1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија да го добие своето место во НАТО

Силвера Падори11 ноември 2008

Иако глобалните безбедносни прашања, а не проширувањето се тeми на средбата на Атлантската Асоцијација во Берлин, нејзиниот екс-претседател Роберт Хантер во изјава за ДВ ја поддржа Македонија на патот кон НАТО.

Неопходен нов стратегиски концепт на НАТО со јасни задачи за 21 столетие - истакна во обраќањето пред членовите на Атлантската Асоцијација канцеларката Ангела МеркелФотографија: AP

Роберт Хантер, довчерашен претседател на Атлантската Асоцијација во изјава за Дојче Веле, на маргините на средбата „НАТО-разговори околу Бранденбуршката порта“, што се одржува од понеделник до среда во Берлин, истакна дека е многу важно за Македонија да си го добие вистинското место во сите евроатлантски институции, вклучувајќи го и НАТО.

„Сметам дека е важно и за добрите партнери од Алијансата - Грците, да сфатат дека повеќе вреди да ја имаме Македонија во Алијансата, отколку да се грижиме за малите лингвистички и семантички проблеми. Македонија е Македонија. Може да биде одличен сојузник и колку побрзо, толку подобро“, изјави Хантер за Дојче Веле. Тој притоа потсети на одлуката на Соединетите држави да ја признаат Македонија под нејзиното уставно име, истакнувајќи дека за САД е важно Македонија да биде што поскоро примена во НАТО.

Роберт Хантер, кој е и поранешен амбасадор на САД во НАТО, до синоќа претседаваше со Атлантската Асоцијација. Во рамките на средбата "НАТО-разговори околу Бранденбуршката порта", од него свечено се простија канцеларката Ангела Меркел и првиот човек на Алијансата, Јап де Хоп Шефер.

Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер се обрати пред учесниците на конференцијата во БерлинФотографија: AP

Редефинирање на идните задачи

Меркел и Шефер синоќа се обратија пред претставниците на четириесетина земји кои учествуваат на заседанието на Атлантската Асоцијација, поширокото семејство на НАТО. Тие говореа, пред се’, за новата стратегија на Алијансата и престојниот јубилеен самит, што ќе се одржи наредната година истовремено во францускиот град Стразбур и во германскиот град Кел.

Германската канцеларка Меркел порача дека на јубилејниот самит, Алијансата ќе извлече биланс за постигнатото, но во време на нови предизвици ќе мора да ги редефинира идните задачи.

"

Последниот стратегиски концепт на НАТО е од 1999-та, односно пред теророристичките предизвици со кои се соочивме. Затоа сметам дека е важно на наредниот самит да се постави нов стратегиски концепт, кој јасно ќе укаже на најважните задачи на НАТО во 21. век", рече Меркел.

Канцеларката смета дека тоа нема да биде едноставно, зашто има многу прашања кои треба мошне јасно да се одговорат.

Како може да се оптимира заштитата на територијата? Како да се мобилизираат заедничките сили и кои стратегиски концепти од досегашното искуство ги има за асиметричните закани и борбата против меѓународниот тероризам? Ова се само дел од прашањата за кои е потребен одговор.

Сигнал и до Русија

Меркел порача и дека за 60-иот роденден на Алијансата ќе биде значајно да се испрати сигнал и до Русија на која во глобалниот свет се смета како на неопходен партнер. На Самитот во април за првпат официјален настап ќе има и новиот американски претседател Барак Обама, од кого многу се очекува. Германија е отворена и подготвена за соработка, подвлече Меркел, која посебно се осврна на Авганистан и искуствата од безбедносната мрежа, што ги поврзува воените и цивилните сили.

Барак Обама во април како претседател на САД ќе учествува на јубилејниот Самит на НАТОФотографија: AP

Првиот човек на Алијансата, Јап де Хоп Шефер се согласи со ставот на канцеларката за неопходната поврзаност на воената и цивилната компонента. Тој посебно се осврна за соработка меѓу НАТО и европските сили за безбедност.

"

Да прекинеме со натпреварување. Добар пример за соработка е брегот на Сомалија. Таму заеднички одлично работиме. Би ја спомнал и Босна и Херцеговина. Можеме и подобро. Најчесно да ви кажам, можеме и многу подобро!“, коментираше Јап де Хоп Шефер.

Атлантската Асоцијација, чија работа се поклопува со Конференцијата за европска безбедност има активности и во текот на денешниот и утрешниот ден, кога збор ќе имаат и претставниците на Македонија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми