1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија девета година по ред на Детската евровизија

3 декември 2011

Едно телевизиско шоу веќе девет години им нуди на децата дружење со врсниците од другите земји преку музика и игра. Се работи за Детската евровизија, која годинава се одржува во Ереван, Ерменија.

Вечерва е деветото натпреварување на Детската евровизија. Се случува во Ереван, ЕрменијаФотографија: EBU

Приказната за Детската евровизија почнува пред речиси десет години. Идејата е преземена од скандинавските земји, кои веќе имаа свое регионално фестивалско натпреварување за деца. Концептот на Данското радио и’ се допадна на Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Таа во Копенхаген го организираше првото натпреварување во Песна на евровизија за деца.

Разлики од Евровизијата за возрасни

По пример на големото евровизиско натпреварување, кое има традиција долга 56 години, и Детската евровизија ги собира учесниците од земјите членки на ЕБУ. Сепак, таа е далеку поскромна и помала, но и се’ попопуларна од година во година.

Право на учество имаат деца на возраст меѓу 10 и 15 години. Тие мораат да бидат и автори на песните, иако во тој дел помош можат да им пружат и професионални музичари. Не помалку важно правило е и тоа дека песните мора да се пејат на мајчиниот јазик, во што Евровизијата за возрасни, со околу 120 милиони гледачи ширум светот, не истраја. Другата разлика од големата Евровизија е што победникот не е и домаќин на следното натпреварување.

Македонија ја претставува 14 годишниот Дорјан Длака. Тој зборува англиски, германски и холандски јазикФотографија: EBU

Западот незаинтересиран, на Исток голема популарност

Интересна е листата на учесници годинава. Од 13 земји кои се натпреваруваат, осум се поранешни советски републики (Литванија, Летонија, Молдавија, Ерменија, Украина, Белорусија, Русија и Грузија), две од југоистокот на Европа (Македонија и Бугарија) и само три од Запад (Холандија, Белгија и Шведска). Многу земји, кои учествуваа минатите години, се повлекоа поради финансиската криза и мерките за штедење. Но, што се случува со Велика Британија, Шпанија, Франција или, пак, Германија?

Ситсе Бакер, супервизор на Евровизијата за деца, тврди дека причините зе различни од земја до земја. „Нашите сознанија се дека ова ТВ шоу е многу популарно посебно во Источна Европа, но и во Холандија и Белгија. Бројот на гледачите расте и во Шведска. Ако и погледнете телевизиските содржини на истокот и западот од Европа, понудата на Запад е огромна, додека телевизиската продукција на Истокот се’ уште е во развој. Ако ЕБУ може да им понуди добра продукција, тогаш тоа е доволна причина на ова шоу да гледаат како на добра понуда“, заклучува Бакер.

Ситсе Бакер смета дека популарноста на шоуто во Источна Европа е поголема во однос на Запад, поради помалата понуда на таков тип програмиФотографија: DW

Дека учеството на Детската евровизија може да биде полн погодок и на Запад, потврдува популарноста на шоуто во Холандија и Белгија. Во Холандија Детската евровизија е попопуларна од онаа за возрасните, а во Белгија компакт дискот со песните од националното натпреварување беше третото најпродавано музичко издание во земјата во минатата година.

Германија не размислува да учествува на Евровизијата за деца. Од германскиот јавен сервис НДР велат: „Не учествуваме на Детската евровизија, бидејќи сметаме оти тоа шоу не е релевантно за нашата публика“. Германија на овој фестивал воопшто нема учествувано.

Македонија учествува без прекин

Независно дали концептот на натпреварување е доволно атрактивен за гледачите или не, луѓето од Македонската телевизија потсетуваат на обврските што ги има јавниот сервис во една земја кон своите граѓани.

„Македонија на Детската евровизија учествува од самиот почеток, веќе девет години. Белгија, Белорусија, Холандија и Македонија учествуваат без прекин. Го поддржуваме фестивалот, бидејќи уредувачката политика на македонскиот јавен сервис е да ги поддржи младите таленти и да им даде можност да се претстават и надвор од границите на својата земја. Тоа, покрај другото, е и добар начин да се претстави Македонија“, вели Раде Спасовски, шеф на македонската делегација.

Тој потврдува дека фестивалот е во криза и дека од 2003-та година, кога учествувале 18 земји, бројот се намалува.

„Можеби причина за тоа е и пристапот на ЕБУ. Можеби за тоа придонела и финансиската криза. Но, мислам дека ако постои желба да се учествува, секогаш може да се најде и начин и средства за учество на оваа манифестација“, вели Спасовски.

Ерик Рап има 15 години и ја претставува Шведска. Почнал да се занимава со музика на 5 годишна возрастФотографија: EBU

Ерик има 15 години и ја претставува Шведска. Одушевен е од идејата дека изведувачот треба да си ја напише песната.

„Ги гледав претходните Евровизии за деца и си помислив како би било супер кога би можел да бидам дел од тоа. Затоа ја напишав и испратив песната. И, еве каде сум“.

Секој би сакал да победи, но учесниците велат дека тоа им е најмалку важно. Најважно им е што можат да се дружат, да патуваат и пеејќи и играјќи да запознаат врсници од другите земји.

Автор: Леон Јаков / Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми