1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и изборите во САД: Трамп е чуден, но оригинален

Кристина Озимец
8 ноември 2016

Хилари Клинтон или Доналд Трамп? Ова е прашањето кое денеска го врти светот, а интересот не е помал и во Македонија. За едни Клинтон е стабилна и сигурно ќе победи, додека други велат Трамп е подобар.

USA Wahlkampf Trump-Anhänger
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Ngan

„Доналд Трамп ќе победи бидејќи е подобар од Клинтон“, вели еден повозрасен господин со кого разговаравме на плоштадот Македонија. Тој смета дека неговата порака е јасна и едноставна и тоа повеќе допира до широките маси отколку говорите на Клинтон, кои му звучат како често повторувани и веќе чуени фрази. Трамп е чуден, но оригинален и тоа очигледно предизвикува внимание.

И младиот Кирил смета дека шансите на Трамп се подобри во однос на Клинтон. Според него, ако Трамп победи, тоа нема да донесе некои радикални промени во однос на политиката на Америка, внатре во државата и надвор од неа. „Сепак САД е светска велесила и не може да си дозволи да ги менува драматично своите политики при секоја промена на администрацијата во Белата куќа. Трамп во очите на неговите поддржувачи е подобриот, бидејќи е поразбирлив во однос на Клинтон. Тој управува со огромна бизнис империја и тоа секако е негов плус“, вели Кирил. 

Мислењата се поделени. Љубопитноста е голема и многумина внимателно ги следат дебатите меѓу двајцата кандидати за американски претседател, како и скандалите кои секојдневно ги следат Клинтон и Трамп.

Трамп во очите на неговите поддржувачи е подобриот, бидејќи е поразбирлив во однос на Клинтон.Фотографија: Reuters/C. Allegri

Голем интерес за изборите

Активистката Ивана Јордановска, се надева дека Хилари Клинтон ќе победи од три различни побуди: кој е нејзиниот противник, потенцијалот за исполнување на политиките и симболиката зад нејзината победа.

„Можноста Трамп да победи е застрашувачка, како за домашната, така и за надворешната политика на САД. Второ, мислам дека е искусна и реалистична политичарка која може да донесе промени кон подобро. Напредокот во демократски уредените општества е бавен и бара многу трпение: најдобар пример е здравственото осигурување за милиони Американци кое прво го промовираше Бил Клинтон, но дури Обама успеа да го имплементира. Мислам дека Хилари го има трпението да оствари позитивни промени во сегашниот систем. Трето, нејзината евентуална победа ќе значи инспирација за милиони девојки низ светот кои за прв пат ќе видат жена на кормилото на една од највлијателните земји“, вели Јордановска.

Вангели: се бира помеѓу некаква разубавена верзија на статус квото (Клинтон), и радикална промена која води во непознат правец (Трамп)Фотографија: privat

Со оглед на тоа што многу од настаните во светот значително зависат од тоа кој седи и што се одлучува во Белата Куќа, насекаде постои голем интерес за американските претседателски избори, вели Анастас Вангели, дoктoрaнд нa Висoкaтa школа за oпштествени истрaжувaњa при Пoлскaтa Акaдемијa нa Нaуки. 

„Во Македонија интересот можеби е поголем од многу други места затоа што САД се директно вклучени во менаџирањето на македонската политичка криза. Постоењето на скандали со протечени документи и обвинувања за корупција на кандидатите од владејачките партии пак се неочекувано слични со домашниот политички контекст“, додава Вангели.

Америка го бира помалото зло

Според него, без Берни Сандерс во трката, се бира помеѓу некаква разубавена верзија на статус квото (Клинтон), и радикална промена која води во непознат правец (Трамп).

Хилари го има трпението да оствари позитивни промени во сегашниот систем, вели Ивана ЈордановскаФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Harnik

Политологот Соња Стојадиновиќ пак вели дека разликата помеѓу Трамп и Клинтон не е голема и се бира помалото зло.Според неа, Хилари нема намера да ја прекине било која војна која е почната уште од времето на претседателствувањето на нејзиниот сопруг.

„Суштината е во тоа што воената индустрија е основата на американската економија. Ако се земат предвид политиките на сите претседатели на САД од големата депресија 1919 година до сега, ќе видиме дека војните кои се водат надвор од територијата на САД не престанале. Трамп е повеќе од необразован во надворешна политика, така што тој само под влијание на постоечката администрација и воените интереси ќе продолжи со истата надворешна политика како до сега. Можна е само една разлика помеѓу нивните политики -Трамп да го намали военото присуство на Американците надвор од нивните граници поради елементарно непознавање на надворешната политика на САД, а Клинтон да го зајакне токму поради нејзиното познавање и вмешаност во надворешните војни“, смета Стојадиновиќ.

Во однос на Македонија вели дека не очекува директни важни промени. „Македонија секогаш била и ќе остане само еден од многуте пиони на шаховското поле на меѓународната политика каде кралеви и кралици се големите сили“, додава таа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми