1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија со земјоделска интернет-берза

Антоанела Димитриевска15 декември 2012

Земјоделската интернет-берза треба да помогне во планирање на производството и пласманот на земјоделски производи на пазарите. Од неа полза треба да имаат примарните производители, но и преработувачите и трговците.

Фотографија: Fotolia/Helder Almeida

Земјоделската интернет-берза треба да профункционира од 1 јануари 2013-та со надградба, засилување на капацитетите и модернизација на Пазарниот информативен систем, кој го донесе Владата. Овој систем веќе е во функција, а се наоѓа преку веб-страницата www.zpis.gov.mk. Пазарните податоци се собираат од репрезентативни пазари за определени земјоделски производи и од страна на деловните субјекти според количеството и цените за соодветните производи. Сега се оди чекор напред и со новите надградби овој систем ќе започне да функционира како Македонска земјоделска информатичко-електронска берза што ќе биде исчекор на полето на пазарното функционирање на земјоделството. Таа ќе оди во насока на воведување на класичната Берза на земјоделски производи, како организиран пазар на тргување.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство посочуваат дека ќе се работи на надградба на Пазарниот информативен систем преку групи на податоци кои ќе се од значење за определување на цените на производите, информации за примарните производители, преработувачи и трговци.

Земјоделските здруженија задоволни од воведувањето на земјоделската интернет-берза

Мошне позитивна е одлуката за воведување на земјоделска интернет берза, потенцира за ДВ Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија и појаснува:

Земјоделците навреме ќе бидат информирани за цените на земјоделските производи на домашниот и странски пазарФотографија: DW

„Со неа земјоделците навреме ќе бидат информирани за цените на земјоделските производи на домашниот и странски пазар. Што е посебно важно, ќе се запрат откупувачите и пред се‘ прекупците, кои досега си играа со земјоделците и сами ги одредуваа цените. Со берзата, наместо кај прекупците, големите маржи од продажбата ќе одат во џебот на земјоделските производители. Очекуваме берзата да ни помогне во пласман на градинарските производи на странските пазари, а посебно за пласманот на јагнето. Прекупците посебно манипулираа со нас во пласманот на јагнето и за божикните и новогодишни празници и ја зголемуваа цената на килограм јагнешко за само 30-40 денари. Ние веруваме дека тие остваруваа многу поголеми маржи во своја полза, а на наша штета. Тоа со берзата ќе биде надминато и затоа ние, земјоделците, едвај чекаме таа да профункционира“, потенцира Шаклев.

И Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија, за ДВ потенцира дека земјоделците ја поздравуваат одлуката на Владата за формирање берза и појаснува: „Сметаме дека оваа берза ќе биде огледало за земјоделците како се движат цените на земјоделските производи и во земјата и во странство и според тоа ќе произведуваат она што најмногу се плаќа, а ќе има и многу други бенифити‘‘.

Голем дел од македонските земјоделци мрежно поврзани

Во Македонија, според последниот попис, има 192 илјади земјоделци. Регистрацијата на земјоделски семејства се одвива континуирано и натаму. Ефтим Шаклев вели дека во последните години се‘ повеќе земјоделци се мрежно поврзани на интернет и вели дека има и стари и неписмени земјоделци, но...

Фотографија: Fotolia/Bauer Alex

„Тие имаат свои синови и внуци кои се одлично информатички писмени и ќе можат да црпат секојдневно информации од берзата. Па и за оние кои не знаат, во интерес им е да научат за да можат да црпат информации од берзата“, потенцира Шаклев.

Од Министерството за земјоделство информираат дека на берзата ќе се добиваат и информации во однос на легислативата, институциите и побарувачката - на почеток за пченицатата, јачменот и млекото.

„Берзата ќе помогне за стабилноста на обезбедување на основните прехранбени производи и навремено преземање на мерките за интервенции на пазарот за овие производи“, се вели во Министерството, од каде најавуваат и поврзување на македонската берза со германската, од што очекуваат засилување на извозот и превенирање од создавање на вишок на домашно производство што води до намалени цени. Берзата воедно ќе им помогне на земјоделците и трговците во делот на предвидувањата на понудата и побарувачката на светските пазари посебно во големите земји како Русија, Кина, САД, Индија и други земји.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми