Македонскиот печат „пожолтува“?
18 јуни 2011Нема весник без пикантни фото-портрети на домашни и светски модели или пејачи, секојденевно се објавуваат секси ќошиња и совети, дури и со бизарни наслови, како еден од последните дека 76 –годишен маж 4 пати дневно имал интимни односи, а неговата 64-годишна партнерка тоа не можела да го издржи?
„Жолт печат постои во светот, не е така развиен во Македонија, почива на сензационализам и ниски чувства или поттикнува такви страсти. Во земјава е повеќе од очигледно дека постои жолто новинарство, информација која не се потпира на факти, туку има за цел дискредитација. Таблоидното новинарство сепак ги возбудува читателите и гледачите, го подига тиражот на весниците“, вели Бранко Геровски, главен уредник на „Шпиц“ и основач на неколку дневни весници и неделници.
Луѓето се заморени само од политика
„Во секој случај објавувањето интимни пикантерии продава весници, но до тираж не може да стигнете само со такви вести и информации. Но во Македонија често пати не правиме разлика меѓу сериозно и досадно новинарство. Луѓето се заморени само од политика и политичарите и читателите сакаат и да им биде забавно додека ги прелистуваат весниците,“ забележува Горан Михајловски, главен уредник на „Вест“. И двата весника се обидуваат во трката за тираж да ги вградат и лесните четива. Но за Михајловски тоа е дел од општиот тренд, иако во „Македонија е тешко да правиш таблоид, зашто секој со секого се знае“.
Од познатите таблоиди почитани се „Крема“ и „Свет“, македонска верзија на белградското издание. Зоран Василевски, кој и самиот е ТВ шоумен со емисијата „Фаци“, вели дека во државата не е формиран џет-сет и дека естрадните личности се‘уште не ја разбираат и негуваат интимноста како сфера на јавна комуникација со своите фанови, вели главниот уредник на неделникот „Крема“
„Многу е неблагодарно да градиш имиџ на јавна личност чија приватност и интимност е достапна до читателството, особено доколку се објави информација што ним нема да им се допадне“.
За политичарите се‘ се знае
За политичарите главно се‘ се знае, дури и малите деца, задоени со политика од родителите, знаат кој е Груевски, каков е Црвенковски, вели за Дојче веле Василевски.
Неколку години наназад весниците ги најавуваат свршувачките, но и разводите, на премиерите Груевски, Бучковски, свадбата на Шеќеринска со познат бизнисмен беше топ тема, како и рожбите на нивните деца. Се објавуваа дури и алузии за тајни врски меѓу членови на иста влада, партиски челници, бизнисмени и естрадни или телевизиски ѕвезди. „Вест ги најави свадбите на двајцата последни премиери, сме ги развеле, многу ретко користеме папарацо-фотографии. Како што демократијата и слободата на медиумите се развиваат и јавните личности сфатија дека е подобро да не се кријат, да ја допуштат приватноста пред интересот на јавноста и така да ја контролираат информацијата за нив“, истакнува Михајловски. Неговиот колега од „Шпиц“, Геровски, за Дојче веле оцени „ Но, жолтото новинарство прераснува во вистинска перверзија кога разголувањето на интимноста на јавните личности се дел од кампањи за нивна дискредитација од разновидни политички или бизнис интереси“.
Раголени девојки
Денес не е табуизирана ниту разголената фото-сесија на првите дами од забавата во македонското издание на „Плејбој„“. Една поп-пејачка, со руско потекло, демантира дека музичката кариера ја направила преку кревет.
Во Македонија не постои џет-сет, нема толку богати луѓе, тие не ја манифестираат својата посебност со статус или затворање во елитистички кругови, вели Василевски, кој е дел од таканаречената скопска шема на полноќни седенки и „дешавки“, како со скопскиот сленг, се опишува ноќниот и приватниот живот на афирмираните личности и тие што ја бараат својата шанса на кариера, а не само да бидат видени. Фотографиите и скокотливите легенди под нив стануваат составен дел на сите весници, што пожолтувањето на печатот го прифаќаат како светски тренд.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Жана Ацеска