1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов предизвик-слободно летање

Милчо Јованоски17 август 2014

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот преку Проект ќе го развива туризмот во областа на слободното летање со параглајдери и змејарство. Стартот ветува, но треба да се исполнат уште многу предуслови.

Фотографија: Soheil Soleimani

Параглајдерството, змејарството, едриличарството, падобранството, моторното летање и моделарството се дел од воздухопловните спортови.Тие стануваат се‘ попривлечни за луѓето. Техниката на слободно летање, движењето на ветерот и топлиот воздух некогаш се доволен предизвик да се доживее авантура, да се видат извонредни глетки. Македонија со својата умерена клима, високите планини и езера и сончевите денови има низа атрактивни терени за летање во регионот и пошироко. Неодамна Агенцијата за промоција и поддршка на турiзмот изработи проект кој во партнерство со УСАИД почна и да се спроведува. Како најатрактивни локации за слободно летање се избрани: Крушево, Галичица, Трескавец кај Прилеп и Попова Шапка.

Крушево има современи полетно –слетни локации

Владимир Бараковски, претседател на Воздухопловната федерација на Македонија вели: „Во Крушево веќе се поставени показатели за ветар и мали метеоролошки станици. Со користење интернет преку мобилен телефон, летачите можат да добијат податоци за правецот и силата на ветарот и температурата. Тоа се основните параметри важни за пилотите. Има и поставени информативни табли со податоци за полетното место. Тоа што е направено е голем придонес за безбедноста во слободното летање во екстремните спортови, поточно во параглајдерството и змејарството,“ вели Бараковски.

Никола и Владимир БараковскиФотографија: DW/M. Jovanoski

Во НП „Галичица“ се наплаќа, а услугите не се дефинирани

По одлуката на Националниот парк „Галичица“ да наплаќа влез и за активности на сопствената територија, Воздухопловната федерација испратила два дописи до нив, но ги адресирале и до Министерството за животна средина и до Агенцијата за млади и спорт. „Одговор не сме добиле единствено од Националниот парк ’Галичица’. Двете други институции испратија поддршка до Федерацијата и сите нејзини активности од аспект на развојот на спортот и физичката култура меѓу младите во Македонија. Од НП ’Галичица’ конкретно побаравме да направи корекција во цените коишто се за летање со параглајдер и со змеј. Сметаме дека цените се превисоки и се речиси 1000 отсто повисоки од цените кои се однесуваат на другите спортови, на пример возењето со велосипед низ паркот. По официјалниот ценовник еден параглајдерист или змеар за половина час летање треба да плати 300 денари, а неофицијално 300 денари за еден ден летање. Недореченостите создаваат конфузија. Побаравме да се прецизира колку ќе биде цената за спортско летање и личен тренинг и комерцијално летање што подразбира одреден профит“, дециден е Бараковски.

Од националниот парк „Галичица“ уверуваат дека нештата за брзо ќе се променат, а и дека се веќе променети.

„Имавме средба со претставници на проект кој го финансира УСАИД и една невладина организација која има интерес за развој на параглајдерството во Македонија. Тие се заинтересираа за дополнително уредување на локациите на Галичица кои ние им ги посочивме и од кои и сега се одвива полетување со параглајдери и змејови. Локацијата над Велестово е претходно опремена и обележана и на неа веќе се одржани натпревари од Балкански и Светски куп, како и Европски шампионат. Другата локација е на еден од превоите на Галичица каде што се врши рекреативно летање. Всушност таму тренерите ги вршат обуките на идните летачи. Националниот парк „Галичица“’ треба да спроведе одлуки на Владата и со подзаконски акти е регулирано плаќањето на надоместоци. Се плаќа за влез на територијата на паркот, но и за активности во него. За параглајдингот моментално се наплаќа 300 денари за полетување, но тоа важи за повеќе полетувања во еден ден. Како ќе се движи работата во иднина ќе зависи од средбите со параглајдерите најверојатно во септември. Ќе ги разгледаме нивните барања и ќе извршиме доуредување и означување на втората локација, објаснува Огнен Достиноски , раководител на Проект за одржлив туризам и еколошка едукација во НП „Галичица“.

Фотографија: Soheil Soleimani

Високиот адреналин бара добри услови и пристапни цени

Иако Галичица е место каде што веќе околу 30 години се лета со змејови и параглајдери, може да се рече дека токму последниве неколку години таа станува атрактивна за туристи од други земји. Летањето како туристичка понуда и гранка во Македонија и во Охрид е во некоја почетна фаза. Затоа треба многу внимателно да се осмисли стратегија како националните паркови да ги привлечат луѓето и да им ја обезбедат потребната инфраструктура, услови за безбедно летање за да посакаат пак да дојдат. Владимир Баракоски е дециден дека Галичица, на која се наплаќа, апсолутно не нуди ништо од инфраструктура за безбедно полетување и слетување. Владимир со змејарство се занимава 24 години и заедно со неговиот брат Никола и уште неколкумина други се основачи на Клубот за слободно летање „Крос кантри“ кој постои од 1993 година и засега е единствен во Македонија. Обајцата се согласни дека цената од 5 евра е мошне висока и е рамна на некои елитни места во Европа. Тоа создава револт и кај двајцата кои одбиваат да летаат од Галичица. Ценовниците во странство се постручно направени и наплатата ја вршат Федерациите на спортовите, а средствата завршуваат за клубовите и нивен развој. Националните паркови само наплаќаат влез идентичен за сите, додаваат тие.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми