Македонските власти се мобилизираат за коронавирусот
БГ
24 февруари 2020
Засилени контроли на граничните премини, подготовка на простории за изолација на заболени лица и апели да не се патува во погодените светски региони. СЗО предупредува од можна пандемија.
Реклама
Нема заболени македонски граѓани од коронавирус во новото жариште во северна Италија, ниту е регистриран таков случај во земјата, но се преземаат мерки за заштита и превентива. Утрово заседаваше Комисијата за заразни болести, а попладнево и Управувачкиот комитет на Центарот за управување со кризи, по што министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека ќе се формира кризен штаб и ќе се засили контролата на граничните премини.
Засилените контроли на границите особено ќе важат за патниците кои доаѓаат од Италија, но и од други подрачја зафатени со коронавирусот. Притоа, патниците од Италија ќе се пропуштаат само на пет премини за да се овозможи концентрирана контрола.
Министерот Филипче апелира до граѓаните да не патуваат во погодените региони во Италија, а утре владата ќе одлучува дали да ги стопира сите планирани патувања во таа земја.
Како да се заштитите од коронавирусот. Ова се препораките на СЗО:
Лицата за кои постои сомнеж дека се заразени од вирусот кој се појави во Кина во декември минатата година, ќе бидат изолирани на инфективните одделенија во Штип, Велес и Гостивар.
На чекор до пандемија
Појавата на коронавирусот се уште не достигнало ниво на пандемија, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), но предупреди дека владите треба да извршат подготовки во случај состојбата да се влоши. Првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус соопшти дека вирусот во меѓувреме се проширил во 28 земји надвор од Кина со вкупно регистрирани над 2.700 заболени и 23 жртви. Особено голема е загриженоста поради ширењето на вирусот во Јужна Кореја, Иран и Италија.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.
Фотографија: picture-alliance/Ch. Mohr
8 фотографии1 | 8
„Во моментов имаме епидемии во различни делови на светот“, рече Тедрос, додавајќи дека „треба да сториме за да се подготвиме за потенцијална пандемија“.
Бројот на заболени во меѓувреме опаѓа во Кина, но расте во Јужна Кореја каде вкупно се заразени 833 луѓе. Во Иран, бројот на жртвите од вирусот достигна 12 луѓе, а се верува дека оттаму вирусот се проширил во Авганистан, Ирак и Оман.