Самопрогласениот патриотизам не е заедништво. Не се гради држава со патриотски пароли. Туку со ум и мудрост, со одмереност и прагматичност, со многу работа и уште повеќе самопрегор. Колумна на Кица Колбе
Реклама
Скарани сме прво со нас самите, а потоа и со сите други околу нас. Ова сознание може да биде дијагнозата за состојбата на македонскиот дух. Таа состојба не е историска митологија, уште помалку метафора, туку горчливо секојдневие. Од таа ментална состојба на недоверба и омраза кон другиот Македонец, на расцеп во однос на стратешките цели, потекнуваат сите македонски историски порази. Таа особина доаѓа најсилно до израз кога Македонците се оставени самите со себе. Тоа се случи во трите децении транзициско опстојување, без јасна парадигма за заедништво. Во југословенската заедница Македонците имаа парадигма на заедништо, која им ја понуди пошироката државна, политичка и културна рамка. Затвореноста на Македонците во малечката сопствена културна и политичка средина, кои заради спорот со името предолго се чувствуваа „стигматизирани“ од светот, беше погубна за македонската состојба на духот. Македонците денес се длабоко разединет народ.
Од Преспанскиот договор некој друг народ, некои други граѓани ќе направеа своја историска шанса да се презентираат пред светот. Со малку поголема сплотеност, со јасна цел за што се работи ( за сложен договор, на кој му претходеа уште посложени преговори), во кој, и покрај промената на името на државата, сепак е сочуван идентитетот - македонски народ, македонски јазик – тој историски миг можеше да стане можност за македонска промоција во светот како народ, како култура, како традиција. Нам, на Македонците, сите историски шанси како да ни минуваат пред нос, без да ги забележиме. Ништо не функционира толку совршено денес во Македонија, како тесниот интерес, врските, митото и поткупот. Тој менталитет е изворот и на корупцијата и на неспособноста на Македонците, сплотено и одговорно да следат заеднички цели. Тоа, секако, се должи на фактот што македонскиот народ предолго немал национална држава. Така со векови се учел да преживее само во својот најтесен круг. Сојот, родот, селото, фамилијата. Само да се преживее. Отаде и недовербата кон другиот Македонец.
Договор за решавање на спорот за името
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој би требало да му стави крај на спорот кој трае четврт век. Но, до неговото конечно спроведување има уште работа.
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, има неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите нема.
Во Грција исто така се протестира. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
Уште многу работа
Ставањето потпис на Конечната спогодба за решавање на спорот за името е само еден од чекорите кои следуваат во наредните месеци до конечно решение. Следува ратификација во македонското Собрание, референдум на кој македонските граѓани ќе се изјаснат за договорот, а потоа и ратификација во грчкиот парламент.
Меѓутоа, доколку сакаат да постојат во светот како македонска држава, Македонците мора да почнат да се учат на одговорност и на меѓусебна доверба. Неодговорноста, криминогената енергија не е „судбинска особина“ на Македонците. Оти има безброј Македонци насекаде во светот, кои се одговорни и совесни граѓани, трудољубиви и чесни работници. Кога ќе се преселат во модерните западни општества, најголемиот број од македонските граѓани веднаш сознаваат дека, за да бидат успешни, тие мора да ги почитуваат законите и прописите, правилата на однесување и работа во таа земја. Зошто тоа не е така и во Македонија? Затоа што на луѓето им требаат примери за одговорност и чесност, за должност и совесност. Преку примери се учиме на социјална емпатија. Најдобро сознаваме што значи чесност и совест кога тие особини ќе ги видиме во конкретна личност. Во личноста на родителите, на учителите, на професорот, на лекарот, на судијата, на политичарот. Само така може да се учат децата, но и возрасните на одговорност кон заедницата. Македонската држава се наоѓа пред тешки задачи во процесот на приближување на стандардите на ЕУ. За да се исполнат тие задачи, треба заеднички напор од сите во државата. Тоа не е возможно без совесност и одговорност.
Самопрогласените „патриоти”, пак, го демонизираат секој што е за Преспанскиот договор, за ЕУ и за НАТО. Најверојатно многу од нив не знаат што пишува во Договорот. Тие порадо им веруваат на теориите на заговор. Не може лесно да се смени „кодот“ впишан со векови. Жртвата на заговор продолжува да верува во него. Таа тогаш ќе си го создаде самата непријателот. Во другите Македонци. Дури и кога би стоеле на работ на амбис, тие нема да бараат заеднички спас, туку ќе се караат со другиот Македонец за тоа кој е виновен. Целата македонска историја е преполна со такво однесување. Та нели сме „Каинавелија“, нели сме „пиреј“? Да, ама пирејот само преживува. Прашањето е како да се цути како Македонец. Како да се раѓаат плодови на духот, возвишени дела во уметноста, како фреските во Курбиново, како црквите во Охрид? Само така би станеле видливи за светот како Македонци.
Зошто не согледавме дека Преспанскиот договор, колку и да е несовршен, сепак, е наш прв самостоен државен успех на заедничкиот пат кон ЕУ? Затоа што ние, всушност, не веруваме во заеднички пат и во заеднички успех. Затоа што Преспанскиот договор го постигнале други Македонци. Ама не ние самите, не „нашата“ партија. Не го слушаме и не го разбираме другиот. Глуви сме, затоа што сме прегласни во омразата кон него. Затоа што ние, Македонците, никогаш не очекуваме добро од светот, туку само зло. Затоа одбиваме и кога светот ни‘ нуди нешто добро. Затоа веднаш ги уништуваме и малкуте никулци во својата земја. Оти, иако сме самобендисани, во душата не веруваме дека некој од нас, Македонците, е способен за нешто добро и големо. И да сака некој да пркне, да посегне по ѕвездите, веднаш толпата го влече назад, во калта на својата просечност. Умните, скромните, надарените и самокритичните се секогаш молчаливи и тивки во Македонија.
Децениски спор за името меѓу Македонија и Грција
Спорот за името меѓу Македонија и Грција траеше речиси три полни децении, и беше окончан со Преспанскиот договор. Спорот беше проследен со многу протести, блокади и вето за членството на Македонија во НАТО.
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.
Фотографија: Dnevnik
Забрана за зборот „Македонија“
Првичната грчка позиција на почетокот на 1990-те години беше дека во името на соседната држава не смее да се содржи зборот „Македонија“. Носители на таквата политика беа владата на премиерот Констанин Мицотакис, и подоцна особено шефот на дипломатијата Андонис Самарас. Самарас поднесе оставка и предизвика пад на владата на Мицотакис по приемот на Македонија во ОН под референцата БЈРМ.
Фотографија: Reuters/A. Avramidis
Привремената спогодба од 1995 година
На 13 септември 1995 година во Њујорк беше потпишана Привремената спогодба која требаше да води кон нормализација на билатералните односи. Претходно, на 6 јануари 1992 година, Македонија го смени државното знаме со симболот на сонцето од Вергина и Уставот во делот кој, според Грција,содржеше иредентистички позиции. Со тоа беше ставен крај и на 18-месечното трговско ембарго кон Македонија од Атина.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Antonov
Меѓународно признавање
По спогодбата со Грција, Македонија успеа да се избори за меѓународно признавање под уставното име од 118 држави, како и да влезе во најзначајните европски и светски институции. Но, спорот остана да се влече и во децениите кои следеа. Посуштествени напори од двете страни да се реши спорот, според неофицијални информации, се направени во 2001 и 2005 година, но без успех.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
(Нe)потребна провокација
Кон крајот на 2006 година, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски одлучи да го преименува аеродромот Петровец во Скопје во „Александар Велики“. Грција остро реагира, а спорот полека се враќа на голема врата, сѐ до целосната ескалација на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Самитот во Букурешт
И покрај обидите на медијаторот Метју Нимиц со засилени дипломатски напори и под притисок на САД да се изнајде решение за спорот до самитот на НАТО во Букурешт, тоа не се случи. Атина го блокираше приемот на Македонија во воената Алијанса. На 3 април 2008 година, НАТО му порача на Скопје дека поканата за членство останува отворена доколку се најде компромис со Атина за името.
Фотографија: AP
Тужба во Хаг
Во ноември 2008 година, македонската влада одлучи да покрене тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција поради ветото во Букурешт. На 5 декември 2011 година, Судот пресуди во корист на Македонија и заклучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. Но, во истовреме Судот заклучи дека нема правна сила да ѝ нареди на Грција да го повлече ветото.
Фотографија: MIA
Антиквизација
Процесот што започна со преименувањето на аеродромот во Скопје во 2006 година, по самитот во Букурешт доби далеку пошироки димензии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ започна со масовно преименување на објекти и улици и изградба на проектот Скопје 201, во чиј центар се наоѓа споменикот на Александар Велики (наречен Воин на коњ). Проектот чинеше повеќе од 600 милиони евра и ѝ донесе многу критики на земјата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Преговори во (не)пријателска атмосфера
Иако преговорите околу спорот за името продолжија и во следните години, по самитот во Букурешт, ескалираа националистичките страсти и навреди меѓу двете држави. Грција остро реагираше на билбордот (на фотографијата) на кој грчкото знаме беше претставено со свастика. На слични провокации од грчка страна, особено од страна на грчката армија, реагираа и македонските власти.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
Чија е Македонија
И во северна Грција во меѓувреме речиси сите позначајни објекти го носат името „Македонија“. Официјалната „црвена линија“ на Атина во меѓувреме е дека мора да се најде заеднички прифатливо име за меѓународна употреба „ерга омнес“ со географска додавка. Најчесто се споменуваат придавките северна и горна кон името Македонија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Barbarousis
„Вечниот“ Метју Нимиц
Единствена константа во деценискиот спор остана американскиот правник и дипломат, Метју Нимиц. Именуван од страна на Обединетите нации за медијатор во спорот пред 23 години, Нимиц и натаму е оптимист и верува дека може да се најде решение за проблемот. Последната серија средби со политичките лидери во Скопје и Атина ја имаше во јули годинава.
Фотографија: MIA
Нов оптимизам
Смената на власта во Македонија и падот на ВМРО-ДПМНЕ донесоа нов оптимизам дека може да се најде решение за спорот. Владата на Заев по секоја цена сака да обезбеди прием во НАТО на следниот самит на Алијансата во 2018 година. Пречката за тоа и натаму останува Грција, но провејува оптимизам дека под притисок од меѓународната заедница и со нова политика во Скопје, би можело да дојде до исчекор.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
12 фотографии1 | 12
Да бевме потивки и поскромни, ќе сфатевме веднаш дека Преспанскиот договор ни‘ дозволува да станеме видливи пред светот токму како Македонци со словенско потекло. Не како бугарофили. Не како гркомани. Не како србомани. Тие беа „шифрите“ под кои многу Македонци беа научиле да преживуваат во минатото. Што направивме ние во тој миг? Како ураган се впуштивме во борба и омраза еден кон друг и кон тој документ, кој ни дава шанса да излеземе на мегдан со светот. Затоа што често немаме мерка во ништо, најмалку во омразата. Стануваме лесно погани, безмилосни кон другиот. Живееме во илузии и митови. Затоа што од поразите не учиме, како сите разумни луѓе. Поарно бегаме од нив во митологии. Само во нив ние сме најсилните и најмудрите. Немаме самокритичност. Имаме премногу самовљубеност, а таа се храни од зависта. Нема „златна мера“, за која Аристотел веруваше дека е белег на благороден дух. А немаме мерка во однесувањето, затоа што одмереноста и одговорноста се учат само кога се живее во заедништво со другите. Немаме долго историско искуство во државотворно заедништво. Југословенското време беше прекусо за да се создаде цврста свест за припадност на државата и на зедницата.
Самопрогласениот патриотизам не е заедништво. Не се гради држава со патриотски пароли. Туку со ум и мудрост, со одмереност и прагматичност, со многу работа и уште повеќе самопрегор. Тоа, за жал, често го нема ниту кај тие што се избрани за тоа, политичарите. Самосвеста, поставувањето на заеднички цели и визии започнува, најнапред, со самокритика, со сознание за сопствените порази. Ние радо ги прикриваме, префрлувајќи им ја вината на другите. Затоа едните Македонци мислат дека другите го „продале името“. Притоа, и едните и другите преговараа во различни периоди за името. Името никој не го продаде. Како што никој во светот не направил заговор да исчезнеме. Ако некогаш исчезнеме како Македонци, тоа ќе биде само поради нашата болест, позната со години – македонската разединетост.