Македонија денеска игра против Камерун
26 мај 2014 Селекторот на македонската репрезентација, Бошко Ѓуровски, започнува со подготвките за септемврискиот почеток на квалификациите за пласман на Европското првенство во 2016 година, додека Камерунците ќе го одиграат првиот контролен меч во пресрет на Светското првенство, каде за противници во А-групата ќе ги имаат: Бразил, Хрватска и Мексико.
„Камерун е фаворит. Нивниот рејтинг го говори тоа, но нема да се предадеме без борба. Напротив, подготвени сме да се надигруваме за позитивен резултат. Задоволен сум од начинот на кој играчите ги реализираат моите тактички замисли. Тактиката и нејзиното усовршување е во фокусот на овие подготовки. Целта е да наметнеме офанзивна игра. Сакам да играме со топка во нозете, да бидеме фокусирани и брзо да ја антиципираме секоја ситуација. Ќе видиме колку ќе успееме во тоа против Камерун. Можеби е сé уште рано да зборуваме за свој стил на игра. Заедно сме релативно кратко време, во тимот има неколку нови играчи, но јасно ставаме до знаење дека тоа е нашата цел - да изградиме свој, препознатлив стил на игра во кој ќе уживаме“, изјави за интернет страницата на ФФМ, селекторот Ѓуровски.
Македонскиот селектор на Камерун ќе му се спротивстави со формација 4-3-3, во која напаѓачот на Хапоел Тел Авив, Бесарт Адбурахими, ќе биде единствениот дебитант.
Македонија (4-3-3): Пачовски, Тодоровски, Попов, Ристовски, Грнчаров, Спировски, Бабунски, Трајковски, Ибраими, Тричковски и Абдурахими.
Македонија и Камерун низ историјата имаат одиграно еден натпревар - на 9. февруари 2011 година во Скопје, кога Камерун победи со 1:0. Дуелот во Куфштајн ќе започен во 19 часот.