Македонија и новата пајакова мрежа во регионот
11 декември 2018Се селат ли активностите и актерите против НАТО-интеграцијата од една во друга земја во регионот? Прегрупирање на силите, подготовка за нови опструкции и какви поуки треба да се извлечат од македонското и црногорското искуство - е анализата на „Радио Сараево“, по податокот дека контроверзниот Горан Живаљевиќ и негови соработници се преместени во српската амбасада во БиХ.
„Додека Обвинителството за организиран криминал во Македонија најавува дека би можело меѓу другите да ја испита и вмешаноста на припадникот на БИА, Горан Живаљевиќ, во немирите во македонскиот парламент, овој контроверзен бивш заменик шеф на српската разузнавачка служба се наоѓа во главниот град на БиХ! Неговиот актуелен шеф е Александар Ѓорѓевиќ, од неодамна српски амбасадор во БиХ и близок пријател на претседателот на Србија, Александар Вучиќ“, се вели во анализата.
Ѓорѓевиќ бил директор на БИА, односно шеф на Живаљевиќ токму во времето кога тој се фотографирал во македонското Собрание на 27-ми април. Покрај нив двајца, авторот повикувајќи се на новинарски известувања, посочува дека во српската амбасада тогаш бил ангажиран и Горан Драговиќ, формално советник на амбасадорот, а работел како полициски офицер за врски. Од таа позиција бил сменет на 31-ви јули годинава, по што, и тој бил именуван за дипломат во БиХ.
Повеќе:
Живаљевиќ: Во Скопје се дружев со сите служби, освен со руската!
Македонската влада во сенка на „српско сценарио“
Живаљевиќ гледал од блиску или отишол предалеку?
И медиумска пропаганда
Во текстот се потсетува дека Живаљевиќ во српски медиуми изјавил оти Србија „застанала зад него и го заштитила“ бидејќи „дејствувале како синхронизиран тим“, а со оглед дека бил бранет и од Вучиќ, нема причини за сомневање дека зад неговата мисија стоел официјален Белград. Медиумот се повикува и на документи од македонската тајна служба до која дојдоа новинари на белградски „КРИК“, според кои, Живаљевиќ „изведувал пропагандни акции со цел промоција на руската политика, на бившиот премиер Груевски и на борбата против влез на Македонија во НАТО“, а комуницирал со лица во Македонија кои биле во силни врски со Русија.
Аналитичарот Сашо Клековски за босанскиот медиум вели дека настаните во македонскиот парламент биле резултат на влијание на различни служби.
„Не е тајна дека македонската служба има комплексни односи со српската служба, како што српската има комплексни односи со сите служби на просторите на бивша Југославије. Српската служба е меѓу највлијателните служби во Македонија, ако не и највлијателна. Истовремено, овде на водечки, вклучувајќи и амбасадорски позиции, биле поставени клучни луѓе на БИА. Кај нас тоа било нормално прифатено, БИА на високо ниво да има луѓе, и да е доста активна во Македонија. Тоа не се криело. Како што било очигледно присуството на споменатиот господин (Живаљевиќ) во парламентот, што по сите стандарди би било доволно да биде прогласен за персона нон грата“, вели Клековски.
Според босанскиот медиум, уште една личност од Србија е многу индикативна во целата приказна на линијата од Скопје до Сараево.
„Мирослав Лазански. Тој новинар и член на парламентот, според документи на македонските служби, со припадник на српската тајна служба, повторно Живаљевиќ, спроведувал медиумска пропаганда во Македонија во полза на бившиот премиер Никола Груевски и руската политика (...) Симптоматично, и Лазански денес е во БиХ. Како и Живаљевиќ. И овде Лазански работи на медиумска пропаганда за Милорад Додик и проруските интереси“, се вели во текстот, посочувајќи дека тој на телевизијата на Република Српска од 2016 година има емисија „Лазански директно“, а се појавува и во улога на аналитичар на тамошната новинска агенција Срна.
Македонија свртена кон Запад
Според Клековски, случувањата во Македонија треба да се посматраат низ спорот со Грција, и посебно влезот во НАТО.
„Тоа е рамка за анализа на она што се случуваше последниве година-две. Но Македонија е свртена кон Запад, и таа не е Украина. Македонците ја сметаат Германија за главен партнер, а Албанците - Америка. Нема шанси за свртување кон Русија. Генерално, присуството на Русија на Балканот има улога да ги попречува интеграциите во НАТО и западните структури. Не е исклучено евентуално влијание на српските служби во координација со руските влијанија да го успори тој процес на проширување на НАТО и консолидацијата на југоисточното крило“, вели тој за босанскиот медиум.
Д-р Јасмин Мујановиќ, политички аналитичар од Институтот Исток-Запад во Њујорк и доктор по филозофија на Универзитет во Торонто, во разговор за „Радио Сараево“ го анализира доаѓањето на српската „дипломатска“ екипа од Македонија во БИХ, и во контекст и на настаните во Подгорица и Скопје.
„Имено, и во Црна Гора и во Македонија видовме де факто руско-српски државни удари, и во двата случаја примарната цел беше спречување на процесот за проширување на НАТО во подрачјето на Западен Балкан. Сега веќе е јасно, а и потврдено и на основа на документи кои протекоа од Македонија по падот на владата на Никола Груевски, дека тоа е примарен руски објектив во нашиот регион, и дека официјален Белград, во соработка со режимот во Бања Лука, е најважниот домашен партнер во тој проект“, вели Мујановиќ, предупредувајќи дека „повторувањето на црногорското или македонското сценарио во БиХ би било значително поопасно, не само за БиХ и нејзините граѓани, туку за целиот регион и целиот континент!“.
Домашни аналитичари за ДВ велат дека Македонија мора будно да ги следи сите процеси во регионот, со цел да превенира какви било негативни влијанија, особено во сегашниот во период кога треба да финишираат одредени одлуки поврзани со државните стратегиски приоритети, какви што се интеграциските процеси. Сметаат дека на тој пат ќе продолжат, а можеби и ќе се интензивираат разни директни или индиректни опструкции, при што некои трети земји би можеле да бидат искористени како платформи за компромитација на македонските процеси, но и на оние што ги предводат процесите за интеграција. Тие цели ќе бидат реализирани и преку разузнавачки структури, но и преку домашни актери поврзани со нив.