1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

С. Македонија ќе дебитира на ЕП на 13 јуни во Букурешт

БГ
12 ноември 2020

За првпат во својата историја Северна Македонија ќе учествува на најголемиот европски фудбалски турнир. Златниот гол на Горан Пандев го отвори патот кон големиот успех.

Fussball I Mazedonien v  Georgien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Денот што сите љубители на фудбалот во Северна Македонија со нетрпение ќе го очекуваат е 13 јуни 2021 година. На тој ден во романскиот главен град Букурешт, македонските фудбалски репрезентативци за првпат ќе настапат на едно Европско фудбалско првенство. Противникот ќе биде Австрија. Низ целата земја вечерва се слави големиот успех. На улиците на повеќе градови излегоа илјадници луѓе. 

Историскиот успех го овозможи вечерашната победа од 1:0 над Грузија во Тбилиси. Стрелец на единствениот гол беше ветеранот и легендата на македонскиот фудбал, Горан Пандев.

Погодокот падна во 56 минута како резултат на одличната соработка на тројцата интернационалци кои настапуваат во Италија: Елиф Елмас од Наполи, Илија Несторовски од Удинезе- кој беше асистент, и Пандев кој ја заврши акцијата.

Елмас и Пандев го прославуваат победоносниот голФотографија: Petr Stojanovski/DW

Откако ја освои Лигата на Шампионите со тимот на Интер предводен од Жозе Мурињо во 2010 година, Пандев сега, на залезот на кариерата, настапува во Ѓенова, и е рекордер по бројот на голови за македонската репрезентација.

Другите противници на Македонија во Групата Ц ќе и бидат Холандија и Украина.

Македонската репрезентација својот прв официјален меѓународен настап го имаше во 1993 година, но никогаш оттогаш не успеа да се пласира на голем меѓународен турнир. Промената на концептот на натпреварувањето од страна на УЕФА сега и го отвори патот кон успехот.
Во квалификациите С. Македонија го освои првото место во групата во Лигата Д, пред Ерменија, Гибралтар и Лихтенштајн. Во полуфиналето на плеј-офот беше совладано Косово со 2:1 во Скопје.

Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Европското фудбалско првенство требаше да се одржи годинава, но беше одложено поради пандемијата на коронавирусот. Со новиот распоред, тоа ќе се игра во 12 европски градови, а полуфиналето и финалето ќе бидат на стадионот Вембли во Лондон.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми