Македонските функционери „залепени“ за фотелјите
18 мај 2011Одговорноста во македонската политика е уставно загарантирана категорија но речиси воопшто неприменета категорија во пракса. Во две децениската самостојност на државата инструментот оставка од политички или морални причини е речиси непознат. Функционерите се однесуваат како да се незаменливи, како фотелјата да им е дадена засекогаш.
Експертите сметаат дека објаснувањето за таквиот стил на политичарите треба да се бара во ниското ниво на политичка култура, во се‘уште слабо развиената демократска свест на македонските политичари. Професорот Јове Кекеновски вели дека денешните политичари се однесуваат како нивните претходници во социјализмот.
„Имам чуство дека се влече една пракса од минатото, односно од социјалистичкиот систем каде што функционерите беа недопирливи, односно безгрешни визионери, тогаш важеше правилото дека комунистот не смее да поднесе оставка, туку треба да биде разрешен, а потоа рехабилитиран“.
Демократска вредност, но само на хартија
Во нормална земја функционер се повлекува за обичен пропуст, македонските министри бегаат од оставка и кога во ресорите им се случуваат вистински катастрофи. Професорката Тања Каракамишева објаснува дека одговорноста е база на македонскиот устав но само на хартија.
„Целиот тоналитет на Уставот е врзан со одговорноста, но кој како го чита уставот. Во основа, од осамостојувањето, политичките партии многу малку ја практикуваат особено во рамките на институциите политичката одговорност а таа би рекла дека е клучен, најбитен столб на функционирањето на демократијата во една земја“.
Единствен пример-Антони Пешев
Во Македонија во дводецениската самостојност се памети само една министерска оставка. Антони Пешев, во деведесеттите години министер за транспорт и врски се повлече од политиката по двете авионски несреќи што се случија во Македонија. Во меѓувреме и во мандатот на левицата и во текот на владеењето на десницата имаше неколку наводни министерски оставки кои не беа прифатени од премиерите.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Жана Ацеска