1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската влада предлага осум уставни измени

ЕМФ/миа28 јуни 2014

Дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, прецизирање на фискалните правила во рамките на буџетот и тоа за буџетскиот дефицит и јавниот долг, се меѓу осумте, од страна на Владата, предложени измени на Уставот.

Фотографија: DW

Покрај дефинирањето на бракот и прецизирањето на фискалните правила, предложено е да се пристапи и кон промена на називот на Народна банка на Република Македонија, воведување на институтот Уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање на Уставна можност за формирање финансиска зона, како и пристапување кон измени на Уставот, со цел дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.

„Предлог одлуката да се пристапи кон иницијатива за измена на Уставот на Република Македонија е насочена кон подобрување на работата на институциите, воведување нови повисоки стандарди и овозможување на дополнителни услови за економски развој и просперитет. Очекуваме пошироката и експертска јавност да се вклучи во овој процес, и со аргументи и издржани дискусии да се извлече најдоброто за државата и сите нејзини граѓани“, изјави денеска (28.06) на прес-конференција македонскиот премиер Никола Груевски.

Според него, „уставната заштита и јасната дефиниција на бракот ќе овозможи натамошна заштита на децата и афирмација на нивното воспитување во семејна средина каде носечки дел се родителите, односно таткото и мајката, со истовремена поддршка на улогата на самохраните родители“.

Што се однесува до можноста за воведување на институтот Уставна жалба, Груевски нагласи дека со тоа на македонските граѓани ќе се стави на располагање „институт кој е претходно воведен во повеќе држави“. „Неговата цел е да се зајакне заштитата на човековите права и слободи дефинирани во Уставот“, рече премиерот.

Измените што се предлагаат во делот на Судскиот совет, кој досега го сочинуваат 15 члена, предвидуваат зголемување на бројот на судии членови на Судскиот совет избрани од страна на судиите и тоа од 8 на 10. Тоа, според премиерот, има за цел зајакнување на незваисноста на судството.

Премиерот Никола Груевски ги објасни предлозите за измени на УставотФотографија: MIA

Со петата измена „се предлага воведување надлежност на Уставниот суд да одлучува по жалба на одлуките на Судскиот за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител“, потенцираше денеска македонскиот премиер.

Со измените се предлага и да се пристапи кон на воведување на уставно дефиниран максимум до кој може да се движи буџетскиот дефицит и лимитирање на јавниот долг. Премиерот појасни дека предлогот е нормирање на дефицитот на буџетот во висина најмногу до три проценти од БДП, а јавниот долг да се лимитира на ниво од најмногу 60 отсто од БДП.

Преку создавањето на Уставна можност за формирање на финансиска зона која би развивала посебна правна и финансиска регулатива по највисоките меѓународни стандарди, според Груевски, ќе се поттикне развој на финансиските услуги во земјата преку создавање услови за привлекување на меѓународни финансиски трговски друштва. Осмата прелдожена измена на Уставот се однесува на Државниот завод за ревизија, со цел негово дефинирање како уставна категорија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми