1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија понуди еврообврзница со 5 отсто камата

Б. Георгиевски/ртр14 јули 2016

И покрај предупредувањата од експертите и критиките во јавноста, македонската влада веќе ја понуди на пазарот еврообврзницата со рок на отплата од седум години и камата од 5 проценти.

Фотографија: picture alliance/dpa Themendienst/C. Seidel

Македонските власти на пазарот веќе започнале да ја нудат еврообврзницата на рок од седум години и со камата од 5 проценти годишно.

Агенцијата Ројтерс јавува дека обврзницата ја менаџираат Ситигруп, Дојче Банк, Ерсте груп и Сосиете Женерал.

Според рејтинг-агенциите, Македонија има рејтинг од ББ- (стабилен) кај Стандардс и Пур, и ББ+ (негативен) кај агенцијата Фич.

Владата донесе одлука да се задолжи со дополнителни 650 милиони евра на седница одржана на 21 јуни годинава. Одлуката неколку дена беше чувана во тајност. Во образложението беше наведено дека парите кои треба да се обезбедат се за буџетска поддршка во 2016 и 2017 година, како и за рефинансирање на обврските по основ на државниот долг.

Поради политичката нестабилност, задолжувањето на земјата на меѓународниот финансиски пазар се одвива со повисоки камати.

Владата тврди дека парите се за буџетска поддршка во 2016 и 2017 година, како и за рефинансирање на обврските по основ на државниот долг.Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Експертите со кои разговараше ДВ го осудија ваквиот потег на владата и го оценија за неодговорен.

„Треба да се скратат непродуктивните трошења во буџетот, како Панорамско тркало, барок за ГТЦ, патни трошоци од милиони евра за функционерите и слично. Доколку и кратењето на тие трошоци е недоволно тогаш подобро е да се задолжувме дома, каде се уште има средства, а и каматната стапка е пониска“, изјави за ДВ економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Академик Абдулменаф Беџети во интервју за ДВ денеска предупреди дека Македонија може да ја доживее економската судбина на Грција.

„Не ја научивме лекцијата од Грција. И тие доброволно не сакаа да штедат се` додека тоа не им го наметнаа кредиторите. Многу скоро и со нас ќе се случи истото. Само се чека на моментот кога кредиторите повеќе нема да сакаат да кредитираат непродуктивна и авантуристичка потрошувачка“, вели Беџети.

Доколку се искористи целата предвидена сума за еврообрзницата од 650 милиони евра, според проценките, македонските граѓани за седум години ќе мораат да вратат и камата од уште 220 милиони евра, или севкупно над 870 милиони евра.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми