Македонија да прескокне преку сопствената сенка
4 ноември 2013 Многу историја е испреплетена во сегашноста. Особено кога е во прашање Република Македонија. И по две децении независност, топ актуелност се' уште се спорот за името со Грција, а во поново време и моменти од историјата во релациите со Бугарија. Експерите велат дека никој нема монопол врз некое име, ниту врз историјата. Има ли разврска и иднина за Македонија - за ДВ одговара професор Улф Брунбауер, директор на Институтот за Југоисточноевропски истражувања на Универзитетот во Регенсбург.
„Што се однесува до позицијата на Грција, сосема е јасно дека таа е апсурдна. Сметам дека секој разумен човек се согласува дека Република Македонија може да се именува онака како што сака и никој не се чувствува поради тоа загрозен. Бизарна е грчката перспектива дека чувствува закана од оваа мала, сиромашна и воена екстремно слаба земја. Но, мора да подвлечам дека и начинот на кој реагира македонската актуелна влада не е мудар – ни политички, ниту, пак демократски, имајќи ги притоа предвид и односите меѓу Македонците и Албанците во Македонија. Дури и да има сомнеж околу спорот за името, посакувам конечно некој да има моќ и проблемот да го пресече. Но, за жал ништо е се случува, зашто за ова е потребна политичка мудрост, а Македонија е конечно послабиот партнер во овој конфликт“, изјави за ДВ проф. Брунбауер. Тој смета дека „македонската влада ќе биде принудена на непријатен“, и од негова гледна точка „неоснован, неоправдан компромис“, кој би можел да се протолкува и како политичка несреќа.
„Јас ги разбирам основните позиции, но во дипломатијата мора да се прескокне и преку сопствената сенка. Неодамна некој кажа дека ‘иднината на светот ќе зависи од подготвеноста да се изгуби сопствениот образ’“, коментира Брунбауер.
Добриот познавач на Македонија е категоричен дека ситуацијата на земјата е прилично компликувана. Тој вели дека во мај со неговите студенти го посетил Скопје и бил вчудоневиден од се' она што го видел. Без разлика на естетиката, според Брунбауер „третирањето на историјата не е онакво какво што во Европа се посакува и политички не е особено мудро“. Според него, меѓутоа, интересно е што не сретнал ниту еден историчар или научник кој го одобрувал овој проект, што говори дека научниците размислуваат поинаку од власта и не дозволуваат да бидат инструментализирани.
Лабави позиции на Бугарија!
Освен Грција, последниве месеци на европскиот пат Македонија има уште еден камен на сопнување со историска конотација – Бугарија!
„Секако дека Бугарите од научна песрпектива има сосема лабава позиција. Историјата на регионот не му припаѓа никому. Историјата може да се истражува, но не е сопственот на ниту една земја. Во овој случај, би потсетил дека расправијата има корени уште во 50-тите и 60-тите години (од 20 век н.з) кога бугарските историчари воделе масивни кампањи против македонската историја. Би можело да се каже дека постои конфликт на заедниците“, истакнува проф. Брунбауер. Според него „бугарската позиција во однос на Македонија е неоправдано националистичка“, но тој има замерки и на македонското гледање на некои работи од светската историја. На пример Цар Самуил да се претстави како Македонец, според Брунбауер - е подеднакво апсурдно и научно неодржливо.
„Исто факт е дека многу протагонисти на националата револуционерна борба од 19 век биле за територијално обединување со Бугарија. Ова не може да се заобиколи. Имало и такви кои биле за самостојна Македонија, но мнозинството и не знаело што точно сака. Сигурно е меѓутоа едно: сите сакале крај на османлиското владеење. Интерсно е што луѓето како Јане Сандански, Гоце Делчев и другите личности од тоа време, она за што вистински се бореле биле слободата, демократија, човековите права и во тие рамки рамноправноста меѓу националностите и религиите. Тоа се позитивни вредности, а прашањето во какви државни рамки сето тоа би се организирало - за нив било незначајно“, подвлекува проф. Брунбауер.
Заедничката историја, според него, може позитивно да влијае врз решавањето на проблемите кои ги има Македонија со Грција и Бугарија. За ова, меѓутоа, треба да има влада која е подготвена за соработка и историчари кои ги прифаќаат иновациите во науката.
„Сево ова е процес и трае, но некогаш ќе се случи - доколку владата не се реши долгорочно да води целосно националистички курс, што за жал не е и исклучено“, забележува за ДВ проф. Улф Брунбауер, кој претпоставува дека денес, на просечниот македонски ученик му се поважни многу други работи отколку тоа дали Самуил бил Бугарин, Македонец или било што друго!