1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Зошто историјата за Македонците „стои во место“

11 октомври 2021

Додека не ги надминат митските слики за предавници и патриоти и не го напуштат анахрониот „историски театар“ во кој само глумат сегашност, Македонците нема да сознаат дека сами се најголеми непријатели на својата иднина.

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Доколку му веруваме на Цицерон и на неговата изрека „Historia magitsra vitae (est)“, тогаш народите би требало да учат од историјата, а најмногу од сопствената. „Лесно му е на Цицерон да дели мудри изреки“, го слушам приговорот на мојот просечен македонски современик, „затоа што тој не е роден на Балканот, а уште помалку во Македонија.“ На прв поглед, се чини дека приговорот има смисла. Меѓутоа само доколку не се обидеме да ја согледаме поентата на Цицерон: историјата е учителка на животот за оние кои сакаат да ја разберат суштината на одредена историска констелација, да се соочат со грешките направени во неа и да извлечат поука за иднината. За да не им се случи, во слична историска констелација, да ја направат истата грешка како нивните предци. Дали од историјата ќе учиме за да избегнеме порази во иднината зависи од тоа како ја доживуваме – како поле во кое сме активни учесници или како судбина во која можеме да бидеме само жртви. Во изреката на Цицерон историјата е доживеана како поле за активни играчи, а не на судбински предодредени жртви. Македонците отсекогаш се препознаваа себеси во втората категорија луѓе – жртвите на историјата.

Без стратегија

Имам впечаток дека за Македонците во последниве три децении историјата се повторува или „стои во место“. Се повторува, пак, тоа од коешто не сме извлекле поука или тоа во однос на кое не сме сакале или не сме успеале да го „смениме“ своето однесување. Затоа што тоа однесување низ историјата ни станало „втора природа“ или менталитет кој речиси сраснал со нас до таа мера, што повеќе не ја забележуваме неговата штетност за нашиот живот. На пример, да се однесуваме пасивно и игнорантно, небаре историјата му се случува на некој друг народ. Пример за тоа е однесувањето на најголемиот број Македонци во тие долги години, во кои Грција го оспоруваше правото на Македонците нивната држава да се вика Република Македонија. Секако, сите знаеја дека таму некаде, во Обединетите нации, се среќаваат македонски и грчки преговарачи и размислуваат како да го решат тој спор. Меѓутоа, во тој спор вистински активните играчи најчесто не беа Македонците, туку Грците. Тие имаа стратегија, пишуваа писма до сите европски влади, објавуваа книги за трите милениума грчка култура и историја, организираа научни конференции за да го докажат „грчкиот карактер“ на регионот Македонија. Човек добиваше впечаток дека грчката политика уште пред распадот на Југославија веќе размислувала како да ги одбрани „своите“ интереси во однос на името Македонија. Македонците, пак, како да беа уверени дека сиот свет знае кои се тие и која е нивната држава. Сиот свет мора сам по себе да знае дека има само „една Македонија“! Затоа сметаа дека нема потреба самите да направат долгорочна културна стратегија за да ѝ покажат барем на јавноста на ЕУ дека тие имаат право нивната држава да се вика Република Македонија. Ако светот сака да дознае повеќе, нека дојде и нека ги праша!

Зошто Македонците требаше да имаат подобро разработена стратегија? Затоа што историјата е учителка на животот! Затоа што со историјата вешто се ползуваше Грција, чиј министер за надворешни работи, Андонис Самарас, по прогласувањето на независноста на Република Македонија пред Обединетите нации ги поднесе копиите на двете резолуции кои оваа организација ги беше изгласала во текот на Граѓанската војна во Грција. Во тие резолуции беше осудена поддршката која Југославија им ја давала на грчките партизани (ДАГ), која одела, пред сѐ, преку НР Македонија. Што значи, грчката дипломатија, која добро ја паметела својата историја и нејзиниот драматичен период во Граѓанската војна, ги потсетила Обединетите нации дека таа Република Македонија, која по распадот на Југославија ја изгласа својата самостојност, е истата „поранешна југословенска република“ која во Граѓанската војна во Грција ги помагаше партизаните со цел да се оствари автономија или обединување на Егејска со Вардарска Македонија, во рамките на идната балканска федерација, предводена од Југославија. Врз таа историска констелација грчката политика го темелеше својот аргумент дека зборот „Македонија“ во името Република Македонија претпоставува „територијални претензии“, односно, „иредентизам“. Отаде и привременото име „ПЈР Македонија“, сѐ дури не се најде друго решение.

Патриоти и предавници

Зошто македонската политика не успеа да наметне сериозна стратегија против тој аргумент? Затоа што Македонците никогаш кон историјата не се однесуваа како кон „учителка на животот“. Затоа што најчесто историјата ја доживуваа како „зла судбина“, во која конците ги влечат „демонски сили“, кои не само за просечниот Македонец отсекогаш беа „Големите сили“. Големиот свет во историската меморија на Македонците е или место за „бегство“, за „печалба“ или место на „злочин и казна“, на судбоносни историски договори. Човек добива напати впечаток дека Македонците научиле совршено да ја „игнорираат“ историјата, небаре таа ќе ги „одмине“, доколку се прават дека не ја забележуваат. Затоа кога конечно беше договорено решението за „спорот со името“ со Преспанскиот договор, за голем дел од Македонците се чинеше дека настапила ненадејна „катастрофа“, дека се разбудиле од длабок сон, не знаејќи дека две децении се преговараше за „промена“ во името на државата.

И што направија тие Македонци во тој миг? Се предадоа на сопствената црно-бела „митска слика“ за историјата во која има само „патриоти и предавници“. Таа слика, притоа, е длабоко анахрона и самодеструктивна токму за Макединците и за македонската држава. Во шизофреничноста на тоа однесување Македонците - поделени во самоперцепцијата на „предавници и патриоти“ – се однесуваа како да заборавиле дека имаат своја држава, дека поминало одамна времето на борбите на еден Македонец со друг. Напротив, како некој историски призрак да ги катапултираше во времето кога македонските револуционери се убивале едни со други, тие овојпат оружјето го најдоа во најжестоката политичка реторика. Наместо уште во годините на почетокот на „спорот за името“ да излегуваа масовно на протести, за да разбере светот за нивната неволја, тие сега станаа ревносни во одбрана на „името“ - од другите Македонци! Впрочем, така било и во минатото - Македонец најчесто гледа непријател во другиот Македонец. Не е чудно зошто оттогаш омразата стана главниот двигател во македонското општество, и тоа не само во политичкиот, туку и во приватниот живот. Дури и по цена на загроза на државата, „едните“ им посакуваат, по секоја цена, пораз на „другите“ Македонци. Овој синдром сведочи за недостиг на самосвест кај Македонците за заедничка државна стратегија и за заедничка историска цел. Партикуларните, партиските и личните интереси се често поважни од заедничките државни цели.

Глумење сегашност

Во „Тетовирани души“ Горан Стефановски опишува еден историски стереотип во однесувањето на Македонците: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“ Минатото никако не си оди онаму каде што сегашноста критички не го надминала. Онаму каде што сегашноста секогаш одново, како во митолошко „вечно враќање на истото“, регресира во истите стереотипни начини на мислење и однесување, таму со сегашноста владее минатото. Зошто „новите патриоти“ во Македонија не се препознаваат себеси во репликата, „а ние овде глумиме сегашност“? Затоа што тие не се субјекти, туку актери во архаична драма која раскажува за народ кој уште се бори за своја држава. Тие не се наоѓаат во сегашноста, тие само глумат сегашност. Затоа не ја забележуваат апсурдноста на состојбата во која, иако имаат држава, не се однесуваат по логиката на народ кој на прво место ги поставува највисоките државни интереси. Тие луѓе се вон историското време, затоа што го живеат стереотипот на „патриот“ од митолошката слика. Тие не се доживуваат себеси како слободни граѓани, како субјекти во модерна држава, туку како актери во имагинарна драма.

Непријатели на сопствената иднина

Иднината никако не доаѓа онаму каде што луѓето немаат визија за заедништво, затоа што иднината секогаш се потпира врз чувството на обединетост околу една заедничка цел.Тоа што Македонците во минатото предолго успевале да преживеат во бездржавност, денес ги спречува да ја извлечат главата од песокот на рововската партиска борба, за да може да согледаат дека не треба да ги повторуваат грешките од историјата на борбата за македонска држава. Тие како автомати говорат за „идентитетот“, притоа забораваат дека идентитет значи да умееш во Другиот, во неговите цели и стремежи, во неговото мислење и однесување „да се препознаеш“ себеси. Идентитетот се остварува кога се отсликува во заедништвото кое е доволно стабилно да може да го прифати како дел од себеси и туѓинецот и бегалецот и доселеникот. Идентитетот не е фанатичната самовљубеност во големината на својот род и на своето крвно потекло. Тоа е племенска свест, но не и модерна национална, граѓанска самосвест. Една нација, еден народ кој не може да се обедини, слободно и одговорно, околу највисоките цели на политичкиот, општествениот, културниот и социјалниот живот, самиот го загрозува својот национален идентитет.

Македонците веќе се наоѓаат во таква самодеструктивна состојба на духот. За тоа е доказ не само националниот расцеп, туку и проектот „Скопје 2014“. Сѐ додека Македонците не станат свесни дека одамна е поминато времето кога тие се делеа на „патриоти и предавници“, минатото, според зборовите на Горан, „никако нема да си отиде“. Сѐ додека не сфатат дека треба да се борат со заеднички сили во остварувањето на највисоките цели (независно од политичката и партиската определба), иднината нема да дојде. Сѐ додека не ги надминат митските слики за „предавници и патриоти“ и не го напуштат анахрониот „историски театар“ во кој само глумат сегашност, Македонците нема да сознаат дека тие самите се најголемите непријатели на својата иднина. Никој однадвор не се осмелува да разединува луѓе кои имаат јасно чувство на припадност. Пораката на репликата од „Тетовирани души“ на Горан Стефановски е јасна: да ја запишеме конечно заеднички нашата македонска приказна – и тоа на најдобриот можен начин! За да дознае светот кои сме и што сме. Горан ги запиша сите искушенија и сите порази на македонската историја во совршена драмска форма. Нашата задача како Македонци е конечно да почнеме да учиме од историјата, за да не мора да ја повторуваме лекцијата.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми