Македонија ги почнува квалификациите, Германија однесе победа
8 септември 2014
Избраниците на селекторот Бошко Ѓуровски помалку од една недела се подготвуваат во Валенсија. Ѓуровски предупредува дека вечерашниот дуел е дуел на внимателност и на почитување на Шпанија, но оти истовремено во натпреварот не смее да се влезе со страв.
Капитенската лента ќе биде на раката на Ванче Шиков. Агим Ибраими во изјавите пред дуелот напомена дека Шпанија е силна репрезентација и дека секоја шанса во нападот мора да се искористи. Поради повреда добиена на еден од тренинзите во Шпанија во редовите на Македонија нема да настапи Ферхан Хасани, додека селекторот на Шпанија Винсенте Дел Боске нема да може да смета на напаѓачот на Челзи, Диего Коста, кој е повреден. Како стартери се најавени Икер Касиљас и Пако Алкасер. Дуелот Шпанија – Македонија почнува во 20:45 часот, а во рамките на Ц групата во истиот термин играат уште: Луксембург – Белорусија и Украина – Словачка.
Во синоќешните одиграни натпревари победите ги однесоа Германија против Шкотска, со 2:1, Полска со високи 7:0 потив Гибралтар и Романија против Грција, која поради казна играше пред празни трибини, со 1:0. Најголемо изненадување направи селекцијата на Албанија со триумфот во Лисабон над Португалија сп 1:0.
Актуелниот светски шампион Германија победата над Шкотска ја постигна со двата погодоци на Томас Милер.