалицијата и повторно заедно формираат Влада.

Во програмата на новата Влада, што Груевски ја достави до Собранието заедно со предлог-новиот владин состав, се наведува дека во периодот 2014–2018 година Владата останува на утврдениот курс за остварување на стратешките приоритети и цели на Република Македонија.

Приоритети и цели на новата влада се зголемување на економскиот раст и вработеноста, пораст на животниот стандард на граѓаните и подобар и поквалитетен живот, интеграција на земјата во ЕУ и НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, одржување на добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување и спроведување на Охридскиот рамковен договор и инвестирање во образование, иновации и информатичка технологија, како клучни елементи за креирање на општество базирано на знаење.

За остварување на стратешките определби, како што се наведува во програмата, и во следниот период Владата ќе остане посветена на реализацијата на реформите и проектите кои ќе придонесат за развој и просперитет на државата.

Мандатарот Груевски, за министер за одбрана го предложи досегашниот амбасадор во САД Зоран Јолевски, за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за правда Аднан Јашари, за надворешни работи Никола Попоски, за финансии Зоран Ставрески, за економија Беким Незири, за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, за здравство Никола Тодоров, за образование и наука Абдилаќим Адеми, за труд и социјална политика Диме Спасов, за локална самоуправа Љирим Шабани, за култура Елизабета Канческа Милевска, за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, за транспорт и врски Миле Јанакиески и за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири.

За министри без ресор се предложени Владимир Пешевски, Фатмир Бесими, Муса Џафери, Фуркан Чако, Неждет Мустафа, Веле Самак, Бил Павлески, Џери Наумоф, Висар Фида и Горан Мицковски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми