1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичките лидери како најслаба алка

Ида Протугер Вељковиќ
27 март 2021

Не е битно дали Заев бара национално помирување или Мицкоски предлага експертска влада. Тие имаат сопствена или партиска цел во тие предлози, која не го опфаќа поширокиот општествен интерес. Пишува Ида Протугер-Вељковиќ

Ida Protuger- Veljkovic | DW Kolumnistin | Journalistin
Фотографија: Ida Protuger-Veljkovic

На 28 јануари 1986 се урна шатлот Челинџер на американската вселенска програма само 73 секунди по полетувањето и загина седумчлениот екипаж.

Несреќата ја предизвика еден мал дел, наречен О-прстен кој не бил тестиран на доволно ниска температура која што била постигната по полетувањето.

Тој О-прстен потоа станува синоним за она што го нарекуваме „најслабата алка“ во еден систем. Опишувајќи ги социјалните системи (семејство, организација/компанија, државен апарат), јужноамериканскиот психолог Франциско Матурана вели дека системите се толку силни, колку што е нивната најслаба алка.

Без оглед што екипажот на Челинџер бил врно трениран, во одлична кондиција. Без оглед што сите други делови функционирале совршено, системот се распаднал поради најслабата алка.

Лидерството во еден социјален систем е несомнено клучна алка. Кога зборуваме за лидерство тоа подразбира дека една група кој има одреден одреден интерес, ги делегира правата на одлучување кај еден или повеќе луѓе (лидери) кои тој интерес го спроведуваат. Тоа може да биде вработен кој за својот интерес да добие плата работи кај менаџер чија компанија треба таа плата да ја обезбеди. Или граѓани кои гласаат на избори и веруваат дека лидерството што ќе ја добие довербата, ќе ги исполни ветувањата за подобрување на квалитетот на живот.

Во моментот на општествената сцена во Македонија имаме повеќе групи на членови на политички партии кои се обединети околу идејата да му помогнат на нивното лидерство да дојде на власт и така да имаат некаков ексклузивен пристап до државните ресурси што значат бизнис, вработување, привилегии. И има партиски лидери кои тие нивни интереси ги реализираат кога ќе дојдат на власт.

Од друга страна имаме пошироко граѓанство чија цел се демократски вредности, еднаков пристап до државните ресурси и подобрување на квалитетот на живот.

Интересите на ова пошироко граѓанство не кореспондира со интересите на членовите на политичките партии и нивните лидери. Напротив, е во директна колизија.

Зошто тогаш овие политички лидери добиваат доверба на избори?

Прво, затоа што калкулираат со задоволство на нивното членство и доволен број на гласачи чиј интерес го опфаќаат со ветувања во предизборните кампањи.

Второ, во нивниот мандат трошат повеќе време и енергија на одржување на задоволството на индивидуални потреби на членството и да обезбедат доволен број граѓани кои преку клиентелизам ќе ги придобијат како гласачи, одошто да се насочат кон инвестициите кои треба да го подобрат квалитетот на живот.

Оттука и резултатот, без оглед на поединечни поинакви визии и цели, не е значаен. По примерот со Челинџер за „најслабата алка“, може да постои компанија со одлични материјални услови за работа, современа опрема и вработени со знаења и вештини. Но ако лидерот или лидерството нема визија преточена во цели, не ги мотивира и инспирира вработените, туку од позиција на моќ само испорачува барања, системот ќе има проблеми во функционирање и испорачување резултат.

Исто и со општествениот систем. Македонија има прекрасна природа и огромен креативен човечки капацитет, но постои „најслабата алка“ во вид на политичко лидерство кое не покажува потенцијал да сподели јасна визија и цели, туку владее со клиентелизмот како главна алатка. На тој начин го гуши креативниот потенцијал и можностите за напредок.

Или преведено на јазикот на актуелните маркетиншки кампањи, „Европа дома“ нема никогаш да стане реалност сѐ додека државата бара граѓаните да се однесуват „европски“ и да плаќаат казни за погрешно паркирање, даноци, билет во автобус што е нивен дел од одговорноста за функционирање на системот, а обратно, кога треба државата да ги почитува потребите на граѓаните и компаниите, да обезбеди инфраструктура, вакцини, квалитетни државни услуги, тој однос не е обратнопропорционален.

Еволутивен развој на вредностите

За да се илустрира системот на вредности кој владее во Македонија и не нѐ носи во прогрес, ќе се послужам со т.н. модел на спирална динамика на американскиот психолог Дон Бек кој е корисна алатка за да се илустрира каде една заедница или поединец се позиционира еволутивно во однос на вредносниот систем.

Овој модел произлегол од еволутивната теорија на американскиот психолог Клер Грејвс и е во форма на спирала каде цикличните кругови се со одредени бои и се движат од „јас“, каде во фокусот е поединецот, кон „ние“ каде фокусот е на заедницата и обратно, поставени во вертикала. Секое ниво има одредена боја.

Беж-бојата го означува првото ниво, каде индувидуата е во фокусот, односно нејзиниот опстанок. На ниво на цивилизациска еволуција, тоа е времето кога човекот се борел за опстанок, а во индивидуален развој, тоа е кога човекот се раѓа како бебе и функционираат главно инстинктите за опстанок.

Еволутивниот развој потоа се движи кон фокус на заедницата, виолетово ниво, што во цивилизациски рамки би било племенско здружување, каде вредност која е идеја водилка е сигурноста. Или што би рекол еден бивш претседател, „да се држиме заедно, за да не висиме одвоено“.

Следното ниво е црвено и повторно поединецот е во фокусот, но во форма на моќ која тој ја наметнува на другите луѓе. Девизата е или ќе победиш или ќе бидеш победен, но нема цел која ги опфаќа интересите на другите, туку е егоцентрично наметнување сопствена волја и избор на останатите. На ова ниво се сите авторитарни системи на уредување каде нема демократија.

Цивилизациските лекции од ова ниво го довеле луѓето понатаму да воспостават правила за да не се остави еден човек да тиранизира цела група и наредното ниво е со сина боја и означува ред и поредок. Има вертикален систем на хиерархија и тука индивидуата и нејзините лични карактеристики се во втор план, а во прв се правила кои треба да обезбедат ред и еднаквост.

На ова ниво се уредени вообичаено државните институции и апарати во развиените европски земји, па и ЕУ како институционален апарат, функцијата и правилата што таа ги спроведува се над индивидуалните преференци.

Наредното ниво е портокалово, каде поединецот се враќа на сцена, но вредностите се моќ и успех во материјална смисла. Ова ниво го отсликува капитализмот и мотото е „ќе ги искористам сите дозволени и помалку дозволени средства за сопствена благосостојба“.

Во моментов на глобално ниво прогресивните сили дебатата ја водат за поместување кон наредното, зелено ниво, каде веќе е развиена свеста за она што е „добро за сите“. Капитализмот произведува голема нееднаквост и ниска свест за ресусрсите кои им се потребни на сите луѓе. Оттука, зеленото ниво каде фокусот е на заедницата емитира еколошки вредности, свест за последиците на поединечните акти врз општото добро и развој на солидарноста на сметка на победа над алчноста.

Ако судиме според поведението што се практицира кога партиите се на власт, тоа не е борба за вредности, туку за ресурсиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Жолтото ниво кое доаѓа потоа ги враќа на сцена индивидуалните ресурси, но тие веќе не се ставени во функција на материјално богатење на поединецот, туку на учење и вреднување на индивидуалните ресурси. Тука влегува знаењето, искуството, талентите и вештините на луѓето и преку синергија на тие ресурси да се постигнат целите кои си ги поставува заедницата.

Последното ниво е тиркизно, каде поединецот и неговите ресурси се целосно ставени во служба на општото добро на заедницата и таа претставува збир на самосвесни индивидуи кои делуваат во тој интегриран систем.

Ако низ призмата на овој модел го анализираме вредносниот систем што владее во Македонија, без оглед што има организации кои се потпираат на редот и правилата како начин да се воспостави еднаквост, што има индивидуалци свесни за општото добро, што има компании што инвестираат во модерна опрема и развој, што има креативци кои поседуваат вештини, знаење и искуство да произведат додадена вредност, ако мнозинството членови на партии и нивни лидери креират вредности кои поддржуваат клиентелизам за да се одржи девизата „мене да ми е добро сега и тука“, нема да има простор за подобра иднина.

Ако постои чесно признание, речиси да нема директор на државна институција или претпријатие кој нема во фиоката листа на партиски луѓе што треба да ги прими, унапреди или такви од „противничкиот табор“ што треба да ги маргинализира. Не е битна индивидуата и како да се искористи нејзиниот потенцијал во прогрес, туку како да се искористи за зацврснување на позицијата на таборот што освоил власт.

Каде лежат решенијата?

Клучно, да се променат целите околу кои се бара единство.

Не е битно дали Заев бара национално помирување или Мицкоски предлага експертска влада. Тие имаат сопствена или партиска цел во тие предлози, која не го опфаќа поширокиот општествен интерес.

Ако судиме според поведението што се практицира кога партиите се на власт, тоа не е борба за вредности, туку за ресурси. Борба за најголемиот ресурс од четири милијарди евра колку што тежи државниот буџет и институциите од каде клиентелизмот црпи моќ.

За моќта да не остане цел туку средство, корисно е политичките лидери да седнат на маса со невладиниот сектор, да вклучат што повеќе експерти и да обезбедат квалитетна комуникација со граѓаните за да дојдат до заедничка визија за тоа како треба да се развива Македонија во наредните пет, десет, дваесет години.

Oдносот граѓанство - власт треба да базира на меѓусебна доверба и почит, а не на однос на родител кон детеФотографија: DW/P. Stojanovski

Потоа таа визија да се претвори во долгорочни, среднорочни и краткорочни цели според можностите што ги обезбедуваат парите од даноци. А со парите од даноци институциите да управуваат на начин кој ќе доведе до исполнување на договорените цели и да се направи приоризација на инвестиции кои ќе доведат до квалитативен исчекор во подобрувањето на животот. Не е битно дали некој софтвер бил законски набавен. Треба да се види каде таа набавка стои во однос на поставените цели, како ќе влијае врз подобрување на квалитетот на живот и дали парите на граѓаните се инвестирале домаќински.

Дали формата ќе се вика самит, тркалезна маса, конференција, суштината е да се седне на маса, да се дискутира за визија и да се определат цели околу кои ќе постои единство. Наместо да се бара единство околу располагање со ресурсите.

Интересно е што во образложување на двата предлога, и на Заев за национално помирување и на Мицковски за експертска влада, се користи зборот реформи како аргумент. Тој збор значи преобразба. И таква преобразба им е потребна токму на политичките партии и нивните лидерства.

Да станат носители на промени кон подигнување на свеста дека власт не значи привилегија туку одговорност. Дека односот граѓанство - власт треба да базира на меѓусебна доверба и почит, а не на однос на родител кон дете.

Власта не е таа која треба „да дава“, туку да исполнува. И лидерството преку личен пример на одговорно владеење тоа да го покаже, за да бара потоа одговорно однесување на граѓаните.

 

Авторот е системски тренер за организациски развој, тренер за личен развој, психолог и поранешен новинар 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми