1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензискиот систем почнува да заздравува!

Костадин Делимитов
16 октомври 2019

Без повеќе вработувања и повисоки плати, фондот за пензиско осигурување е осуден на пропаст. Владините мерки се можеби амбициозни, но реформите даваат позитивни резултати!

Deutschland Rentenerhöhung Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Македонскиот пензиски систем е далеку од стабилен но за прв пат по повеќегодишен надолен тренд бележи сигнали за какво такво опоравување. Минимално, но охрабрувачки за еден од клучните столбови на економијата кој со години јаде сериозен дел од  државниот буџет.  По подолг период, годинава за прв пат дупката во фондот за ПИОМ која се полни со дотации од буџетот бележи намалување. Податоците од буџетот за годинава покажуваат дека за оваа намена од државната каса се потребни 28,1 милијарда денари што е намалување во споредба со лани, кога овие средства изнесуваа 29,4 милијарди денари.

Минимално поместување

Овие бројки се далеку од задоволителни, односно се`уште се загрижувачки. Но добрата вест е што буџетските средства се намалуваат. Засега минимално, но како тоа да биде и засилено? Експертската јавност која со години алармира дека проблемот е сериозен, предупредува дека се потребни сериозни напори за подобрување на состојбите и тоа на повеќе фронтови:

„Секогаш треба да се засилува капацитетот на фондот, а за тоа се потребни неколку работи. Економски развој, зголемување на бројот на вработени и раст на платите. Тоа се главните позиции кои на среден и на долг рок треба да го засилат портфолиото на фондот за  ПИОМ.  Се` друго е импровизација", смета даночниот советник Павел Гацов.

Популизмот го изеде развојот

Дефицитот на Фондот за ПИОМ се продлабочуваше во континуитет, посебно низ годините владење на претходната власт кои беа одбележани со политики за ослободување од придонеси, намалување на придонесите, но без позначајно зголемување на платите. Само за илустрација, придонесот за пензиско намалување од 21,2% во 2009 година, беше намален на 18% во 2010 година. Се` заедно придонесе за намалување на изворните приходи на фондот.

За подобрување на состојбите, власта уште на стартот од годинава отвори повеќе фронтови. Клучниот беше промовиран лани во ноември кога стартуваше сетот реформи на пензискиот систем кој донесе зголемување на придонесот за пензиско и здравствено осигурување за 0,5 отсто, но и се овозможи на 28.000 граѓани од вториот пензиски столб да се вратат во првиот. Експертите очекуваат дека трендот ќе продолжи со примената на дополнителните мерки предвидени за наредната година:

„Во делот на стапката кај придонесите не верувам дека ќе има назад. Таа од 18% веќе е предвидена да оди на 18,8% во 2020 година. Тоа е некое решение кое треба да даде резултати на среден и на долг рок, а другите решенија се во контекст на развојот или можеби полоша опција, да се зголемува стажот односно границата, но тоа е веќе потврдено дека не е опција за некој подолг период", смета Гацов.

Растат платите се намалува невработеноста

Во меѓувреме и просечната плата се зголеми на 25.104 денари, а невработеноста се намали на 17,5%. Планот на власта е растот на платите да продолжи што се темели на договорот за зголемување на минималецот, но и субвенционирањето на растот на платите во приватниот сектор. Конкретно, владата ќе ги покрие придонесите за работодавачите кои ќе ја зголемат платата за работниците, вклучително и во делот на минималецот кој се зголемува на 14.500 денари. Ваквата мерка според експертите ќе има ефект врз фондот, но главно како поддршка:

„Генерално оваа работа нема да има квантификација на ударот врз фондот за ПИОМ. Преку законот за субвенционирање на придонеси, ова што ќе оди преку зголемените плати де факто ќе оди како трансфер на средства врз основа на законот од  буџетот во Фондот за ПИОМ без оној класичен трансфер на поддршка. Ќе легнуваат пари на секоја индивидуална сметка на даночен обврзник и отприлика годишно низ калкулации велат дека ќе има од 26 до 40 милиони евра, што исто така е подобрување на кондицијата на фондот", објаснува Гацов.

Фотографија: Aleksandar Manasiev

Од Владата се оптимисти дека порастот на просечната плата од 10% во текот на овие две години и вработувањето на 54.000 луѓе за две години треба да го почувствуваат пензионерите, но и административците.

Тоа е практично извор на средства, бидејќи сите тие 10 отсто плус плати просечни, даваат плус 10 отсто средства во Пензискиот фонд. Исто така, овие 54 илјади нововработени со своите придонеси даваат плус средства во фондот. Цениме дека и пензионерите треба да го почувствуваат тој благодат од тоа што се случува во општеството. Се разбира дека тој сооднос треба да го почувствуваат и пензионерите и сите останати во администрацијата за кои се обидуваме и нивните плати да ги направиме подостојни“, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. 

Фиксна старосна граница!?

Ваквите зафати се случуваат во период кога група пратеници подготвува законски измени во делот на старосната граница за пензионирање.  Од она што досега е познато, идејата е да се ограничи старосната граница за заминување во пензија на 62 кај жените, односно 64 години старост кај мажите. Законот би се однесувал подеднакво и на вработените во јавниот и во приватниот сектор. Но, тенденцијата е поголемиот број на пензионирани да биде од приватниот сектор. Сепак деталите допрва ќе се утврдуваат, а интенцијата не е ограничувањето стриктно да важи за сите сектори. Напротив, ќе се бараат решенија за т.н. дефицитарни струки, како на пример во здравството,  каде како што најави ресорниот министер Венко Филипче, ќе се бара начин можноста за продолжување на работниот век до 67 години да остане, преку интервенција во Законот за  здравствена заштита.

Експертската јавност засега се воздржува од коментари во врска со предлог законската инцијатива. Дел од нив коментираат дека е добро да се задржи старосната граница и да се создадат услови за вработување на нов кадар, посебно во трудоинтензивните дејности. Но за подетални анализи, ќе се чека официјалниот предлог закон, кој пред да помине во Собрание, ќе треба да добие виза и од Владата.

Фотографија: DW/S. Toevski

Пофалби за реформите

Инаку, што се однесува генерално за реформите кои се преземаат во делот на пензискиот систем, интересно е што по подолг период на критики, беа изнесени и пофалби за реформите. Ова го соопшти минатата недела Светска банка, на новинарско прашање како ги коментираат најавите на премиерот Зоран Заев дека во наредниот период ќе следува значително зголемување на пензиите:

„Ние не ги знаеме деталите за пензиите, но и` честитаме на Владата за пензиската  реформа која е спроведена на крајот од минатата и почетокот на оваа година и која што доведе до неколку работи. Стабилност на заменската стапка за пензијата, расчистување на состојбите во повеќестолбниот систем, плаќањето на придонеси кои што не биле платени во минатото. Сега тоа е исправено. Севкупно ова е чекор во вистинска насока насочен кон одржување на стабилноста на пензискиот систем на долг рок“, порачаа експертите од оваа меѓународна финансиска институција.

Историјат на проблеми

Проблемите во пензискиот систем се влечат со години, а дупката во Фондот за пензиско осигурување се продлабочува уште од осамостојувањето. Клучниот проблем е соодносот на бројот на вработени со бројот на пензионери. Во моментов според статистиката во државата има активно вработени 794283, а бројот на пензионери изнесува 324.382 лица. Дополнителен товар за Фондот низ годините беа и популистичките мерки за зголемување на пензиите но и долгиот период на мерката за ослободување од придонеси на вработените во фирмите кои се отворени во Технолошко индустриските развојни зони.

Најниска и највисока пензија

Според податоците, просечната пензија во септември изнесува 14.598 денари. Најголем дел од корисниците, или 64% земаат пензија во висина од 11.141 до 38.634 денари. Околу 28% земаат измеѓу 8.971 до 11.141 денари, 7.76% се под минималецот, а 0.83% земаат највисоки пензии кои се движат од 38.634 до максимални 51.803 денари.  

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми