1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на крстопат

4 декември 2020

Што и да се случи со Бугарија, дури и да добиеме отварање на преговори со ЕУ, системските маани на македонската политика нема да исчезнат. Пишува Ивор Мицковски.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Македонија се наоѓа на крстопат, и не мислам само на исходот од разговорите со Бугарија и отварањето или не на преговорите со ЕУ.

Вистинскиот крстопат, овој пат треба да го бараме кај нас дома, кај нашите власти и како тие мислат дека ја применуваат демократијата и европските вредности, кај самите нас, како граѓани и општество, и како реално го доживуваме целиот процес.

За жал човек мора да се наврати на актуелното, а тоа е хаосот, штетата и поделбите кои настанаа после капитулантскиот однос и анти-историските ставови на нашиот премиер во неговото интервју за БГНЕС. Ќе се обидам да бидам есенцијален.

Не се согласувам со ставот на нашите власти, толку груевистички во суштина, дека немало да се преговара за нашите црвени линии – јазикот и идентитетот, а за сė друго ќе преговарале.

Јазикот и идентитетот произлегуваат од нашето право на самоопределување и од фактот дека сме признати како независна и суверена држава. И нема што да ни се прикажуваат како придобивка дека за тоа нема да се преговара. Тоа се подразбира, и тоа не е никаква концесија, ниту основа за компромис.

Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Тоа што реакциите на луѓето, па и историчарите и кажуваат на власта, е дека нема да се преговара ни за историско-политичката генеза и континуитет на македонскиот народ и нација.

Нема да се преговара за историските факти и вистини дека сме произлегле како нација преку учеството во антифашистичката борба, и уште помалку преку прифаќање на негационизмот и ревизијата дека Бугарија не била окупатор, сојузник на Оската, крвник на македонското население и геноциден сојузник на Хитлер во протерувањето на македонските Евреи.

Други колумни од авторот:

-Бајден и Балканот

-Вето за ЕУ и обединета Европа

-Поважно е здравјето на граѓаните или економијата?!

Нема да прифатиме дека сме продукт на Коминтерната и комунистите, дека нашиот јазик и идентитет кои денес постојат се вештачка (или повеќе вештачка од другите) творба измислена од странска сила или власт.

Гледате за сė тоа властите преговараат, а најголем дел од луѓето и историчарите, и домашни и странски, тоа не го прифаќаат. Не од некоја идеолошка заслепеност или националистичко лудило, туку од искрена желба за почитување на вистината, од интелектуална чесност, заради историскиот континуитет и меморијата своја и на своите предци. Од убеденоста дека такви договори нема да донесат ништо добро, дека не се предуслов за пријателство и напредок, туку напротив, дека ќе бидат причина за иден раздор, нестабилност и непријателство.

Но, проблемот е далеку поголем од грешните позиции и капитулантскиот однос на нашата власт и од нив зависните апологетски структури. Имаме суштински проблем како дојдовме до оваа каша, како низ неа се движиме и како од неа планираме да излеземе.

Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Дојдовме до ситуација дека е потребен нов договор или анекс на договорот со Бугарија, откако власта цела година не лажеше и ги минимизираше заканите и потезите од Софија. На крајно нетранспарентен начин цело време се преговарало, Заев дури и после француското вето глумеше навредност и разочараност, организираше и предвремени избори, но криеше дека имаме проблем со Бугарија и дека треба да очекуваме вето. Нешто за што многумина предупредувавме, но бевме обвинувани за хистерија и дефетизам.

Сега кога таа бомба ни експлодира во дланката, власта реши дека нема да се води никаква институционална дебата околу нејзините, приватни, не јавни, камоли транспарентни, преговори со Бугарија.

Одлучија дека наместо инволвирање на Собранието, или камоли некаков референдум, или барем трибина каде би се изнеле различните ставови и позиции, ќе тераат приватно и ќе нè доведат до свршен чин. На тој начин оставија дебатата да се одвива преку медиуми, на дистанца, преку социјалните мрежи, преку расправи и поделби. И што произлезе од таквата дебата?

Излезе дека нема релевантен историчар, експерт, интелектуалец, домашен или странец, кој застана зад или воопшто ги оправда политичките и приватните позиции на нашиот премиер, нешто што неговата султан партија го прифати. Дури и членови на оваа Влада и разни функционери или коалициони партнери се оддалечија и ги осудија позициите на Заев.

Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Единствените кои се покрај Заев се една тесна и позната група на апологети кои извадија од најсмешни до најтрагични позиции, се изналупаа глупости, се погазија како личности во правдање на неоправдливото, дури и тргнаа во дрско заменување на тези, извртување на аргументите и отворено лажење. Во таквата дебата, за нешто што не би ни требало да се дебатира политички, нашата Влада е осамена и изолирана, и продолжува самоуверено по тој пат.

Создадоа коалиција со некои од најмрачните политички актери во нашата независна историја: од Љубчо, Љубе, до Бучко и вечниот Али, кој сега го брани Заев, за утре скапо да ни наплати на сите нас. И сега оваа група на луѓе, голем дел ниту предложени, ниту избрани, туку само октроирани од Заев - за кои постојат силни сомнежи дека имаат длабоки и сомнителни интереси и врски, покрај јавно искажаните симпатии, со државата која не оспорува на секое поле и ниво - мислат дека политичко решение преку историско-национална капитулација може да создаде основи за пријателство и напредок. Мислат дека евентуален договор ќе ги оправда. Политиката сè покрива, секакви недоследности и грешки, ама оваа работа нема да најде мир, сė додека еден човек мисли дека има право да одлучува за цела нација.

И тука доаѓаме до сржта на проблемот, како оваа власт, или овој премиер навистина владее и раководи со земјата. Никогаш потесно раководство, со полоши коалициони партнери, со помал легитимитет и конзенсус зад себе, со послаби институции и девастирано општество, не решавало за прашања многу поголеми од сите нас поединечно.

Што направивме со самите себе и со нашата демократија во обид пред Бугарија и ЕУ да се преставиме како конструктивни проевропејци, кога во суштина, капитулиравме и пред светот и пред самите себе.

Игнорирајќи ги нашите институции, од Собранието до сите поединечни експертски или професионални институции и институти, универзитетската и интелектуалната јавност, пријателските совети и замерки на десетина врвни светски експерти, власта само дополнително ги урниса нашите институции, притоа урнисувајќи ја нашата етногенеза, објективна историја и антифашистички идентитет.

Би било добро да застанеме на момент - оваа френетичност и нова психодрама дека мораме до договор по секоја цена - да се напуштат, затоа што нашиот пат кон посакуваните и неопходни евро-интеграции секако ќе биде долг и мачен процес. Само така ќе видиме каде всушност тераме. Затоа што разбирлива беше привремената суспензија на нашиот Устав, деловници, закони и правила на игра во транзицијата од режимот кон нов „демократски“ поредок, но проблемот е што таа исклучителна ситуација и понатаму продолжува.

Наместо реални реформи, ние гледаме и понатаму трули коалиции и понатамошно киднапирање на државата од страна на партиите. Трите К, криминалот, корупцијата и клиентелизмот и понатаму владејат со оваа земја. Наместо почитување на нашиот формален Устав, бегајќи од реформите, создадовме еден материјален Устав кој продолжува да доминира.

Собранието кое треба ја врши својата легислативна функција е речиси непостоечко и служи само како гласачка машина за волјата на владејачката коалиција. Владата е нашиот законодавец зависно од тоа како и одговара на партиските, политичките и бизнис интересите.

Фотографија: Government of North Macedonia

Профилот на Владата е трајно променет. Претседателот на Владата кој во суштина треба да е primus inter pares, и понатаму се однесува како шеф на Влада кој не се ограничува да води, промовира и координира, туку фактички раководи со прашања кои се компетенција на министрите. Во рамки на Владата, се создадоа и се создаваат еден куп нови функции, досега непредвидени во нашиот уставен поредок, ниту функционални во веќе работата и надлежностите на постоечките министерства. Се создаде една супраструктура која партиската моќ и формално и правно ја издигнаа над институционалната.

Функцијата Претседател останува верна на својот уставен мандат, но наместо слабоста на нашиот институционален систем од Претседателот да произведе столб на стабилноста и некаква рамнотежа во нашиот политички систем, Претседателот се ограничува на правно исполнување на владините барања. Во ретките случаи кога Претседателот ќе искаже дисонантен став кон Владата, тогаш личноста која стои зад функцијата, се напаѓа и карактеризира како политички дилетант.

Судството и понатаму пати од институционална дисфункционалност. Обвинителството и понатаму делува политички селективно, додека судиите не можат да се ослободат од политичката зависност и понизност. Нашиот премиер си дозволува во безброј наврати да коментира и дели поуки до судиите, да врши отворен притисок, да се става во улога на обвинител, судија и бранител, и да кажува какви одлуки треба да се донесат за одредени случаи и одредени личности. Треба ли нешто повеќе да се каже за мешањето на извршната во судската власт.

Во овие 4 години, нашите власти ги заборавија сите европски препораки и сугестии, се заборави на Прибе и Ванхојте, се заборавија американските замерки на Хојт Ји дека нема реформи, и се остана да се спие на тоа уво: дека оваа власт е подобра од режимот.

Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Веќе не е важно што прават кон ЕУ, какви напори, ниту до кој степен капитулираа пред Софија, они успеаја дома да не поделат, не ранија и закочија, покажаа колку се лажни демократи и како сите институции повторно ги заробија, потчинија или заборавија. Ни спроведоа политичко-историска капитулација надвор и емотивна, демократска и анти-реформска катастрофа дома.

Цело време политички туркани од Германија и ЕК, заборавија на своите ветувања и реформи, западнаа во илузијата дека сме подобри и ќе бидеме протежирани по секоја цена. Дека ќе се мериме само со режимот, дека други сили не можат да имаат свои политички интереси и поддршка во рамки на ЕУ, со кои ќе ги замаскираат своите проблеми и маки.

Оваа власт ја прифати прагмата дека политиката решава се, дека политичката сила или надворешната поддршка и покрај сите недоследности, се картата за влезот во рајот. Денес stradame токму од таквата политичка прагма на посилниот која дома ни се удира од глава.

Што и да се случи со Бугарија, дури и да добиеме отварање на преговори, овие системски маани на нашата политика нема да исчезнат. Па впрочем, погледнете ја Бугарија во рамките на ЕУ, како се однесува и какви политики води, и ќе ви стане јасно, дека коренот на секој проблем, лежи дома и во домашната политика.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми