Македонија испраќа помош во Србија и БиХ
18 мај 2014Град Скопје доцна синоќа испрати дополнителна помош за настраданите во поплавите што ја погодија Република Србија. Помошта од Скопје е веќе пристигната во Белград, а тамошните власти ќе ја распоредат според потребите.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски вели дека е во постојана комуникација со градоначалникот на Белград, Синиша Мали, од кого добива информации каква помош е најпотребна. „Градот Скопје многу брзо се организира, веќе испративме 50.000 вреќи за песок, како и шлепер со флаширана вода за пиење, а дополнително испративме и едно противпожарно возило опремено со две моќни пумпи за испумпување вода и дополнителна опрема, чамец за спасување, како и екипа од шест пожарникари од Противпожарната бригада на Град Скопје кои ќе се вклучат во извлекување на настраданите. Според моите информации, испратената помош е веќе пристигната во Белград“, изјави денеска Трајановски.
Исто така се подготвува помош и за БиХ. „Сакам да нагласам дека Скопје е град на солидарноста, а неговите сограѓани добро се сеќаваат на помошта што пристигнуваше од сите делови на светот по катастрофалниот скопски земјотрес. Сега нам ни е редот да помогнеме“, изјави градоначалникот Коце Трајановски.
Хуманирани акции се одржуваат ширум Македонија
Гевгелискиот Црвен крст и Општина Гевгелија организираат заедничка хуманитарна акција за помош на настраданите од поплавите на Балканот. Организаторите на акцијата апелираа до граѓаните и фирмите да ја покажат својата солидарност и да достават донации во рамки на своите можности.
Помошта од денеска се доставува во просториите на општинскиот Црвен крст во Гевгелија, а од утре ќе има и дополнителна локација во спортската сала на ДТВ Партизан. Акцијата ќе се одвива секој ден заклучно со 31-ви мај. Парични средства може да се испраќаат само на фондот за солидарност при Републичкиот Црвен крст.
На хуманитарна акција повикаа и Градот Охрид, општинската организација на Црвениот крст и Здружението на Србите од градот. Како што истакна Сашо Точков од Црвениот крст во Охрид, сите хумани граѓани на Охрид донациите во производи и облека ќе можат да ги остават на два главни собирни пункта во градот, како и во неколку маркети во градот. „Акцијата ќе се состои во собирање средства што во консултација со Црвениот крст на Србија се најопходни во овој момент, како средства за лична хигиена, прехранбени производи, исклучиво конзервирана и трајна храна, храна за бебиња, вода, нова облека, ќебиња, облека и обувки“, истакна Точков.
Хуманитарна акција ќе биде организирана и во Штип. Портпаролот на Општина Штип, Драган Ристов вели дека општината утре од седум часот ќе го отвори пунктот за собирање на храна, облека, ќебиња, лекови и други добра кои им се потребни на граѓаните во поплавените делови на Србија и Босна и Херцеговина.
„Ние како град многу добро знаеме колку штета можат да донесат поплавите. Сѐ уште го паметиме излевањето на реката Брегалница во февруари 2013 година, кога 30 куќи во штипско Ново село беа поплавени, а граѓаните трпеа големи штети. Затоа и очекуваме штипјани како и минатата година да ја покажат својата хуманост“, вели Ристов.
Кумановци исто така масовно се вклучија на повикот на граѓанската иницијатива „Куманово за Србија и Босна“ која се прошири преку социјалните мрежи, невладините организации и надлежните институции за хуманитарната акција за помош на настаданите во поплавите што го зафатија регионот. Жителите на Куманово донираат храна, вода, облека, постелнина, средства за хигиена на собирни пунктви на градскиот плоштад во Куманово и во населбата Карпош и село Љубодраг.
Заедницата на единиците на локалните власти на Република Македонија - ЗЕЛС исто така спроведе низа координативни активности со своите членки, македонските општини, за обезбедување хуманитарна помош за населението од поплавените општини во Република Србија и во Република Босна и Херцеговина.