1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

„Случај“ Монструм: Фетаи бара доживотен затвор

ДТЗ /ДВ
21 јануари 2021

Случајот влегува во завршна фаза, а обвинителката Фатиме Фетаи се откажа од гонење на Сами Љута поради недостиг на докази. Фетаи не ја исклучи можноста во иднина за овој настан да бидат гонети и други лица

Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation - Staatsanwältin Fatime Feta
Фотографија: Petr Stojanovski

Доживотен затвор за тројца од обвинетите за тероризам во случајот „Монструм“, поради петкратното убиство кај Смилковското езеро побара денеска обвинителката Фатиме Фетаи. Таа во судницата, давајќи ги завршните зборови на судскиот процес кој со години назад ја бранува јавноста, рече дека Aлил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ се обвинети за тероризам, а Фејзи и Хаки Азири за помагање во ова дело, поради што за нив се бара максимална казна затвор. Пред самата судска завршница на случајот, таа се откажа од гонење на еден од обвинетите, за кого побара ослободителна пресуда поради недостиг на докази. Станува збор за Сами Љута, за кој рече дека наводите биле спорни уште при преземање на предметот. Фетаи не ја исклучи можноста во иднина за овој настан да бидат гонети и други лица, доколку такво нешто произлезе од исказите на двајцата обвинети кои се во бегство. Северна Македонија со години наназад бара Алил Демири и Африм Исмаиловиќ да бидат екстрадирани од Косово. 

Реконтрукција на настанот

Петкратното убиство кај Смилковското езеро се случи на 12 април 2012 година. Настанот којшто се случи за велигденските празници, предизвика вознемиреност во земјата, која се уште ги лекуваше раните од етничкиот конфликт. Свирепо беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. 
Фетаи во завршните зборови се обиде да направи една реконструкција на настанот, раскажувајќи што всушност се случувало тој ден. Според неа, убиствата ги извршиле Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, кои потоа побегнале со возило „опел омега“. Се упатиле  на договорено место кај автопатот, во близина на обиколницата, каде што ги чекал обвинетиот Хаки Азири. Тој, според обвинението, знаел првично дека тројцата обвинети отишле да извршат некаква работа поради нерасчистени сметки, а потоа откако дознал што се случило, не кажал ништо. Фејзи Азири, се смета дека им помогнал во бегството.
„Обвинетите се качиле во возилото на Хаки, а при влегување на прашање на Хаки ’што бидна‘, Африм рекол ’направивме гомнарија, убивме човек‘. Иако дознал дека сториле убиство ги превезол во домот од каде што излегле од возилото, па од дознавање до заминување, ги криел и ги оддалечил од местото на настанот. Фејзи Азири, пак, иако знаел дека сториле убиства на повеќе лица со кои било создадено чувство на страв кај населението, организирал бегство на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ во Косово“, рече Фетаи.

Смилковско езероФотографија: DW/P. Stojanovski

-повеќе на темата: Нов процес за „Монструм“: Ќе проговорат ли „бомбите“?

Обвинителката оцени дека станува збор за настан кој можел да предизвика повторен конфликт и да доведе до многу невини жртви и случка која ја засилила омразата помеѓу Македонците и Албанците. „Веројатно, мотивите можат да ги кажат Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кога ќе се соочат со овој суд. Агим не ја искористи таа можност. Мотивацијата да не се екстрадираат можеби е подлабока, но времињата се менуваат и очекувам и тие да бидат соочени со правдата“, рече Фетаи.

-повеќе на темата: Молкот поопасен од вистината за „Смилковско езеро“?

Нема докази само за Сами Љута. За него Фетаи бара ослободителна пресуда. „Во однос на Сами Љута, за нас како нови застапници, наводите беа спорни уште при преземање на предметот. Се работеше за дејствија кои добиле потврда од Основниот и од второстепениот суд и беше потребно по преземањето на предметот и напатствијата од Врховниот суд да се извлече сигурен заклучок за инволвираноста. Токму таквата анализа доведе до заклучок до кој верувам се убедени сите што го следеа овој судски процес. Нема докази со кои било исполнето делото тероризам ниту друго кривично дело. Од таа причина, се откажувам од обвинението“, рече Фетаи.

Теории кои паднаа во вода 

„Монструм“ е случај каков што не би му посакала на никој друг обвинител во иднина да му се повтори, порача Фетаи, на тој начин отсликувајќи ја целата тежина од постапувањето и трагањето по вистината во еден ваков сензитивен случај, особено што очите на јавноста постојано беа вперени кон судот, во исчекување на правда. За да се тргне секаков сомнеж од судскиот епилог на случајот којшто претстои, Фетаи се одлучи пред присутните во судницата да ги побие разните теории коишто можеа да се слушнат и на рочиштата, но долго се вртеа и како шпекулации во јавноста.  

-повеќе на темата: Проверката на „Монструм“ ќе го провери и судството

Иако не е утврдено кој од обвинетите со кое оружје пукал, Фетаи вели дека убиствата се извршени од три огнени оружја, при што им се нанесени прострелни рани на четирите убиени момчиња и на рибарот. Врз основа на доказите се потврдува дека четирите момчиња и рибарот се убиени кај Смилковското езеро, а не како што тврди одбраната на обвинетите дека убиството било извршено на друга локација по што телата биле донесени кај езерото. Според неа, не се точни наводите дека возилото „опел омега“ е на полицијата и било подметнато како доказ, дека убиствата биле извршени на друго место, или пак дека загрозениот сведок е наместен. Таа ја отфрли и можноста дека поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски има некаква поврзаност со случајот. „Се лиферуваа и информации дека децата биле во блиски контакти со синот и ќерката на Трајко Велјаноски со кои имале честа дружба и наводно тоа е причината тие да бидат ликвидирани. За вакво нешто до овој момент ниту беше предложен каков било доказ, ниту произлегоа какви било индиции дека убиените деца се познавале со деца на висок функционер, уште помалку дека имало некакви долгови“, рече Фетаи.

-повеќе на темата: Доживотен затвор за обвинетите во „Монструм“

Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени сите шестмина обвинети: Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење, кое што е во завршна фаза. Следното рочиште е закажано на 3 февруари.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми