1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот јазик профитира од глобализацијата

20 ноември 2011

Македонскиот јазик, лингвистичкиот идентитет на македонскиот народ, во ерата на глобализација стои на цврсти нозе во светот на јазиците, доживувајќи и самиот своја глобализација низ интернет, велат експертите.

Фотографија: DW

Доцент Саше Герасимовски од Факултетот за безбедност во Скопје на Државниот факултет од Битола, еден од двајцата автори на научниот труд „Доминацијата на англискиот јазик во европскиот повеќејазичен простор низ призмата на лингвистичкиот идентитет“, укажува:

„Македонскиот јазик има значителна културолошка кондиција, која што ја покажува во континуитет. Тој има голема апсорпциона способност, или моќ на приспособување, но и на задржување на главните карактеристики и сопствените идентитетски обележја, на она јадро што го сочинува тој јазичен идентитет. Во последниве 20-тина години македонскиот јазик со значителен успех настојува да се промовира во светот, да се унапреди. Се продолжува континуитетот воспоставен претходно, во времето кога нашите познати лингвисти ја раширија свеста за неговото постоење во светот. Наспроти сите ризици и пречки, кои се нормални и за сите други помали јазици во светот, со помал број говорители, македонскиот јазик успева преку културата, преку современите средства за комуникација, да се пробива во одредени средини каде што не бил и да задобива се‘ поголемо значење, афирмирајќи се со сите свои вредности“.

Д-р. Лидија ТантуровскаФотографија: Lidija Tanturovska

Лидија Тантуровска, научен советник во Институтот за македонски јазик во Скопје, се осврнува на застапеноста на македонскиот меѓу 30-те јазици на кои се емитува програмата на светскиот сервис на Дојче веле:

„Со самото тоа што македонскиот јазик е на неговата бранова должина зборува дека тој е рамноправен со сите јазици во светот. Тоа претставува една искра во глобализираниот систем на јазици“.

Според Ана Лазарова-Никовска, професорка по применета лингвистика на Филолошкиот факултет на ФОН универзитетот во Скопје, глобализација доживуваат и англискиот, како светски јазик, но и македонскиот:

„Со самото тоа што многу од дневниот печат го има во електронски изданија, со тоа што се преведуваат големи томови од нашата литературна историја, сето тоа ќе придонесе кон глобализација и на македонскиот јазик, кон негова многу поголема присутност во светот. Во овој контекст се проширува и свесноста за македонскиот идентитет на глобално рамниште“.

„Глобализацијата – шанса за амортизирање на негирањата

Герасимовски посочува дека светската глобализација може да ги амортизира негирањата на македонскиот јазичен идентитет - ако се искористи шансата: „Преку современите начини на комуникација, карактеристични за глобализацијата, македонскиот јазик има исклучителна можност да го проширува своето влијание. Тоа е многу олеснето и треба да се искористи таа шанса. Во тоа се огледаат амортизирачките аспекти на глобализацијата.“

Тантуровска смета дека глобализацијата значи реален повод и за загриженост:

„И Французите се загрижени за францускиот јазик, а Германците за германскиот јазик. Секако, и ние треба да бидеме загрижени за својот јазик. Во него секојдневно навлегуваат странски зборови, пред се‘, од англискиот јазик. Тука треба да поставиме некаква одбрана: колку што е можно тие зборови да се преведуваат.“

Македонскиот јазик профитира преку интернетот и социјалните мрежиФотографија: stories.twitter.com

Герасимовски предупредува дека Македонија и говорителите на македонскиот јазик се‘ уште немаат соодветен одговор на доминацијата на англискиот јазик:

„Мошне некритички се прифаќаат одредени термини, кои продираат преку модерните комуникациски технологии и преку Фејсбукот и другите општествени мрежи за комуникација, како што се: ’сејфува', ’ресетира', ’менаџира', ’бенчмарк’ ... Многу малку се внимава на чистотата на јазикот, иако постојат соодветни на странските зборови. Со позачестена употреба на соодветниците многу ќе се помогне кон одговорот на ’лингвистичкиот империјализам’ на англискиот јазик.“

Лазарова-Никовска е категорична:

„Не би можела да кажам дали е пречекорена црвената линија во овој поглед, но, лично, не мислам дека е загрозен македонскиот јазик. Тоа е нешто што не можеме да го спречиме, затоа што јазикот е жива материја. Тој е од менлив и минлив карактер и нормално е дека ќе има такви влијанија. Меѓутоа, тие влијанија не треба да предизвикаат хаос кај јазикот-домаќин, кој треба да ги прими странските зборови. Треба да се одржи рамнотежа, да се води грижа и контрола колку англицизми и други странски зборови навлегуваат во мајчиниот јазик. И во англискиот, за којшто не можеме никако да кажеме дека е загрозен, процесот на позајмување зборови од туѓите јазици е втор по честотата при формирањето нови зборови. Во нашиот јазик одамна постојат странски, англиски зборови, како што се 'радио', или 'викенд', но, сепак, не можеме да кажеме дека тој изумрел поради нивното присуство. Тоа не значи дека треба да се олабавиме. Треба да се следи постојано состојбата во јазикот, за да се интервенира кога странското зборовно влијание ќе почне да преовладува.“

Политичарите и новинарите се расфрлаат со странски зборови - јавноста не ги разбира

Герасимовски е еден од двајцата автори на научниот труд „Јазичното чистотништво и јазичната глобализација врз конкретни примери од современиот македонски јазик“ со извршено истражување, во кое биле опфатени две различни групи на испитаници, родени говорители на македонскиот јазик: 80 студенти од различни факултети на Универзитетот ФОН, со средна возраст од 20 години, и 36 граѓани-студенти на Универзитетот ‘Трето доба’, со средна возраст од 65 години.

Експертите сметаат дека постојано треба да се следи состојбата на јазикотФотографија: Fotolia

„Треба да се определи ставот кој е најмудро да се заземе на линијата меѓу целосна препуштеност на јазичната глобализација и определбата за догматско јазично чистотништво. Треба да се определи соодветна мерка и да се одржува рамнотежа меѓу двете струења: да се почитува изворноста и самобитноста на македонскиот јазик, но истовремено да се дозволи негова отвореност, заради заштита од цивилизациска изолација“ – констатира научниот труд. Истражувањето покажало дека широката јавност или воопшто не го разбира значењето на странските термини, кои и ги сервираат најмногу политичарите и новинарите, или ги разбира тие термини со поинакви значења.

Герасимовски нагласува: „Македонскиот јазик има навистина капацитет да го јакне натаму својот цивилизациски дијалог со светот. Ако биде на уште повисоко рамниште грижата за него во Македонија од страна и на државата и општеството, тогаш ќе се овозможи тој да го изрази сиот свој богат творечки потенцијал, кој претставува придонес во мултикултурното и интеркултурното совремие“.

Лазарова-Никовска заклучува:

„Македонскиот лингвистички идентитет има отпорност кон тенденциите за негово оспорување. Меѓутоа, и на тоа треба повеќе да се поработи. Може да се направат повеќе кампањи во светот, но и дома, меѓу младата генерација. Потребно е да се прават уште повеќе лингвистички анализи за различноста и спецификите на македонскиот јазик во однос на соседните и другите блиски јазици и тие анализи да се објавуваат во светски угледни списанија“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми