1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија стана остарен кандидат за членство

Силвера Падори-Кленке26 јуни 2014

И на овој јунски самит на Европскиот совет Македонија не е тема, што значи - стартот на пристапните преговори и натаму на неопределно време е замрзнат!

Фотографија: Georges Gobet/AFP/Getty Images

Централно место на агендата на денешната и утрешната средба на шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ е стратегиската линија на Унијата во наредните 5 години. Приоритетите и вo иднина се отворањето нови работни места, стопанскиот пораст, заштитата на граѓаните, нивните слободи и безбедност, но и местото на Унијата како глобален актер. Утре претпладне (27.06.) ќе биде потпишана и Спогодбата за асоцијација со Грузија, Република Молдавија и Украина, а во работната сесија теми се Русија и случувањата во Украина.

Македонија и нејзиното доближување до ЕУ и овој јуни не е на агендата на Европскиот совет. Токму затоа, во светлина на доделениот кандидатски статус на Албанија, ДВ уште еднаш го актуелизира старото прашање: до кога Македонија ќе биде хроничен, вечен и сега веќе остарен кандидат за старт на пристапните преговори?

Часовникот отчукува без консеквенци!

Во политички Берлин за ова важно прашање за Македонија нема особено расположение отворено да се говори. Меѓутоа оф-рекорд неколкумина познавачи на регионот за ДВ ги пренесоа своите видувања.

„Пристапните преговори на Македонија со ЕУ и денес се под истата ’ѕвезда’ како вчера или завчера. Дали ќе започнат со новата влада на Македонија или со новиот состав на Европската комисија зависи од волјата на грчката страна, но и од тоа колку Македонија ќе успее да ја обезбеди поддршката на партнерите од ЕУ, кои би ја убедиле грчката влада да попушти во примената на вето“, кажува за Дојче веле еден искусен демохристијанин кој инсистира на анонимност. Тој вели дека најдобра опција е со новата македонска влада да има и нов почеток на односите меѓу Грција и Македонија. Но, тоа би било „премногу убаво“, зашто се сомнева во политичката волја на грчката страна ова прашање да се симне од дневен ред. Нашиот соговорник не е оптимист: од досегашното искуство повеќе очекува дека развојот на ситуацијата од грчките партнери ќе биде во насока како и досега - „ако нам ни оди лошо, на другите нека им е полошо!“

Исцрпени идеите на посредувачот Нимиц?Фотографија: picture-alliance/dpa

До кога Унијата, пак, може да го толерира ваквото нерасположение кон Македонија, која инаку петпатти последователно добила препораки од Европската комисија за старт на пристапните преговори?

„Имате право. Проблемот со името нема да може да биде вечен! Часовникот отчукува и ова севкупно сигурно дека ја засега и Европската унија, која сака да дојде до решение на спорот со името меѓу Македонија и Грција. Можеби преговарачот на ОН во спорот со името и не е лош, си ја врши работата, но тоа што нема решение говори дека ги исцрпил своите можности. Значи, треба сега да се најде поинаква форма на посредување“, коментира за Дојче веле пратеник од ЦДУ-ЦСУ.

Пресудно за спорот со името е кој во ЕУ ќе дојде на местото на лејди Ештон?Фотографија: AFP/Getty Images

Подобри рамковни услови?

Повеќемината соговорници на Дојче веле сметаат дека решавачко влијание за можното европско посредување меѓу Македонија и Грција ќе има идниот висок претставник за надворешна политика на Унијата. Потреба е личност со харизма, со силина и авторитет којшто може да ги помести работите, да притисне додека не се изнајде решение за проблемот кој ја сопира Македонија на нејзиниот евроатлантски пат. Или, како вели нашиот соговорник, „име за кое човек и на прво слушање ќе каже: ’Ваууу!’ Тоа е вистинската личност, карактер со формат кој решително стасува до целта“.

Инаку, рамковните услови за изнаоѓање решение за спорот со името сега се многу поповолни од минатата година, велат соговорниците на ДВ. Состојбата со економско-финансиската криза во Грција не е толку затегната, а новата Европска комисија сигурно на почетокот ќе има и повеќе сила и желба да се промовира и на тешки задачи - каков што е деценискиот спор околу името.
Дека „ветриштата“ за Македонија и за регионот се поповолни навестува и оддржувањето на Конференцијата за Западен Балкан на крајот на август во Берлин. Можеби тогаш нема конкретно да се донесе некој заклучок за Македонија, но важни се сигналите кои ќе се исратат: дека ветувањата за европската иднина не се заборавени, дека овој дел од Европа е важен за Унијата и дека исклучителни можности нуди регионалната соработка.

И она што е можеби важно е што во Берлин нема да биде Грција, но ќе биде дел од македонската владина гарнитура. Тоа ќе биде одлична прилика на маса пред канцеларката Меркел Македонија да ги промовира своите аргументи и во директна комуникација да побара и конкретно посредување и ангажман на Берлин во решавањето на спорот околу името со Грција!

Сенка на можниот позитивен развој во решавањето на проблемот со името фрла најавата за есенски избори во Грција, кои можат повторно да се протолкуваат како неповолна рамка за надминување на спорот. Се разбира условно, доколку на високата светска и европска политика не и’ здодее од чекорењето во празно и конечно не пресече!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми