1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонскиот јазик е срцето на Македонија“

ЕМФ/миа16 јуни 2013

Во Охрид е отворена 46. летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Годинава на семинарот учествуваат 90-тина учесници од 23 земји од светот.

Фотографија: Fotolia/Image Source IS2

„Зборовите изговорени на јазик што човекот го разбира, допираат до неговиот ум. Зборовите изговорени на неговиот мајчин јазик допираат до неговото срце. Нашите срца се преполни со радост кога слушаме како зборувате македонски, а за тоа има добра причина. Македонскиот јазик е срцето на Македонија“, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов на отворањето на 46. летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Во јазикот, како што додаде Иванов, се познава минатото, сегашноста и иднината на еден народ, а преку него гледаме какво е неговото историско искуство, каде се наоѓа и кон каде се стреми. Македонскиот претседател во Охрид ги пренесе зборовите на Петре М. Андреевски: „Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева“, и додаде дека иднината е сигурна, со оглед на тоа што македонскиот јазик денес го зборуваат неколку милиони Македонци во и надвор од Македонија:

Ѓорѓе Иванов: Иднината е сигурна, со оглед на тоа што македонскиот јазик денес го зборуваат неколку милиони луѓе во и надвор од МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

„Но, токму преку вас славистите од целиот свет, макeдонскиот јазик, како и македонската култура и литература, се здобиваат со најдобрите амбасадори на светските меридијани“, рече Иванов.

Проректорот на УКИМ Мери Цветковска од учесниците на семинарот очекува да бидат амбасадори на Македонија и македонскиот јазик во светот:

„Изучувањето на македонскиот јазик е значајно бидејќи со него ја изучувате и нашата литература, богата култура и историја. Го изучувате јазикот на народот чии корени се длабоко во светската цивилизација“, нагласи Цветковска.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми