1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија: Tоп реформаторот рекордер во иселување

Костадин Делимитов
4 ноември 2016

Ниту странски инвеститори ниту успешни рангирања: ништо не го запира трендот на иселување, кој напротив - се засилува! Младите се депримирани, експертите загрижени!

Symbolbild Familie Koffer Reise Auswanderer Immigranten
Фотографија: Fotolia/Peter Atkins

„Сакам да останам дома и тука да успеам, но верувајте веќе и јас, вечниот оптимист, губам надеж и размислувам да заминам!“

Овие зборови на Деа Здравковска, успешна студентка од Скопје, навидум ведра и весела, млад човек со богат социјален живот и исполнето секојдневие отсликуваат пред колку сериозен предизвик е исправена Македонија. Ги финишира студиите на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Иако таа приватно и професионално се уште се гледа во Македонија, многу од нејзините врсници се гледаат некаде далеку, во Европа или преку океанот. Одливот на мозоци е одамна започнат, но последниве години се чини кулминира и тоа во сериозни димензии. Ниту статистика ниту студии веќе не се потребни за да се дознае реалноста, која за жал е поразителна:

„Економската реалност е едната страна на проблемот, која и политичка партија да е на власт, таа ќе влијае. Но јас лично сметам дека она што навистина влијае и тоа многу, како ти како индивидуа си прифатен во ова општество. Твојата совест, твоите постапки, твоите иницијативи. Младите генерално се осудувани за што и да прават во државата. Дали да помогнат или да одмогнат и мислам дека тоа ги кочи да останат тука. Едноставно сѐ ова што ни се случува периодов ги тера да заминат некаде далеку, каде нивниот труд и знаење навистина ќе се цени“, реагира Деа.

Деа Здравковска

00:49

This browser does not support the video element.

Дополнителен проблем во бесперспективноста е и ограничениот и слабо платен пазар на труд, во кој за квалитетните, но обични „смртници“ тешко се наоѓа место:

„Тешко се доаѓа до работа ако не си партиски подобен. Но тоа ли треба да ни биде иднината и мотивот, да бидеме партиски војници, или треба да сме успешни професионалци? Трагедија е што политиката буквално нѐ зароби сите, дури и нас, младите“, уверена е Деа. Таа додава:

„Најголем дел од студентите заминуваат поради проблемите со високото образование но и бесперспективноста. Партијата доминира на секое ниво. Дури и меѓу нас, студентите. Да не зборувам дека нашиот глас не го слуша никој, дури ниту институциите со кои нема комуникација, каде и да се обратиш си буквално блокиран. Затоа и не ме чуди што секој се решава да направи подобра и поздрава иднина таму некаде надвор.“

Половина од младите се без работа

Бесперспективноста ја потврдува и статистиката која покажува дека дури половина од младите во земјата се без работа што дополнително влијае на засилување на трендот на иселување. Но не се само тие, веќе и повозрасните, дури и оние кои имаат работа и навидум пристоен живот зборуваат или планираат заминување. Дури и цели семејства:

„И јас и сопругот работиме, но едвај чекам да си заминеме. Во процедура сме за канадска виза и штом завршиме се пакуваме и нема назад, готово. Ова што овде ни се случува веќе не е здраво, за сите нас, а најмногу за децата. Жално е, но тоа е“, вели Ирена, сопруга и мајка на две деца која е на прагот на петтата деценија.

„Желбата е уште од поодамна, осебно кај мене, но сопругот беше против. Но сега и тој инсистира и тоа многу повеќе од мене и нѐ влече сите!“

Се иселуваат цели семејстваФотографија: picture-alliance/dpa

Експертите предупредуваат дека Македонија веќе со години си дозволува преголем луксуз и губи непроценливи кадри. Фактот што сѐ повеќе млади, перспективни и способни луѓе заминуваат на дообразување или работа е поразителен, смета социологот Илија Ацевски.

„Што очекувате и како мислите да размислува еден млад човек во услови кога светот стана едно глобално село. Па за два часа лет сте во Германија, Франција, Италија. Тоа отвора поинакви перспективи, посебно за младите на кои веќе не можете да им продавате патриотизам или идентитет. Тие сакаат работа, перспектива, некој што ќе го цени нивниот труд и знаење. Тоа за жал кај нас веќе одамна го нема“, предупредува Ацески.

„Ајде да бегаме од овде и да не се враќаме“

Економијата е едно, но политиката според него има клучно влијание во овие процеси. Посебно она што се случува последниве години:

„Постои една ментална матрица која продуцира 'ајде да бегаме од овде и да не се враќаме', а тоа трае веќе неколку години. Само да се избега од овде со бугарски пасош или како било на друг начин. Тоа е цената на пропуштено во образованието, ниската и мизерна цена на трудот и политичките случувања“, предупредува Ацески.

Клучниот проблем, но и предизвик, според него, е во државата која мора да најде начин да го забави трендот:

„ Некој ќе каже дека тоа е тренд, можеби е така, еве Романија и Бугарија го доживеаја истото, но тие се неколкупати побројни од нас. Што ќе правиме ние кога ќе останеме без млади луѓе? Ќе увезуваме работна сила? Државата мора да реагира, барем да се ублажат состојбите. Некако да се мотивираат оние луѓе што се тука и што вредат да останат тука, бидејќи тие се иднината. Никој нека не се лаже дека некој што заминал ќе се врати. Тоа се мал број“, вели Ацески.

Негативните последици од трендот се чувствува и во стопанството кое веќе кубури со стручен и квалификуван кадар.

„Состојбата е алармантна. Пазарот на труд е ултимативно критично прашање за развој на економијата. Мораме да седнеме и да најдеме стратегија и решение, бидејќи ќе останеме без работници, што гледате дека е тренд не само кај нас, туку и други земји во регионот“, предупредува Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија.

Во отсуство на официјални статистички податоци, бројот на иселени од Македонија е различен. Светска банка оперира со 600 илјади, Евростат пак со над 230 илјади млади луѓе кои заминале од 1998 досега. САД, Канада, Австралија, Западна Европа - дестинациите се различни, во зависност од можностите и приликите. Последниов период се чини најатрактивна е Германија, каде само минатата година од 25 илјади македонски државјани кои таму заминале по подобро утре, дури половината останале да работат.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми