1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од „шундовизација“ на тв-програмата!

Катерина Блажевска14 јануари 2015

Недостигот на авторски концепти за домашни играни и музички продукти, е главната причина за увозот на странски, тврдат тв-менаџери и познавачи на продукциските состојби

Фотографија: Fotolia/PinkShot

Српска музика и турски серии, со мали исклучоци, се главното мени на македонските телевизии. Домашна музичка естрада, која подолг период е во хибернација, е сместена во помалку гледани термини, а ако се има предвид дека македонски тв-серии речиси нема, тогаш не е тешко да се заклучи дека ваквото мени е помалку прашање на избор, а повеќе - на нужност. Дали приматот им е даден на турските серии и српските шоу - програми или таква е перцепцијата поради нивата присутност во ударните термини, во услови на отсуството на домашен производ?

Станува збор за перцепција, вели Иван Мирчевски, директор на Канал 5, комерцијална телевизија, која во својата понуда ги има споменатите тв-продукти.

„Канал 5, на пример, емитува двојно повеќе индиска програма отколку српска. A, ако направите статистика ќе забележите дека на тв-станиците во Mакедонија доминира американската продукција. Во последниве 20 години, никој не рекол претерувате со американска продукција. Никој не се прашал зошто домашната играна тв-продукција е речиси замрена? Зошто никој не се прашал за бројот и квалитетот на ТВ и кино филмови кои се снимале од осамостојувањето наваму? Од друга страна, нема домашна веселба или во кафеана, за кој било повод, на која не доминира српска (екс-ју) музика. Зошто никој не се прашал што се случува во последниве 20-ина години со македонската забавна и народна музика? Зошто не се 'родија' домашни мега-ѕвезди кои можат континуирано да полнат стадиони и да ја 'навикнат' домашната публика на домашна музика? Има премногу пропусти во минатото, кои сега резултираат со 'увоз' на странска продукција“, објаснува Мирчевски.

Мал неконкурентен пазар

Канал 5 засега е единствената домашна телевизија која минатата година продуцираше 3.500 минути играна програма со одлична гледаност, која наскоро ќе се емитува и во соседството, а вработи и 12 актери. Сака да и даде примат на домашната продукција, но тоа не зависи само од желбите и средствата, туку и од креативната понуда. Има ли криза на авторство во Македонија?

Експертите велат дека телевизиите не се единствените виновници за неквалитетната програмаФотографија: Fotolia/HaywireMedia

„Кризата на авторство е повеќе од очигледно, како во музиката така и помеѓу сценаристите. Последниве 3 години во Македонија како единствен репер за гледаност се користат пиплметри- уреди кои се инсталираат во домаќинствата по случаен избор. Тие 300-400 пиплметри ја 'креираат' сликата за она што е гледано, а што не е! Телевизиите добиваат нарачки за емитување реклами, исклучиво според резултатите од тие пиплметри, а тие во моментов велат дека Македонците сакаат турски серии и екс-ју музика. Можеби пиплметрите се поставени на 'погрешни места' , можеби тоа не е вистинската слика за она што е гледано, но засега тие единствените официјални показатели, кои се основа за заработка на комерцијалните телевизии кај нас. Затоа, телевизиите му аплаудираат на проектот на Владата преку кој се доделуваат средства на националните тв-станици за афирмирање на домашната продукција и искрено се надевам дека ќе помогнеме нашите гледачи наскоро да ги гледаат првите македонски тв-драми со поголем број на епизоди. Се надевам дека ќе се појават автори со сценарија кои ќе бидат гледливи и ќе се борат рамо до рамо со американската и турската продукција“, вели Мирчевски.
Македонски сценарист, кој не сака јавно да зборува на оваа тема, е песимист дека домашната продукција ќе направи некаков исчекор.

„Не треба да ги обвинуваме само телевизиите за понудената програма. Тоа би можеле само кога би имало нешто квалитетно наше, а од разни причини не му е даден тв-простор. За жал, ние немаме такви производи. Малкуте обиди во изминатите години покажаа и слаби сценарија и уште полоша реализација. Вистината е дека досега не сме имале добар концепт за една играна тв-серија. Па дури и кога би имале, треба да имаме предвид дека во регионов Хрватска, БиХ, Србија, а особено Бугарија, се многу понапред од нас во таа смисла. Колку би биле конкурентни надвор, ако е тоа важно за исплатливоста на еден проект? Ако сакаме да успееме, треба да понудиме нешто навистина оригинално и невидено досега. За жал, такво сценарио досега не сме виделе“, вели нашиот соговорник.

Гледачите избираат

Со новиот закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, телевизиите имаат обврска за задолжително емитување на играна и документарна програма (од десет до 20 часа годишно, во зависност од лиценцата - сопствена програма или создадена во соработка со македонски продуценти, за што ќе им бидат делумно покриени трошоците од буџетот. На располагање за оваа намена се значителни средства од европските фондови. Столе Наумов, новинар и поранешен член на Советот за радиодифузија, во субвенционирањето на продукцијата гледа едно од можните решенија за надминување на проблемот.

„Но, само ако тие пари бидат распределувани врз база на цврсти, објективни уметнички и телевизиски критериуми, без корупција, без партиски примеси во изборот на авторите, продуцентите но и на содржините. Решение за зголемена македонска продукција со оглед на ограничениот пазар би можеле да бидат регионалните копродукции со понагласена, порамноправна улога на македонските партнери и учесници, во кои ќе се синергираат ресурсите и технички и кадровски, со заеднички финансии, спонзори и поголеми шанси за продажба на создадената програма. Особено што менталитетот, поднебјето, минатото и близината ги прави - темите идентично интересни за најголем дел од државите во регионот“, сугерира Наумов.

Домашната продукција во Македонија е сведена на минимумФотографија: picture-alliance/dpa

Во јавноста владее впечатокот дека телевизиите ги создаваат навиките. Се верува дека ако им биде понудена добра документарна програма, на пример, тие не би гледале тв-сапуници без разлика дали се турски, шпански или американски.

Мирчевски го демантира ваквиот впечаток. Вели дека гледачите се насочуваат само кон она што го окупира нивниот интерес.

„Не можеш да го 'излажеш' народот и да му 'продадеш' тв-проект кој не го сака. Безброј

тв-проекти сме откажале токму поради слабата гледаност и тоа од Турција (тв-серии) и од Србија (тв-серии и шоу програми ). Ако продуктот е од Турција или Србија не постои ни најамала гаранција дека ќе биде гледан. Сме се обиделе и ние и нашите конкуренти да емитуваме тв-хумористични серии, па истите доживувале дебакл! Ако еден формат е успешен на една телевизија, нема гаранција дека 'копијата' на друга ТВ ќе има ист успех. На пример, таков е случајот со најгледаната утринска програма, нашата 'Здраво Македонијо', која често пати е погледана од сите четири утрински емисии на другите тв - станици. Телевизискиот бизнис е како 'лего систем', убава играчка кој бара постојано да се надградува и да се надополнува. Тешко дека некому можеш да му наметнеш да гледа нешто што не сака, затоа што веднаш ќе се фати за далечинскиот управувач и почнува - крајот“, констатира Мирчевски.

Но, и односот кон тв-програмата има „два краја“: едниот се постигнува со далечинскот управувач, а другиот - со остварениот „ефект“. Според Наумов, „стравот не е од србизација или османлизација на тв-програмата, туку од опасноста од шундовизација“.

Законските одредби во однос на квалитативната селекција на странски играни и музички програми, се со ограничена моќ на влијание. Забраната на емитување на одредени програми или нивно временско условување е можна само исклучиво од аспект на заштита на малолетната публика и авторските права. Се друго е во доменот на слободата на програмската и уредувачка политика на телевизиите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми