1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија:Загадувањето во 2015. однело 1.469 животни години

БГ
26 ноември 2018

Заменикот-министер за животна средина Јани Макрадули вели дека веста која проструи низ македонските медиуми се темели на извештај на Европската агенција за животна средина кој содржи податоци од 2015 и 2016 година

Europa Luftverschmutzung in Skopje
Фотографија: picture alliance/dpa/G. Licovski

Македонија е најзагадена земја во Европа, јавуваат денеска македонските медиуми повикувајќи се на информација објавена од „Јуроњуз“ во која се цитира извештај на Европската агенција за животна средина. Според тие податоци, Македонија навистина била најзагадена земја на стариот континент но во периодот 2015-2016 година, од кои се земени податоците. Што сепак не значи дека денес состојбата е многу подобра.

Извештајот на Европската агенција констатира дека Македонија; заедно со Косово, Србија, Бугарија и Унгарија, има највисока стапка на смртност на 100 илјади жители како резултат на загадувањето со ПМ2,5 честички. Во Македонија стапката на смртност во 2015 година изнесувала, на европско ниво, убедливо највисоки 28,7 на 100 илјади граѓани. За споредба, стапката на ниво на ЕУ членките е 13,9. Според статистиките на ЕУ, тоа значи дека во Македонија биле загубени 1.469 животни години поради загаденоста во 2015.

Јани МакрадулиФотографија: Petr Stojanovski

Каква е состојбата денес? Заменикот-министер за животна средина Јани Макрадули за Дојче Веле тврди дека е подобрена, иако има уште многу работа.

„Се работи за податоци од стар извештај. Во меѓувреме има намалување на загадувањето според нашите мерни станици, а тоа намалување се должи на зголеменото чистење и зачестените инспекции“.

Макрадули потсетува дека владата минатата недела донела стратешка програма „План за чист воздух“ и дека борбата против загадувањето за првпат се воведува како стратешки приоритет.
Во програмата и владата признава дека Македонија е најлошо рангирана меѓу сите европски држави, со најзагаден воздух во градовите.

Со планот се предвидува намалување на загадувањето во Скопје за 50 проценти до 2020 година, а во другите градови за 30 до 50 проценти.

Загадувањето во Скопје го предизвикуваат и големи и мали загадувачиФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Состојбата во главниот град е критична, речиси, преку целата година. Макрадули вели дека во моментов, покачените вредности кои ги покажуваат трите мерни станици во Скопје- Центар, Карпош и Ректорат- се резултат на градежни активности во тие делови од градот и на несоодветниот третман на градежниот отпад.

Засега, греењето во домаќинствата има ниско учество во загадувањето со ПМ честичките, со исклучок на Лисиче, додека транспортот учествува со само 4 отсто во загадувањето на воздухот со ПМ честички во Скопје.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми