1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија – избори со трето полувреме?

Зоран Јордановски 28 април 2014

Премиерот Груевски – не баш тотално среќен изборен победник. Социјалдемократите како лоши губитници. Малку необично сфаќање за демократијата во македонската политика. Коментар на Зоран Јордановски.

Фотографија: MIA

Никола Груевски, шеф на владата и претседател на ВМРО ДПМНЕ е победник на изборите во Македонија: неговата партија останува најсилна пратеничка група во новиот парламент, дури и со петмина пратеници повеќе отколку досега. Згора на тоа, и неговиот кандидат Ѓорге Иванов останува претседател на Македонија за натамошни пет години по убедливата победа во вториот круг против социјалдемократот Стево Пендаровски. Па сепак, останува и една горка голтка. Една цел, за која тој лично особено многу се ангажира во предизборната кампања, Груевски не можеше да ја постигне: апсолутното мнозинство. За тоа му фали едно единствено пратеничко место – токму толку, колку што има ГРОМ (Граѓанска опција за Македонија), еден од новите субјекти во македонскиот политички пејсаж, партија која веќе во првиот обид успеа да влезе во парламентот. Значи, ГРОМ како обезбедувач на мнозинство за ВМРО ДПМНЕ? Политички тоа секако има одредена цена.

При формирањето на владата Груевски најверојатно ќе има работа со ДУИ, која од изборите излезе исто така засилена. А токму тоа сакаше да го избегне. Или целиот спор во владината коалиција претходно сепак беше само „театар“, како што шпекулираат многумина набљудувачи во Скопје. И сите оние националистички тонови на обете страни – сето тоа ли беше само во функција на постигнување добар резултат и задржување на власта? И, сега ќе следува враќање кон вообичаеното работно секојдневие?

Социјалдемократите се покажаа како лоши губитници. Изборниот резултат значи ново фијаско: деветти последовен пораз, осум пратеници помалку. СДСМ веднаш по изборите најави дека нема да го признае изборниот процес, оти не можела да дојде до израз слободната волја на народот при гласањето. Тука мора да се каже: Да, кај овие избори не беше баш се' в ред, во предизборната кампања сите партии немаа еднакви услови. Владеачката партија имаше значителни предности: голема медиумска поддршка, многумина државни службеници (та нели е државата воедно и најголемиот работодавач во Македонија), од кои се очекува – а според СДСМ и се бара! - не само лојално да го дадат својот глас за ВМРО ДПМНЕ, туку да обездедат и други гласови, на пример од роднини.

Но, ништо од сево ова не е ново. Не е ново дека најголемиот дел од важните медиуми се верни, дури поданички подредени на владата. Парите од државната каса се еден од главните извори на приходи во форма на реклами. Партијата која е на власт од 2006 година цело време води речиси непрекината предизборна кампања. Медиумската слобода е една болна тема: Македонија за пет години падна за 89 места кај вреднувањето на Репортери без граници, а ЕУ медиумската слобода речиси ја крена на ниво на критериум за пристап. Пари од државната каса, најчесто од нови задолжувања, инаку, штедро се наменуваат и за социјални погодности или субвенции. И со тоа исто така „се купуваат“ гласови.

Зоран ЈордановскиФотографија: DW/P. Henriksen

И, дури и кога е или наводно е сето тоа така, мора да може од губитникот да се очекува и малку самокритика. СДСМ по редицата порази внатрешно се раскинуваше, никогаш вистински не се опорави. Постојни смени на челната функција, неспособност или неволност да се осознаат и јавно да се признаат сопствените грешки, за со тоа да се врати довербата и веродостојноста... СДСМ не успеа да понуди нешто програмски, што избирачите вистински би ги воодушевило.

Да се погрижеше своевремено како партија на власт вистински за медиумска слобода, денес со сигурност ќе имаше пообјективно известување. Не треба да се заборави кога започна тенденцијата за ставање на медиумите под контрола, меѓу нив и националната медиумска куќа. Токму во „златното време“ на СДСМ!И, не сите гласања тогаш денес се сметаат за пример за фер и демократски избори. Тоа, сепак, во никој случај не треба да се сфати како оправдание за се’ што сега се случува на изборите.

Се поставува уште едно прашање: што треба да значи најавеното непризнавање на изборниот процес? СДСМ нема да ги прифати освоените мандати? Ќе дејствува ли како вонпарламентарна опозиција? Тоа, сметам, би било лошо како за партијата, исто така и за политиката и општеството. На премиерот Груевски ионака му се припишува авторитарен стил на владеење. Парламент без најголемата опозициона партија – таква ситуација само натамошно би ги засилила авторитарните тенденции.

Македонија е соочена со многу сериозни проблеми: економската состојба, високата невработеност, закочената евроатлантска интеграција. Тука одредена одговорност имаат и партиите кои не се на власт, иако главниот товар паѓа врз владеачките. Тие, пак, мораат да бараат дијалог со опозицијата, за да се изнајдат издржани решенија. Тоа би била одговорна, демократска политика во интерес на општеството. За жал, во Македонија, каде на политичките противници се гледа како на непријатели и меѓупартиските или личните анимозитети на лидерите се пренесуваат и меѓу приврзениците, таква политика е прилично непозната.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми