Македонскиот премиер Бучковски од денеска во дводневна посета на Германија
8 јуни 2005Акцентот врз посетата која се реализира на покана на германскиот канцелар Шредер, е ставен на економијата. Бучковски, денеска во Берлин треба да се сретне со претставниците на Комората на германската индустрија и трговија, а во Комерц банката тој ќе се обиде да ја претстави Македонија како поволна бизнис дестинација.
Вториот ден од посетата на Германија македонскиот премиер ја продолжува во Минхен, каде ќе му се придружат вицепремиерката Радмила Шеќеринска и министрите за економија и животна средина, Фатмир Бесими и Зоран Шапуриќ. Македонските владини претставници, според планираното, за економската соработка и евроинтеграциите на Македонија треба да разговараат со премиерот на германскта покраина Баварија, Едмунд Штојбер, како и да учествуваат на тркалезната маса заедно со претставници на германската Влада, европската банка за обнова и развој, Пактот за стабилност и Светската банка.
Дводневната официјална посета на Бучковски на Германија ќе биде заокружена со разговорите во компанијата Сименс, каде ќе се разговара за инвестирањето на овој гигант во Македонија.