1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија не ја пропушти историската шанса

Свето Тоевски 7 април 2008

ДУИ и ДПА со сличен став по самитот во Букурешт, дека за членство во НАТО, Македонија не ја пропушти историската шанса, но спорот со името треба да се реши преку компромисно решение.

ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

„Македонските партии треба со многу поголема посветеност и со подготвеност за компромис да се заангажираат за проблемот со името на земјата, низ широк консензус во кој ќе учествува и албанскиот политички фактор во земјата“ – ова е, сублимирано, пораката што ќе ја добие претседателот на Владата и на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на денешните средби со коалициониот партнер Мендух Тачи, лидерот на ДПА, и од лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Мендух Тачи синоќа во Тетово кажа дека агендата на Македонија за интегрирање во НАТО и во Европската унија ги содржи како обврска за реализација сега веќе и шесте барања на ДПА.

Мендух Тачи: „Да не се крева тензија со Грција“

„Спорот за името со Грците е чисто на Македонците и на македонското општество“ – рече Тачи на собирот со Албанците во Тетово. - „Тие треба заеднички да направат максимум во правец кон компромисот, за да го надминат проблемот“ – истакна Мендух Тачи, додавајќи: - „Не е добро да се крева тензија со Грција“.

Тачи беше прашан од еден граѓанин – негов сонародник: „Зошто Албанците во Македонија да бидат заложници на овој проблем, зошто да се доведува во прашање и нивната иднина со невлегувањето во НАТО?“ Одговорот гласеше: - „Нема шанса Македонците да ја ризикуваат иднината на Албанците, тие ја ризикуваат само својата иднина.“

ДУИ ќе му сугерира на Груевски посоодветна стратегија во преговорите со Грците

Централното претседателство на Демократската унија за интеграција во саботата усвои заклучок, со кој ќе се бара да не се запре со интеграционите процеси на Македонија, да се градат добри односи со соседите и да се изнајде со Грција заемно прифатливо решение. Потпретседателот на ДУИ Рафиз Алити за Дојче веле нагласува: - „Никако не смееме да ги прекинеме преговорите со Грција, особено не сега кога не поддржуваат Соединетите Американски Држави. Друг алтернативен пат за Република Македонија нема“. ДУИ повикува на консензус во земјата околу спорот за нејзиното име: - „Во Букурешт на Република Македонија и е дадена дополнителна шанса. Таа треба да се искористи од страна на сите политички партии, час поскоро да се најде решение во врска со спорот со Грција.“

Од седницата на партиското раководство шефот на интегративците Али Ахмети ќе му ги пренесе на Никола Груевски сугестиите за промена во настапот во преговорите со Грците. Потпретседателот Алити појаснува: - „Дебатиравме дека имаше пропусти во минатото било во тактиката, било во стратегијата, која била одбрана од нашите претставници во Букурешт.“

Во албанскиот блок, меѓу интелектуалците, аналитичарите и обичните луѓе од оваа етничка заедница станува забележливо едно несогласување нивните животни перспективи да останат без позитивните влијанија од интегрирањето во НАТО, кои ќе ги чувствуваат нивните сонародници во Албанија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми