Македонија: за чии интереси се тепаа младите на Кале?
14 февруари 2011Вчерашната брутална пресметка главно меѓу млади не е прва, но случувањата на скопската тврдина Кале не ја оставија рамнодушна јавноста. „Крвав ден на скопското Кале“ беа насловите во дел од весниците, на кои настанот им асоцираше на 2001 година и тетовското Кале. Власта побара смирување на страстите, дипломатите остануваат загрижени, опозицијата предупредува дека владината коалиција неуспешно ги менаџира меѓуетничките односи. И сето тоа се случува на два дена пред заминувањето на шефот на македонската влада Никола Груевски во Вашингтон.
Не постои опасност од прелевање на судирите на етничка основа во пошироки димензии, вели за Дојче веле аналитичарот Петар Арсовски:
„Случувањата на скопско Кале и тоа што го видов не ми изгледа како афтохтона потреба од електоратот, така што не верувам дека тоа ќе се симне на улица, барем не во оваа фаза, дека ќе влиајае на заладување на меѓуетничката доверба, пред се меѓу населението“, смета Арсовски.
Инструментализација на младите
Не е прв пат навивачките групи Шверцери, Комити, Мајмуни или кошаркарските гласници да бидат дел од меѓусебни и брутални меѓуетнички и расистички навреди, натпреварите да бидат третирани со висок безбедносен ризик, но загрижува кога тие се инструментализирани од партиски или политички мотиви, вели универзитетскиот професор Виолета Петровска Бешка.
„Младите немаат развиено вештини за демократска партиципација, не се воспитувани да формираат свое мислење. Тие се воспитувани да следат авторитети и во случајот на Кале тоа за жал се политичарите“.
Професорот Петровска Бешка подолго време се занимава со истражување на образовниот систем, како основа но и како разградба на мултикултурализмот во Македонија.
„Македонија само формално се декларира како мултиетничка, а мултикултурализмот не го развиваме како процес различните заедници да живеат едно со други, туку тие фактички живеат едни покрај други“.
Не постои нужното меѓусебно почитување
Во едно истражување на Центарот за граѓански и етнички слободи и права, спроведено пред две години, само 10 насто од македонските ученици покажале познавање на историски личности и настани важни за Албанците во Македонија, потсетува Сафет Балажи:
„Како почна, преку современите облици на комуникација, преку Фејсбук, лесно се организираа протестите и контра акцијата, но ние не покажуваме почитување едни кон други, ниту пак го негуваме правото на различноста. Затоа младите се лесен плен за политичка манипулација“, вели Балажи, истражувач на етничката толеранција кај младите .
Скопско Кале, со изградбата на таканаречената црква –музеј, со експонати најдени во археолошките ископини, ги разбранува духовите, откако директорот на Агенцијата за заштита на културното наследство Паско Кузман, инкогнито и сред ноќ, ги продолжи градежните работи и покрај спротивставувањето на градоначалникот на Чаир Изет Меџити. Тој пак и самиот учествуваше во уривањето на дел од инсталациите заедно со челници и министри од владејачката ДУИ.
Автор: Александар Чомовски
Реадктор: Жана Ацеска