1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонка-доцент по германски јазик на германски универзитет

24 март 2011

Македонката Ратка Созовска има несекојдневен талент за јазици. Германскиот почнала да го учи на 15 години, сега го предава на Универзитетот во Зиген, а зборува уште неколку други јазици.

Ратка СозовскаФотографија: DW

Само оној кој како мало дете учи странски јазик, може да го владее подоцна на ниво на мајчиниот јазик. Оваа теза се потпира на бројни студии и истражувања. Но, настрана од трезвениот свет на науката, постојат луѓе кои ги побиваат сите теории преку својот талент за јазици. Една од нив е Ратка Созовска од Македонија. Таа започнала да учи германски на 15 години во училиште, денес е доцент за германски како странски јазик на Универзитетот Зиген:

„Во секој јазик постојат други очи, зашто секој јазик одговара на друг менталитет“, пишува Херта Милер, нобеловката за литература, која тоа го спознала уште на 15 години, кога започнала да учи романски. И Македонката Ратка Созовска на иста возраст започнала да го гледа светот со очите на германскиот јазик:

„Јазиците ме одушевуваа уште како дете, уживав да ги слушам луѓето кога зборуваат на странски јазик. Во некој момент ми се допадна германскиот, па започнав со приватни часови, потоа го учев во гимназија, и на крај решив да го студирам“, раскажува Созовска.

Од бебиситерка до доцент

По првите две години студии по германистика во Скопје, посакала да го запознае германскиот начин на живот настрана од книгите по граматика. Со 21 година дошла во Германија, најпрво како бебиситерка. Со помош на семејството-домаќин развила истенчено чувство за јазикот, дополнувајќи го со внимателно слушање и гледање телевизија. Оттогаш поминаа десет години. Денес Ратка на своите студенти им препорачува да го вежбаат германскиот преку следење на радиото и телевизијата. Таа веќе две години предава германски како странски јазик на Универзитетот во Зиген, чија понуда дошла сосем неочекувано.

Близок контакт со студентитеФотографија: DW

„За време на студиите еден професор ме праша дали можам да бидам асистент по предметот вовед во германскиот јазик, што со радост го прифатив. Наскоро магистрирав со добра оценка, па ми беше понуден докторат, на кого моментно работам, паралелно и како научен соработник“.

Учењето странски јазици како задоволство

Начинот на кој Ратка Созовска како возрасна успеала перфектно да го научи германскиот јазик е научно необјаснив, но нејзиниот талент за јазици е пример за студентите, на кои радо им дава совети, кои тие знаат да ги ценат. Ратка на универзитетот во Зиген студира и шпански:

Фотографија: DW

„Мислам дека познавањето странски јазик ми помага и во другите јазици, во пренесувањето конструкции или подобро разбирање. Никогаш не ме напушта задоволството за учење други јазици“, објаснува Ратка, која моментно учи и холандски и португалски, а веќе зборува и српски, англиски и грчки.

Како полиглот, Ратка среде Германија наоѓа пријатели од цел свет, но многу и‘ недостасува семејството од Македонија. Затоа најмалку двапати годишно патува во Скопје. Таму може исто така да врши истражувања за својата докторска работа, зашто нејзиниот мајчин јазик и‘ служи како база за јазична споредба со германскиот јазик.

Автор: Ирем Оцгекчелер / Александра Шерле / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми