Македонските војници остануваат во Авганистан и по 2014.
5 декември 2012Македонските војници ќе останат во Авганистан и по военото повлекување на ИСАФ трупите во 2014 година. Нивна задача ќе биде тренинг и обука на авганистанските безбедносни сили, соопшти шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во Брисел.
„Република Македонија е една од најголемите контрибутори по глава на жител во врска со военото присуство во оваа мисија и ние ќе ја засилуваме компонентата за обука и тренинг на авганистанските безбедносни сили заедно со нашите партнери од регионот во рамки на Јадранската повелба. Ние и формално остануваме посветени со присуство и поддршка на Авганистан и по 2014 година. Придонесот на Македонија е на ниво и повисоко од некои земји-членки на НАТО и со таков придонес ќе можеме и да продолжиме по добивање на формално членство во НАТО“, изјави Попоски за МИА по завршувањето на состанокот.
Попоски ја коментираше и годишнината од пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој оцени дека Грција не смеела да го блокира македонското членство во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година.
„Иако денеска проширувањето на НАТО не беше тема на дискусија на министрите, морам да потсетам дека со оваа пресуда, освен морална и реална фактичка ситуација која носи заклучок дека Република Македонија заслужува да биде членка на НАТО, тоа донесе и еден силен правен аргумент. Тоа е аргумент за сите 28 држави-членки на Алијансата да покажат посветеност кон почитувањето на меѓународното право и кон заедничките интереси и насочување кон идните предизвици што се наоѓаат пред НАТО“, истакна македонскиот министер за надворешни работи.