Постигнат договор за признавање на возачките дозволи
БГ
16 февруари 2018
Според извори на Дојче Веле, постигнат е договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи. Се очекува договорот наскоро да стапи во сила, иако никој не сака да прогнозира кога точно тоа би можело да се случи
Реклама
Билатералниот договор меѓу Македонија и Германија за меѓусебно признавање на возачките дозволи начелно е постигнат, велат извори на ДВ. Останува да се отстрани уште една пречка, и потоа, македонските државјани кои живеат или работат во Германија наскоро ќе можат да ги заменат своите матични возачки дозволи за германски.
Тоа е особено важно како за македонските државјани кои имаат постојано живеалиште во Германија, но и за оние кои често патуваат во земјата, бидејќи досега правото да управуваат со моторно возило во Германија го имаа само во првите шест месеци од престојот. Потоа, мораа да полагаат одново возачки испит- што чини и пари и време.
Државите од Балканот кои не се членки на ЕУ потпишуваат билатерални договори со Германија за регулирање на ова прашање. Србија и Босна и Херцеговина веќе извесно време имаат такви договори, но Македонија немаше.
Преговорите меѓу надлежните министерства во Берлин и Скопје околу меѓусебното признавање на возачките дозволи траат повеќе од една деценија, од 2007 година. Иако во јавноста имаше многу претпоставки околу тоа која е причината за одолговлекувањето, дознаваме дека клучниот проблем бил на македонска страна. Имено, проблем е лекарското уверение кое во Македонија се бара за полагање на возачки испит, а во Германија такво правило не постои. Сега се прават напори таа пречка да биде отстранета, а МВР бара начин како да го повлече тој услов. Останува македонските министерства за транспорт и внатрешни работи, од една, и германското министерство за сообраќај, од друга страна, да го детализираат текстот на билатералниот договор, и тој конечно да се потпише. Од македонското МВР попладнево за ДВ потврдија дека „постапката за потпишување на Заедничката декларација за намера за процедури за замена на возачки дозволи е во завршна фаза“. Во МВР очекуваат последното отворено прашање да биде решено на координативен состанок закажан за в понеделник 19 февруари.
Германците и нивните автомобили
Без оглед на скандалот со дизел горивото, автомобилите се дел од германскиот национален идентитет. Но колку е навистина длабока љубовта на Германците кон пријателите на четири тркала?
Удар за автомобилската индустрија
Репутација на славните германски автопроизводители доживеа голем удар, но продажбата и натаму расте. Сепак, германските брендови сочинуваат помалку од две третини од сите возила на германските патишта. Притоа се работи за чисто машка „територија“: само една третина од сопствениците на возила во 2017 година се жени. Интересно, таа бројка воопшто не се промени во последната деценија.
Фотографија: picture alliance/dpa
Една деценија на пат
Германските патнички возила, полека старееја, од 8,1 година во просек пред една деценија, до највисокиот просек во историјата од 9,7 години во 2017. Патем, Германија воопшто не е во светскиот врв според возила по глава на жител. Таа е на 20 место - 17 места зад САД, каде на секои десет жители има осум автомобили. Најмалку моторизирана земја во светот е Того.
Земја на олдтајмери
Околу 600 илјади возила - околу 13 проценти од сите возила на германските патишта се сметаат за олдтајмери, што значи дека се постари од три децении. Околу 380 илјади имаат историски регистерски таблички кои се добиваат доколку се докаже дека возилото е сочувано со оригиналната состојба.
Фотографија: Imago/imagebroker/friederich
Постепена моторизација
На 1 јануари 2017, во Германија беа регистрирани 45,8 милиони патнички возила. Во однос на населението од 82,8 милиони, тоа значи дека има 684 автомобили на илјада жители. Денес, има пет пати повеќе автомобили во земјата отколку пред половина век, кога беа регистрирани околу 9 милиони возила.
Во земјата на БМВ
Просечната старост на возилата во Германија варира од покраина до покраина. Веројатно не е изненадување што во Баварија, домот на БМВ и покраина со најголем приход по глава на жител, просекот на старост на возилата е најмал. Просечната старост на возилата на патиштата во Бранденбург, покраината околу Берли, надминува една деценија.
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Gebert
Германија заостанува
Иако бројот на возила на бензин остана стабилен во последната деценија, нивниот удел се намали на две третини од сите мотори во 2017. Бројот на дизел возила порасна од 10 на 15 милиони од 2008 наваму. Електричните и хибридните возила комбинирано сочинуваат само 0,5 проценти, или вкупно 200 илјади. Во Норвешка уделот на електричните возила е повеќе од 1 процент.
6 фотографии1 | 6
Оттаму уште велат дека заедничката декларација која ќе биде потпишана со Германија не подложи на ратификација, па оттука договорот ќе стапи на сила на денот на неговото потпишување.
Македонските иселеници во Германија минатата година покренаа и онлајн- петиција со цел да се забрза постапката за признавање на возачките дозволи. Бројот на македонски државјани кои живеат и работат во Германија во изминативе години достигна 100 илјади. Голем број од нив се соочуваат со проблеми во секојдневието и во извршувањето на работните задачи поради тоа што немаат валидна возачка дозвола. Полагањето за нова, германска, возачка дозвола во просек чини околу 1.500 евра.
Најлошиот сообраќај во светот
Компанијата за анализа на сообраќај Инрикс пресмета колку време поминуваат возачите во сообраќајните метежи во 1.064 градови во 38 земји од светот. Ви ги претставуваме „победниците“:
Фотографија: Xuan Thang Nguyen
Најлошиот сообраќај во светот: Лос Анџелес
Светски лидер за најдолгите „заглавувања“ во сообраќајот од или кон работното место е градот Лос Анџелес. Возачите во Калифорнија во просек годишно поминуваат 104 часа во автомобилите чекајќи. Тоа време е еднакво на повеќе од две недели поминати во автомобилот...
Фотографија: picture-alliance/Frank Duenzl
Московјани треба да бидат трпеливи
На второ место се наоѓа Москва, каде возачите во автомобилите поминуваат 91 час годишно. Една од главните причини за сообраќајните метежи е фактот дека улиците во Москва зафаќаат релативно мала пропорција од целиот простор во градот.
Фотографија: Getty Images/Y.Kadobnov
Сообраќајен хорор во Њу Јорк
Њујорчани поминуваат дури 89 часа во автомобилите секоја година. Пет од десетте наjнатрупани градови во светот се наоѓаат во САД - што ја прави најнатрупаната развиена земја во светот.
Фотографија: picture alliance/dpa/blickwinkel
Доколку одите во Сан Франциско...
Утринското патување преку мостот Голден гејт може да ве чини подеднакво многу време и пари. Возачите заглавени во сообраќајниот метеж годишно ги чини 1,400 американски долари. На национално ниво бројката изнесува речиси 300 милијарди долари.
Фотографија: Getty Images/J.Sullivan
Лоши изгледи...
Сообраќајниот метеж во Сао Паоло е на шесто место според бројот на поминати часови во автомобилот. Во овој град, возачите годишно поминуваат 77 часа во автомобилите. Иако понудата на нови патишта стагнира, побарувачката за нивно користење се очекува да расте.
Фотографија: picture alliance/dpa/C.Faga
Метеж во Лондон
Велика Британија е трета по ред најпогодена земја во Европа од сообраќајен метеж. Според аналитичарите, една од причините за тоа е порастот на онлајн нарачките и возилата за достава кои го предизвикуваат метежот.
Фотографија: Getty Images/S.Barbour
Проблем кој се влошува
Со оглед на фактот дека Инрикс не прибира податоци во Кина и Јапонија, градовите во овие земји не се рангирани. Сепак, сообраќајот во регионите на брзорастечките градови постојано се влошува.
Фотографија: picture alliance/dpa/W.Lei
Африканските возачи „заробени“ во сообраќајот
Африка исто така не е вклучена во извештајот, затоа што Инрикс не прибира информации од таа земја. На пример Лагос, најголемиот град во Нигерија, е под големо влијаније на сообраќајот. Една од причините за таквата ситуација е финансискиот центар во градот кој е сместен на остров до кој има ограничен пристап. Доколку се случи незгода на патиштата, страда целиот град.