1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Македонците живеат преку јазикот

Милчо Јованоски22 јуни 2013

Најдобар одговор за негаторите на државата, јазикот и идентитетот на народот е Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Близу пет децении луѓето од светот оттука ја шират вистината за Македонија.

Фотографија: Fotolia/Faber Visum

Од над 90 учесници од 23 земји, во Охрид на Летната школа годинава дури 90 проценти се студенти и докторанти кои македонскиот го учат на нивните универзитети. Дел од нив веќе го посетуваат почетниот курс по македонски.

 „На учесниците–ветерани сме им бескрајно благодарни. Тие се нашите амбасадори низ светот“, вели директорот на семинарот Максим Каранфилоски.

Од три недели, последниве години семинарот спадна на нецели две, а годинава за првпат во неговата историја за дел од културната програма, во која спаѓаат екскурзиите,  наместо организаторот учесниците ќе треба сами да си платат.

Интересот да се учи македонскиот на изворот е голем и во лекторатите и надвор од нив. Само министерството за култура и ректоратот на Универизтетот „Св. Кирил и Методиј“ го финансираат семинарот, а дел од култруната програма ни е спонзорирана, признава Каранфилоски.

„Можеби државата го сфаќа сериозно, но не постапува сериозно кон семинарот. Ако на македонистиката се гледа низ призма на потрошувач, тогаш загубата и штетата ќе биде на македонска страна. Нашите непријатели, коишто ни го напаѓаат идентитет и државата, ќе бидат среќни доколку дојде до тоа“, нагласува директорот на семинарот.

Отворен е лекторат во Грац - ако државата не помогне, тој бргу ќе згасне

Во криза не е само македонистиката, туку и славистиката во светот. Во мигов македонскиот се изучува на 11 лекторати и на 28 катедри или институти.

Бранко Тошовиќ, професор по славистика и лингвистика на Универизтетот во Грац, АвстријаФотографија: DW

„УКИМ – Скопје на свој грб го понесе времениот или 'летечки лекторат' во Грац. Тоа е исчекор напред, но не се знае колку ќе трае. Без помош од државата не ќе може долго да издржи“, вели Каранфиловски.

Бранко Тошовиќ, професор по славистика и лингвистика на Универизтетот во Грац, Австрија, е иницијаторот - таму од лани да се учи македонскит јазик.

„Во институтот за славистика се учат српскиот, хрватскиот и бошњачкиот јазик, како и рускиот и словенечкиот јазик. Без македонскиот јазик јужната славистика во Грац не би била целосна. Така почнавме. Изминатава академска година предавач од Скопје држеше часови еден месец. Околу 20 студенти учеа македонски, за првпат организирано во Австрија. Курсот го повторивме во мај, имаше помалку интересенти, бидејќи македонската страна не реагираше навреме, а се знае ваквите часови се закажуваат неколку месеци пред одржувањето“, објаснува Тошовиќ.

Јан ЖеткоФотографија: DW

Со австриска помош Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ од Скопје, со слависити од Грац го сработија првиот електронски корпус на македонскиот јазик .

„Лани, во Грац за првпат надвор од Македонија се одржа симпозиум на тема ’Поетиката, лингивистика и стилистиката во текстовите на Блаже Конески'. Зборникот планираме да го промовираме во октомври, а потоа  би се одржал и вториот симпозиум за Конески“, додава Тошовиќ.

Италијанец ќе магистрира со теза за Крсте Петков Мисирков 

Меѓу новите вљубеници во Македонија и јазикот се и студенти од Кина и за првпат од Финска. Јан Жетко е од Трст, Италија, и има словенечки корени.

„Неодмана на италијански ја прочитав ’За македонцките работи' од Мисирков. Историјата е контроверзна, разбрав за старите претензии на Бугарија кон Македонија, а тоа од историски аспект ми беше занимливо. Се трудам да имам прагматичен поглед на настаните и затоа сум тука. Прифатив да работам магистерска теза сврзна со историјата на македонскиот народ, поточно со Мисирков и се надевам дека за скоро и ќе ја завршам“, вели Жетко.

Ќе однесам убав  абер од Охрид во Келн

Германецот Волф Ошлис не може без семинрот. Доаѓа уште од 1975 година. Со радост ни го соопштува податокот дека од сите Универзитети во Европа, во хронологијата на Семинарот, открил дека најчесто е споменат и забележан универзитетот од Келн. Таквата иформација тој ќе ја пренесе во Германија. 

Волф ОшлисФотографија: MIA

„Институтот за слависитика од Келн го слави 70 роденден. Мојот абер ќе му биде убав подарок. Од книгата на спомени се гледа дека тука во Охрид бил и основоположникот на славистиката во Германија Рајнолд Олеш. Всушност, Келн е гнездо и на македонистиката. Покрај Институтот за славистика, ја имаме и македонската редакција на ДВ. Порано го имавме и Институтот на Сојузната влада, каде што работев. Врска на релацијата Охрид-Келн и обратно, функционира“, нагласува Ошлис.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми