1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

На кафе, во молови и во обложувалници само со сертификат

ДТЗ
18 август 2021

Владата ги заостри мерките за заштита од Ковид-19. Од денеска во угостителските објекти, кафулињата и баровите ќе може да влезат само оние коишто се вакцинирани, или пак прележале Ковид-19.

Nord-Mazedonien | Kontrolle der digitalen Covid-Zertifikate
Фотографија: P. Stojanovski/DW

Владата ги заостри мерките за заштита од Ковид-19. Од денеска во угостителските објекти, кафулињата и баровите ќе може да влезат само они коишто се вакцинирани, или пак прележале Ковид-19. Сертификат ќе биде потребен и за влез во обложувалници и во молови. Најновите мерки, протоколи и препораки за заштита на населението од Ковид-19 се носат по препорака на Комисијата за заразни болести. 

Почнувајќи од денеска, за влез во кафуле, без оглед на капацитетот и бројот на присутни гости, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување на сертификат/потврда за извршена имунизација, односно примена најмалку прва доза вакцина; сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за полнолетни лица.

-повеќе на темата: Филипче најавува рестрикции - во кино и на настани само со сертификат за вакцинација

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство на секаков вид на настан на отворен простор, каде што има повеќе луѓе, како и за влез во затворениот дел од моловите. Во сите угостителски објекти, кафулиња и барови, каде што капацитетот е поголем од 30 посетители задолжителнo e воспоставување редарска служба за контрола и спроведување на мерката.

Во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.

Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30 отсто од капацитетот, со приложување и проверка на еден од задолжителните Ковид-19 документи.

Фотографија: P. Stojanovski/DW

Зајакнати контроли и на граница

Од 1 септември 2021 година, домашни и странски државјани ќе можат да влезат на Северна Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат: сертификат за извршена имунизација, односно примени најмалку две дози од вакцината; потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето или медицинска потврда со негативен резултат од RT PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред влез на територијата на државата.

-повеќе на темата: Ваксери и антиваксери во жестока „битка“ околу рестрикциите против Ковид-19

За македонските граѓани кои ќе се враќаат во земјата по 1 септември, а немаат ПЦР-тест, или потврди за примена вакцина или за прележан Ковид- 19, ќе се одреди домашна изолација од седум дена со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Странски државјани може да транзитираат низ земјата до пет часа, со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата.

Мерките се носат откако четвртиот бран на вирусот зема сѐ поголем замав во земјата. Болничките капацитети се полнат, а секојдневно расте бројката и на новозаразени и на починати лица. Вчера беа пријавени 999 нови случаи на Ковид-19, додека 14 лица починаа како последица на вирусот. На Инфективната клиника се хоспитализирани 94 пациенти, а само околу 10 отсто од нив се вакцинирани со две дози вакцини и тие се со полесна клиничка слика, соопшти Министерството за здравство.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми