Македонија трет топ реформатор годинава за водење бизнис
20 октомври 2011Според извештајот, Македонија направила скок од 12 места во споредба со претходната година благодарение на реформите спроведени во четири области - добивање градежни дозволи, добивање кредит, регистрација на имот и решавање на несолвентноста. Земјата е трет топ реформатор за годинава, по Мароко и Молдавија, лидер во Западниот балкан и подобро рангирана од дури 19 земји члкенки на ЕУ.
Директорот на канцеларијата на Светска банка во Македонија Лилиа Бурунчук истакна дека наведениот прогрес во извештајот придонесува за подобрување на бизнисот и создавањето нови работни места:
„Потребно е време за реформите да се почувствуват во економијата, но во Македонија веќе гледаме позитивни промени во зголемената економска активност и зголемувањето на странските директни инвестиции. Но, во исто време, за засилен раст потребни се повеќе промени. Прогресот во Дуинг бизнис извештајот демонстрира капацитет за имплементирање на реформите, за што е потребна политичка волја, посветеност за промени и координираност со сите учесници. Светска банка веќе работи со владата на оваа сеопфатна агенда“, изјави Бурунчук.
Што им е важно на инвеститорите и колку извештајот е слика на бизнис-реалноста?
Министерот за финансии Зоран Ставрески, кој успехот на економски план го награди со аплауз и споредба со оној на кошаркарите, нагласи дека континуираниот напредок бил резултат на макотрпни реформи, мерки и активности што биле спроведени изминатите шест години. Извештајот, според Ставрески, е мотивација за сите да продолжат да работат во насока на подобрување на условите за бизнис во земјата.
Дел од странските инвеститори во земјата коментираат дека извештајот Дуинг бизнис е позитивен, но сепак не го отсликува реално бизнис амбиентот во земјата. Првиот човек на Унијата на германски комори Михаел Шмит, за Дојче Веле коментира дека извештајот не содржи оценки за клучните фактори од кои зависи бизнис-климата и нивото на инвестиции во една земја. Според него, на инвеститорите им е поважна политичката стабилност, инвестициите во инфраструктурата, имплементацијата на регулативите, квалитетот на работната сила.
Автор: Костадин Делимитов
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска