1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија има здрава храна, но можностите не се користат

9 март 2010

Недоволно искористен рај од аспект на производство на биохрана. Вака со една реченица може да се опише Македонија. Земјата е незагадена, но земјоделците не се стимулирани да произведуваат органска храна.

Одличните услови нудат одгледување на широка палета органски производиФотографија: DW

Македонија е вклучена во светските трендови на создавање на органска храна. Земјата е рај за органско производство, но можностите се недоволно искористени. Станува збор за најбрзо растечки бизнис по секторот за информатичка технологија. Клучната предност, што се однесува на органското производство, на Македонија и` го дала природата. Според одредени истражувања, животната средина во поголемиот дел од Македонија е шест пати помалку контаминирана во споредба со развиените земји. Пред пет години имаше само педесетина земјоделци кои произведуваа органска храна. Денес, таа бројка е неколкукратно поголема, објаснува за Дојче веле претседателот на федерацијата на органски производители Ѓорги Хаџикотаров.

„Моментално има 250 фармери кои ги зголемуваат и површините за производство на органска храна. Ние имаме одлични услови за производство на органска храна, но производителите и трговците не се доволно мотивирани за тоа.“

Недоволна соработка меѓу производителите на здрава храна и трговцитеФотографија: picture-alliance/ ZB

Здравата храна во земјата ја контролира сертификациско тело

Сепак, станува збор за многу слабо развиена дејност во споредба со светскиот просек. Органска храна се произведува на многу мал процент од вкупно обработливата површина во Македонија. Горан Ангеловски, координатор на УСАИД за проекти од земјоделството, вели дека бизнисот е утврден со закон, а храната добива потврда дека е од органско производство откако ја контролира сертификациско тело.

Во Македонија производството на органска храна има годишен раст од 25 проценти, што е меѓу највисоките стапки на раст на некоја гранка, по секторот на производството на компјутерска опрема. Надлежните институции во земјата и меѓународните донатори им препорачуваат на фармерите и земјоделците кои решиле да се занимаваат со органско производство никогаш да не настапуваат индивидуално, туку преку здруженија за да обезбедат поуспешна примена на пакетот за поддршка. Но, соработката меѓу производителите и трговците е клучен проблем, вели Хаџиотаров кој на својата фарма во Струмица произведува органско киви.

„Проблеми има секаде. Субвенциие се мал стимул. Клучен проблем во моментов се реалациите меѓу трговците и производителите.“

Македонците имаат голем избор на здрава храна, но не ја користат доволно

Околу 80 насто од здравата храна во земјата се извезува, а остатокот останува на домашниот пазарФотографија: DW

Најголем дел од органското производство е наменето за извоз, а палетата на производи е навистина богата. Од овошје и зеленчук, мед, сточарски производи, самоникнати шумски плодови. Македонија има разновидна биохрана, но македонските граѓани недоволно внимаваат со што се хранат, смета Ангеловски.

„Сметам дека културата на јадење органска храна и воопшто, свеста за здрава храна, кај Македонците не е на високо ниво.“

Според одредени анализи, органска храна во Македонија се произведува само на 11 илјади хектари земја. 20 проценти од производството останува на домашниот пазар, а остатокот се извезува.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми