1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија: селекција на бегалците по сигнали од ЕУ

Зоран Јордановски/фац/нцц2 декември 2015

Интервју на Никола Попоски, македонски министер за надворешни работи, за ФАЦ. Други балкански теми во печатот на германски: Црна Гора поделена во однос на НАТО, остра постапка на власта против опозицијата во Косово.

Фотографија: Getty Images/AFP/A. Kisbenedek

„Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) објавува интервју со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски исклучиво посветено на бегалскиот проблем. Во него Попоски објаснува дека оградата што ја поставува Македонија на границата кон Грција е долга 6 километри, но по потреба може да биде продолжена за уште 21 километар. „Во близина на нашите два централни пункта за регистрација на мигрантите настанаа патеки за шверцување на мигранти, кога ние моравме да спроведеме построги гранични контроли по решението на неколку земји-членки веќе да не прифаќаат економски мигранти“, вели Попоски образложувајќи ги мерките за оградување на границата. „За нас ќе беше поедноставно да им дозволиме пропатување на луѓето кои и онака не сакаат да останат во нашата земја. Но, ако некоја земја понатаму на север им го блокира натамошниот пат, тие луѓе ќе останат кај нас. Откако земји-членки на ЕУ, како Германија и Австрија испратија многу јасни сигнали дека одредени луѓе немаат изгледи да добијат азил во ЕУ, Србија, Хрватска и Словенија не’ информираа дека ние веќе не треба да им дозволиме влез на тие луѓе. (...) Од Германија и Австрија добивме пораки на политичко ниво, од кои многу јасно произлегува дека мора да се прави разлика меѓу баратели на азил и економски мигранти“, вели Попоски. Тој објаснува дека економските мигранти најчесто воопшто не го ни кријат тоа. Во врска со критиката од генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун дека е недозволиво селектирање на бегалците врз основа на националноста, Попоски возвраќа: „Никому не му е одземено правото да побара азил во Македонија. Но, тие луѓе ја сметаат Македонија за транзитна земја“. А на прашањето, како воопшто може да побара азил некој, кому не му е дозволен влез во земјата, македонскиот министер вели: „Зошто би побарал азил во Македонија, ако тоа не го сторил во Грција? Таквиот бегалец е веќе во земја-членка на ЕУ. Не е логично дека некој ќе бега од Грција.“

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Никола Попоски во разговорот што го водел Михаел Мартенс, новинар на ФАЦ, уште им префрлува на грчките власти дека не сториле ништо кога при безредијата на викендот бегалците од грчка територија ги нападнале македонските полицајци, кои се наоѓале на територијата на својата држава. Затоа Македонија барала распоредување на припадници на европската агенција за заштита на границите на ЕУ - Фронтекс.

„Црна Гора на крстопат меѓу Исток и Запад“

ФАЦ фрла поглед и кон Црна Гора, каде „Москва е поприсутна од било каде во регионот - но и покрај тоа владата полага врз Брисел“, како што се вели во поднасловот на прилогот. „Со или против Русија - тоа предизвикува поделби во малата Црна Гора спроти пристапувањето кон НАТО. Владата непоколебана од растечкиот отпор го следи својот трансатлантски курс, опозицијата бара референдум и ги мобилизира своите приврзаници да излезат на улица. (...) Просрпски и проруски е првенствено сиромашниот, планински север, црногорско-патриотски и прозападни се приморјето и главниот град Подгорица. (...) Конфликтот меѓу двата големи табора значително се засили откако НАТО во септември минатата година на дневен ред стави скорешен прием на земјата. (...) Ѓукановиќ (премиерот на Црна Гора - н.з.) (...) се залага за интергација на земјата во европските и трансатлантските структури. Истовремено системот Ѓукановиќ покажува типични црти на плуавторитарна фасадна демократија, во која цутат клиентелизам и корупција, а независноста на правосудствот не не ништо повеќе отколку ветување, кое е неизбежно ако се сака пристапување кон ЕУ. На своите критичари владата им нуди доволно точки за напад. (...) Безбедносно-политички пристапувањето на Црна Гора кон НАСТо е сосем релевантно. Брегот (...) долг 200 километри е единствена отсечка на источното крајбрежје на Јадранот која уште не припаѓа кон НАТО.

Според медиумски извештаи базирани врз разузнавачки извори и Русија настојува да добие поморска база во Тиват, но не успеа поради отпорот на владата во Подгорица. (...) Од соседите, навистина, нема акутна закана за Црна Гора, но тие се дел одедна ноторно нестабилна зона, која досегнува до Македонија.“ Русија има силно економско влијание во Црна Гора, пишува ФАЦ и наведува дека руско учество има во „повеќе од 30 проценти од претпријатијата, особено во туризмот и секторот на недвижности“, како и дека „руските гости претставуваат една третина од суте туристи. Руски санкции од таков вид, какви што се воведени против Турција, тешко би ја погодиле Црна Гора“.

„Косово во немирни води“

„Конфронтацијата меѓу владата и опозицијата се заострува. Косовската влада се обидува со цврста рака да го скрши отпорот на опозицијата против договорите со Србија и Црна Гора. Но, нејзиниот апел за почитување на правото и законите убедува се’ помал број Косовци“, пишува „Ное Цирхер Цајтунг“. „Владата применува двојна стратегија против долготрајните протести: оддолжување и притисок. Уставниот суд ќе ја испита законитоста на српската заедница на општини. Владата се надева дека до пресудата во јануари сеништата ќе се смират. Од друга страна таа постапува против опозиционерите со се’ поголема острина. (...) Ветевендосје (опозиционата партија - н.з.) идеолошки е добро поставена со својот микс од национализам, антикапитализам и антиколонијализам. Истовремено најзините напади со гас-солзавец (во парламентот! - н.з.) се многу спорни кај населението. Но, објаснувањето на Самоопределување за мизеријата на Косово расветлува многу нешта: корумпираната елита е зависна од оние од Западот што им даваат издршка. За да може натамошно да ја ограбува земјата, таа е послушник на странците, кои го изложуваат Косово на ново српско влијание. Во однос на ова,како што логично заклучува опозицијата, петардите со гас-солзавец се ситница за беспрекорноста на Самоопределување“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми